Зеленски: Кремљ имаше увид во плановите на украинската контраофанзива во 2023 година

 Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека „Русија успеала да добие увид во плановите на украинската контраофанзива во 2023 година уште пред да започне, а чиј неуспех и нанесе тежок удар на Украина“.

„Нашите планови за контраофанзива беа на масата на Кремљ пред да започне контраофанзивата“, рече Зеленски на прес-конференција.

На новинарско прашање, Претседателството на Украина потврди дека Зеленски мислел на протекување информации.

Тој појасни дека неговите воени лидери развиле неколку борбени планови за 2024 година за да надоместат за „протекување информации“ во иднина.

Големата украинска контраофанзива во летото 2023 година беше пресретната со силни руски одбранбени линии кои ги исцрпеа ресурсите на украинската војска без да дозволат ослободување на регионите окупирани од Русија.

Украинскиот претседател на денешната прес-конференција рече и дека победата на Украина ќе зависи од воената помош на Западот и додаде дека е сигурен оти американскиот Конгрес ќе го одобри долгоочекуваниот пакет помош.

„Ако сме силни, со оружје, нема да ја изгубиме оваа војна“, рече Зеленски, кој првпат денеска објави дека во војната со Русија загинале 31.000 украински војници. /МИА

Алегри: Целта е Јувентус да биде во ЛШ, а потоа управата ќе одлучи за мене

 Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри повторно призна дека не знае дали ќе остане на чело на тимот и следната сезона. Во принцип, тој е врзан за клубот до летото 2025 година, но според многумина, тој сега ќе си замине.

-Целта е место во ЛШ, бидејќи се работи за 100 милиони евра. А за мојата иднина, како и секогаш, клубот ќе одлучи што е најдобро. Пред почетокот на сезоната, пред нас беа поставени две цели: пласман во ЛШ и освојување на Купот на Италија. Сега е важно да останеме заедно и да се бориме. Местото во ЛШ е приоритет и од финансиски причини не можеме да дозволиме да бидеме изоставени од турнирот, потсети Алегри.

Вчера сопственикот на Јуве, Џон Елкан прецизираше дека актуелната сезона е „нула“ за клубот под водство на новиот спортски директор Кристијано Џунтоли. Пред една година тој уверуваше дека Алегри е клучна фигура за иднината на тимот од Торино.

-Работата во Јуве ќе продолжи и во наредните години со новиот директор Џунтоли. Задачата беше да внесеме фудбалери од школата во тимот и мислам дека тоа го исполнивме, убеден е тренерот.

Во следното коло во Серија А, Јувентус за противник ќе го има градскиот ривал Торино.

-Треба да работиме напорно овој месец. Многу е важно да имаме шанси до самиот крај. А особено откако Торино има 15 „суви мрежи“ во текот на сезоната, што значи дека дозволуваат по еден гол на два меча. Ова дерби е секогаш посебно, заклучи Алегри. /МИА

Норвешка е подготвена да ја признае палестинската држава

Норвешка е подготвена да ја признае палестинската држава во соработка со други земји, изјави денеска норвешкиот премиер Јонас Гар Стјоре во присуство на неговиот шпански колега Педро Санчез, кој се залага за такво признавање.

„Норвешка е подготвена да донесе одлука за признавање на палестинската држава. Таа одлука мора да се донесе врз основа на време и контекст, во тесна соработка со истомислениците. Не одредивме конкретен датум“, изјави Стјоре во Осло на заедничката прес-конференција со Санчез.

Норвешкиот парламент во ноември усвои предлог со кој се бара од владата да биде подготвена да признае независна палестинска држава.

Норвешка, исто така, беше домаќин на првите израелско-палестински мировни разговори на почетокот на 1990-тите, кога беше постигнат договор, но не беше спроведен, за мирен соживот меѓу двете независни држави.

Шпанскиот премиер оваа недела тргна на турнеја низ Полска, Норвешка и Ирска за да разговара за „потребата за придвижување кон признавањето на Палестина“.

„Шпанија е јавно посветена да ја признае палестинската држава што е можно поскоро, кога ќе се поволни условите и на начин што ќе има најсилно можно позитивно влијание врз мировниот процес“, рече Санчез во Осло.

Според шпанските медиуми кои го придружуваа Санчез на неговата турнеја низ Јордан, Саудиска Арабија и Катар минатата недела, шпанскиот премиер тогаш го спомена крајот на јуни како можен датум за признавање на палестинската држава.

„Ја поздравувам иницијативата на премиерот Санчез да се консултира со истомислениците за да се зајакне координацијата, а таа координација ќе ја зајакнеме во наредните недели“, рече норвешкиот премиер.

Санчез инаку е многу критичен кон ставот на израелската влада на чело со Бенјамин Нетанјаху од почетокот на конфликтот во Газа. /МИА

Ердоган разговараше со Абас: Израел ќе ја плати цената за угнетувањето во Газа

Претседателот на Република Турција Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Израел ќе ја плати цената за угнетувањето во Појасот Газа, јави Анадолија.

Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство Фахретин Алтун соопшти дека Ердоган имал телефонски разговор со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

„Ердоган за време на тој разговор рече дека Израел ќе ја плати цената на угнетувањето. Мора да се мобилизираат сите средства за прекин на огнот во Газа, вклучително и спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече Алтун.

Повеќе од 33.600 Палестинци се убиени во Газа во нападите што Израел ги спроведува континуирано од 7 октомври минатата година, кога командоси на Хамас упаднаа во Израел и во масакри и ракетни напади убија над 1.000 луѓе и киднапираа околу 200 лица.

притисни ентер