Врховниот судија Наќе Георгиев во 30-дневен притвор, за Мемети мерки на претпазливост

30-ет дневен притвор му е одреден на врховниот судија Наќе Георгиев, кој според Обвинителството директно бил фатен со 10 илјади евра, односно за примање на награда за противзаконско влијание.. 

Кривичниот суд му определи 30 дена притвор на врховниот судија Наќе Георгиев. Мерката е на барање на обвинителството поради влијание врз постапката и повторување на делото. Пред судија на претходна постапка се бранел со молчење, единствено рекол дека е наместен.

Судијата Георгиев беше уапсен вчера по пријава на синот на ексградоначалникот на струмичко Ново Село а ОЈОГОКК отвори истрага за примање награда за противзаконито влијание во која освен Георгиев, опфатен е и членот на советот на ЈО Иџет Мемети. Георгиев е фатен на дело како прима 10.000 евра во кеш, од страна на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој е осуден за трговија со марихуана, на кој му ветил дека ќе му ја олесни постапката.

„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот.“...стои во соопштението на Обвинителството.

За Мемети се бараат мерки на претпазливост – јавување во суд и одземање на пасошот.

Со оглед на тоа што судијата Георгиев бил фатен во вршењето на кривичното дело а тој има судиски имунитет, на барање на обвинителството Судскиот совет синоќа по полноќ на итна седница донесе одлука да му го одземе имунитетот, го одобри барањето за притвор и времено го оддалечи од вршењето на судиската функција. Полицијата изврши претреси во неговата канцеларија во Врховниот суд но и на други локации. Претрес според информациите бил извршен и во домот на членот на обвинителскиот совет Мемети.

Кина: НАТО да престане да ја префрла вината за војната во Украина

Кина го повика НАТО „да престане да ја префрла вината“ за војната во Украина, откако генералниот секретар на Алијанса го обвини Пекинг за влошување на конфликтот преку поддршката за Русија.

Јенс Столтенберг вчера ја повика Кина да се соочи со последиците за, како што го нарекоа американските власти, големиот извозен притисок за обнова на руската одбранбена индустрија.

Властите во Пекинг денеска нагласија дека НАТО „треба да се вклучи во саморефлексија наместо произволно оцрнување и напади врз Кина“.

- Го советуваме (НАТО) да престане да ја префрла вината и да сее раздор, да не долева масло на огнот и да поттикнува конфронтација, туку да направи нешто практично за политичко решавање на кризата, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Жијан.

По инвазијата врз Украина се интензивира стратешкото партнерство помеѓу Кина и Русија, а ги отфрли западните тврдења дека ги помага воените напори на Москва./МИА

До крајот на неделава жолто и портокалово ниво за опасност од високи температури

 Од утре до недела, како што соопштија од УХМР, земјава ќе биде под влијание на стабилна и многу топла воздушна маса од југ, која ќе предизвика сончево и натпросечно топло време за овој период од годината.

Дневните температури насекаде ќе бидат над 30, а наместа ќе достигнуваат 40 степени.

- Според прогнозираните и пресметаните гранични вредности на екстремни температури од УХМР, на територијата на нашата земја утре ќе биде активно жолто, а во Скопската и Полошката котлина портокалово ниво за опасност од високи температури. Поради натамошен пораст на температурите од четврток насекаде ќе биде активно портокалово ниво, се додава во соопштението од УХМР.

Русија ги започнува воените маневри во Тихиот Океан

Русија започна со поморски маневри во Тихиот Океан, вклучувајќи вежби за борби против подморници и противвоздушни удари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во вежбите учествуваат околу 40 пловни објекти и околу 20 хеликоптери и авиони. Маневрите „ќе продолжат до 28 јуни во водите на Тихиот Океан, Јапонското Море и Охотското Море“, се наведува во соопштението на министерството.

Во различни фази, морнарите ќе изведуваат ракетни напади врз бродски групи на конвенционален непријател, како и ќе одбиваат напади со беспилотни летала и чамци без екипаж, нагласува Министерството. /МИА

притисни ентер