Здравствениот инспекторат го почна надзорот за починатото бебе

Државниот здравствен и санитарен инспокторат го почна надзорот кој треба да утврди дали и каде имало пропусти при лекувањето на бебето старо десетина дена кое во петокот почина на детската клиника во Скопје, а било донесено од струмичката болница.

Од ДСЗИ за Канал 5 велат за неколку дена очекуваат да биде готов извештајот по што јавноста ќе биде информирана.

Извори од клиниката, за Канал 5 велат бебето имало фетален дистерс и меконијална аспирација, односно првиот измет бил уште во утробата на мајката, сериозна состојба што може да направи голема инфекција кај новороденчето. Од Клиниката уверуваат дека на бебето пружана му била нега и дадена му е целосната терапија кога стигнало кај нив, но и покрај напорите на докторите, сепсата била фатална.

Министерот за здравство Таравари вели ќе се испитаат сите околности, и тој посочува бебето било донесено на детска клиника во многу лоша состојба, а според информациите бременоста на мајаката вели не била редовно контролирана.

„Се работи за бременост која не била следена баш како што треба барем според моите информации...Потоа детето е задржано во домашни услови или во струмичката болница и кога е донесено бебето во клиниката за педијатрија веќе било во многу влошена состојба така да треба да се видат сите околности и според тоа и министерството ќе постапи.“ -изјави Арбен Таравари – министер за здравство.

Вчера и директорот на клиниката Реџеп Мемеди за Канал 5 посочи дека новороденчето било со закаснување донесено од Струмица во тешка состојба, со сепса, која кај предвремено родените деца има висок степен на смртност.

Но, од струмичката болница, вчера во изјава за Канал 5 рекоа дека бебето е родено во 38 гестациска недела, со добар апгард. Кажаа дека бебето поради меконијална плодова вода било ставено на антибиотик и така било испуштено дома, но во добра здравствена состојба.

„Гинеколозите ни пријавија дека мајката има меконијална плодова вода и ние како превенција го ставивиме на антибиотик и беше со добра сатурација за цело време значи додека е на престој и на испишување со лабаратории земени, детето е со уреден статус, уредни витални парамтри испишано дома, значи добро, со стабилна состојба....е сега во меѓувреме имаат они инфект дома пријавено е дека членови на фамилијата се со инфект и се враќаат 8мит ден кај нас, високо фибрилно, со една фебрилна состојба но стабилно за цело време стабилно.... е сега третиот ден од престој ни прави повторно шуб некаде 38 со 2 и неонатални затради што ја консултираме клиниката, и бееше препратено со медицински транспорт и екипа на клиника за детски болести, меѓутоа во стабилна состојба без кислородна поддршка афебрилно.“ -изјави Васка Трајкова – специјалист педијатар во болница Струмица.

Ова е втор случај на починато бебе во земјава во изминатиов еден месец. Пред неколку недели на детската клиника почина 14 месечно бебе, за кое комисија составена од министерството за здравство потврди дека имало пропусти во лекувањето и на Детската клиника и во болницата Козле..

Триесет и шест нови волонтери на Мировен корпус положија заклетва

Ќе работат како специјалисти и наставници по англиски јазик.

Соработката и партнерството кои ги поврзуваат луѓето од различни земји и култури поттикнуваат меѓусебно разбирање, справување со различни предизвици и овозможуваат заеднички просперитет. Ангажманот на волонтерите е пример за моќта на таквата соработка. Тие речиси три децении го вложуваат своето искуство во градењето генерации на ученици со поголеми знаења и вештини, за што сме им многу благодарни, порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, на настанот по повод положување заклетва на 36 нови волонтери на Мировниот корпус во Скопје.

Новите волонтери ќе се приклучат на групата која брои повеќе од 900 волонтери кои служеле во Македонија. Ова е дваесет и седмата група која ќе живее и работи во нашата држава од отворањето на првата канцеларија на Мировниот корпус во Скопје во 1996 година.

На настанот денеска беше одбележано успешното завршување на интензивната 11-неделна обука во која волонтерите ги изучуваат македонскиот и албанскиот јазик и култура.

По давањето заклетва, новите волонтери на Мировниот корпус ќе ја почнат својата двегодишна служба во заедниците низ Северна Македонија. Тие ќе работат како наставници по англиски јазик заедно со локални наставници по англиски јазик, а дел од нив ќе служат како специјалисти за развој на заедницата кои ќе работат со различни организации и општини.

Министерката Јаневска во своето обраќање информираше дека волонтерите ќе помагаат за изучување на англискиот јазик во 17 училишта. Таа напомена оти верува дека тие ќе ја засакаат нашата држава и ќе го вложат целото свое знаење и умеење, за да им помогнат на учениците да го совладаат англискиот јазик.

-Денеска ги поздравуваме и им посакуваме добредојде на 36 наши нови пријатели, од кои дел почнуваат со волонтирање во 17 училишта распределени во различни локални заедници од нашата убава држава. Длабоко верувам дека нелагодноста што ги оставиле своите семејства и пријатели и удобноста на домот, во претстојните две години од ден на ден ќе ја заменуваат со радост од запознавањето на нова култура, обичаи и новите луѓе, кои за нас се нашето најголемо богатство. Не се сомневам дека новите волонтери, одбрани со одлични препораки, обуката што ја имаа овде ќе биде значајна помош на заедниците, каде што ќе работат исто како и сите нивни претходници, рече Јаневска.

Таа додаде дека соработката со професорите по англиски јазик во училиштата не само што ќе ги зајакне јазичните вештини на учениците, туку ќе ја поттикне нивната љубопитност преку игри, приказни, практични активности и други креативни методи за учење странски јазик.

Според министерот за локална самоуправа Зоран Перински, волонтерите заслужуваат посебно место поради нивната лична определба и посветеност да ги споделат своето знаење и искуство стекнати во Соединетите Американски Држави, со граѓаните на нашата држава и несебичо да помагаат.

-Граѓаните на Македонија со децении градат цврсти пријателски односи со американскиот народ. Заедно реализираме многу заеднички проекти, директно финансирани од даночните обврзници на САД, проекти кои имаат големо влијание врз животот на нашите граѓани. Мировниот корпус е присутен во земјата безмалку три децении и има голем придонес во зајакнувањето на пријателството. Престојот и работата на повеќе од деветстотини волонтери во земјата, е повеќе од само импозантен број. Тоа се многу повеќе пријателства, некои и трајни, преку кои се шири мрежата на нашите пријатели и добронамерници, рече Перински во своето денешно обраќање.

Како што посочи, до сега 91 волонтер биле вклучени во 49 општини. Напомена дека благодарение на нивната посветеност, организирани се многу курсеви за изучување на англискиот јазик, реализирани се голем број на хуманитарни акции, кои што се во директна соработка со граѓанскиот сектор.

-Во поново време, забележлива е соработката со секторите за локален и економски развој и секако со центрите за регионален развој. На локално ниво, можностите за осмислување и спроведување на заеднички активности се големи. Нашите луѓе се секогаш со подадена рака за гостите кои што доаѓаат со добра намера и отворено срце. Отворени им се вратите на нови волонтери во општините Росоман, Пехчево и Зрновци, додаде Перински.

Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер рече дека волонтерите ќе продолжат вредно да работат и да пленат со својата предаденост како амбасадори на Соединетите Американски Држави во оваа земја.

-Во мојата улога како амбасадорка, како и во текот на мојот претходен ангажман во Македонија, имав можност да ги посведочам ентузијазмот и енергијата на волонтерите на Мировниот корпус на дело. Волонтерите ги следам како работат во училишта, граѓански асоцијации, организации, општини, летни кампови и во нивните заедници, каде што живеат и работат, додаде Агелер.

Според амбасадорката, волонтерите го претставуваат најдоброто од она што Америка му го нуди на светот, а што е уште поважно, тие со себе назад ќе го однесат најдоброто од она што Македонија му го нуди на светот.

-Тие градат мостови меѓу луѓето од нашите две држави кои траат со години и продолжуваат да постојат дури и кога волонтерите ќе завршат со својата служба. Мисијата на Мировен корпус е промоција на мирот и пријателството. Кога претседателот Џен Кенеди ја потпиша легислацијата пред 63 години за основање на Мировен корпус, неговата замисла за примарниот ангажман на волонтерите беше да донесат мир и пријателство и да ги промовираат врските меѓу САД и светот, додаде Агелер.

Како што непомена, оваа цел е исто толку значајна денес, колку што била значајна во минатото.

-Ќе научите толку многу од ова искуство, ќе откриете дека сте посилни отколку што сте биле - барем јас така се почуствував, а вашето влијание ќе остави трага како сега, така и во иднина. Со нетрпение чекам да ве посетам во вашите места, ширум оваа прекрасна земја, посочи амбасадорката.

Јаневска: Знаењето и креативноста на граѓаните се основа за развој на државата

Новата Влада нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал.

Новата Влада нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал, а секој личен успех е успех и на државата. Ова денеска го порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, која преку видео обраќање учествуваше на отворањето на Самитот на Фондацијата Маариф од Турција, на тема „Образование за фер и еднакво општество за одржлива иднина“, што четврти пат се одржува во Истанбул.

- Дел сум од релативно нова влада, која пред пет месеци го започна мандатот со силна волја и енергија за промени кои ќе обезбедат квалитетен и инклузивен образовен систем. Тие промени веќе се случуваат. Работиме на поквалитетни наставни програми и учебници, на дигитализација, на мотивација на наставници, подобрување на инфраструктурата и оптимизација на училишната мрежа, како и воведување едносменска работа и продолжен престој за учениците исполнет со содржини кои ги интересираат. Секако, важен приоритет е и високото образование, како и усвојувањето на нова законска регулатива за повеќе и подобри можности за сите чинители на системот, нагласи Јаневска.

Јаневска, како што информира Министерството за образование и наука (МОН), потенцираше дека голема грижа се води за опфатноста на образованието, односно овозможувањето еднаков пристап и фер шанса за секого да се надградува под исти услови како и сите останати.

- Диспаритетот во знаењата на различните општествени групи во мојата земја е евидентен и тоа се должи на повеќе фактори чие влијание се трудиме да го неутрализирамe. Разлики во знаењето има меѓу децата од различни региони во Македонија, меѓу ученици кои припаѓаат на различни етнички заедници, a разлики причинува и социјалниот статус на семејствата од каде потекнуваат децата, рече министерката Јаневска.

Потенцираше дека со процесот на оптимизација на училишната мрежа, ќе се елиминира првиот фактор. Дел од децата од руралните средини, ќе бидат преместувани во централни училишта каде поголема е социјализацијата, компетитивноста и каде училиштата се подобро организирани и опремени. За децата пак, од социјално ранливите семејства се обезбедуваат посебни права за финансиска поддршка и стимулација на едукацијата.

- Работиме на подигнување на свеста кај дел од населението за важноста на едукацијата и за поголема посветеност кон училиштето, а со нова и зајакната законска регулатива ќе спречуваме сегрегација, но и секаков вид дискриминација во образованието, додаде Јаневска.

Таа изрази благодарност до сите меѓународни партнери за поддршката која државата ја добива во заложбите за подобар образовен систем, меѓу кои ги вброи и турската владина организација ТИКА, како и Маариф фондацијата. Повика преку заедништво и иновации да продолжи развојот на образованието, кое, како што рече, овозможува мир, толеранција, разбирање на различностите и движење на светот напред.

Самитот се одржува денеска и утре, а на неколкуте панел дискусии ќе учествуваат претставници на 50-тина држави од светот. Воведни говорници на настанот беа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министерот за национално образование Јусуф Текин и претседателот на фондацијата Бирол Акгун.

Мисајловски: Македонската Армија нуди услови за заокружување на целиот процес за извежбување

Македонската Армија нуди услови за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди.

Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес денеска во посета беа министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорките на Канада Мишел Камерон и на Украина Лариса Дир и високи воени претставници од Канада и Полска кои присуствуваа на Денот за високи гости и затворањето на вежбата „Maple Arch 24“ која се реализира во нашата држава од 25 ноември, во Центарот за симулации во Велес и на Армискиот полигон „Криволак“.

Министерот Мисајловски истакна дека оваа вежба, која се реализира по 25 пат и на која учествуваат повеќе од 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски земји, се разликува од сите претходни поради комбинацијата на компјутерска симулација и реализација во теренски услови со што се заокружува еден процес на изведување вежби.

-Она што го гледаме тука во Велес и активностите кои се одвиваат паралелно на „Криволак“ се најголемиот доказ дека македонската Армија нуди услови и можности за заокружување на целиот процес за извежбување согласно највисоките НАТО – стандарди, истакна Мисајловски.

Воедно појасни дека соработката меѓу армиите директно влијае на зајакнување на интероперативноста, но и на безбедноста.

Мисајловски упати честити до сите припадници од земјите учеснички кои со својата професионалност, посветеност и мотивација успешно ја реализираа оваа јубилејна вежна и упати благодарност до канадските сојузници за поддршката во организацијата.

-Меѓусебната посветеност на развојот на одбренбената соработка е видлива и преку ваков вид на заеднички обуки и вежби кои ќе продолжат и во иднина, најави министерот Мисајловски.

На настанот се обрати началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор, Сашко Лафчиски кој нагласи дека изведувањето на ваков вид вежби е доказ за обученоста, континуитетот и кохезијата меѓу припадниците што овозможува зајакнување на врските со сојузниците и партнерите и постигнување нови искуства во мултинационална средина.

Канадската Амбасадорка Мишел Камерон упати благодарност до македонската Армија и државата за извонредната поддршка за изведување на вежбата.

-Оваа вежба го покажува единството и ја потврдува заедничката посветеност кон глобалниот мир, стабилност, заеднички вредности и партнерството во НАТО и само со заеднички и проективен пристап ќе придонесеме за помирен и побезбеден свет, потенцира Амбасадорката на Канада, Камерон.

Мултинационалната вежба „Maple Arch 24“ е вежба на која учествуваат околу 600 припадници од македонската Армија и припадниците на вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Вежбата е спонзорирана и поддржана од страна на Директоратот за воена обука и соработка на Вооружените сили на Канада.

притисни ентер