За Канал 5 вели дека ингеренциите во овој случај се само кај претседателката на комисијата за социјална политика Илире Даути, а тој лично не го крши Деловнкот. За да се решат сите недоречености кои се злопотребуваат од страна на пратениците, најави дека ќе бара да се разгледуваат во собраниската комисија за деловнички прашања. Меѓу нив, и за Законот за бранители кој Даути од „Европскиот фронт“ одбива да го стави на дневен ред.
-Деловникот во член 126 не вели дека „ако претседателот на комисијата одбива да стави конкретен закон“, туку „ако претседателот на комисијата не свика седница“. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, деловникот ми го одзема правото да интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата. Во овие четири месеци увидовме неколку недоречености како овој со Законот за бранители, како двојната функција на Талат Џафери, и уште неколку други прашања кои наскоро планирам да ги решиме преку комисијата за деловнички прашања - тие да одлучуваат и да носат заклучоци за следната измена на собранискиот деловник,-Африм Гаши – претседател на Собрание.
За законот со кој се уредуваат правата на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства сите партии на Албанците се против бидејќи не вклучувал права и за борците на ОНА. Министерот Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ смета дека сега воопшто не е време да се отвора ова прашање.
-Не знам зошто се драматизира Законот за бранители. Ова е седми пат законот е носен 2002, 2005, 2007, 2009, 2013, 2015, и сега мислам дека не е моментот да се разговара на такви теми. Така да, мислам дека таа точка сега за сега нема да се третира, нема ни да помогне, меѓутоа ништо трагично зошто толку драматизираат овие партии опозициски, посебно албански-Арбен Таравари – министер за здравство, коалиција „Вреди“.
Во владината коалиција темата за бранителите досега не била отворена. Премиерот Мицкоски го повтори неговиот став дека од него имаат поддршка, но за собранискиот заплет ја прозва претседателката на комисијата Даути.
-Не, не сме разговарале на оваа тема. Ние јасно сме го кажале нашиот став во минатото, бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка,-Христијан Мицкоски – премиер на Македонија.
Новинар: Но Илире Даути не го става законот на комисиска седница, практично законот е во фиока.
Мицкоски: Ќе треба да ја прашате Илире Даути... Па треба да го стави на дневен ред.
Предлог-измените за законот ги предложи Славјанка Петровска од СДСМ, а за гласањето на дневниот ред доби поддршка и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Со нив се предвидува еднократен надоместок за нематеријална штета од 80.000 евра за семејствата на загинатите војници и полицајци од 2000та до денес.