По бугарското МНР, и Кабинетот на Радев се огласи со реакција за изјавата на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски кој во интервјут за Алфа ТВ нашиот источен сосед го нарече нецивилизиран домаќин за изоставувањето на македонските знаме при посетата на претседателката Сиљановска на Софија. Велат дека за „цивилизираноста на македонската влада допрва ќе се оценува според тоа дали ќе продолжи да биде дел од, како што ги нарекуваат, кампањите на поттикнување на омраза кон Бугарија, како и од способноста да ги почитува меѓународните договори.
Изјавата на Николоски предизвика бура од рекации кај сите политички партии во Бугарија, а Бојко Борисов побара и негова оставка..
„Очигледно со тие луѓе, пријателски средби дури и поврзани со операта, не треба да има, надвор од официјалните, ако се прават. Доколку се прават јасно да се каже што мисли едната или другата држава. / За јазикот кој го користат има само едно извинување, а тоа е оставка на тој министер (Николоски) и ако не го направат тоа, ниту претседател, ниту премиер, ниту министри, ниту партии треба да се гледаат и да разговараат со нив.“
Македонско-бугарските односи се главна тема и во тамошното Собрание... Најжесток во својата реторика беше, пратеникот од Има таков народ, Тошко Јорданов кој Македонија ја нарече територија, а Македонците како народ ќе исчезнат.
„Тие (Македонците) се дел од бугарската историја и може да се согласиме дека имаат нешто како историја од 1944 -45 година, кога ги создаваат по коминтерновска линија. Имаат историја како територија. Како народ немаат, затоа што се дел од бугарската историја. Посетата кај претседателот Радев на таа дама, која се води како амбасадор на територијата која е наречена Северна Македонија е неофицијална, таму нема потреба да се ставаат знамиња. Македонскиот народ тие се нормални луѓе. Актуелните луѓе на власт не се. И во крајна линија тие (Македонците) ќе исчезнат, Бугарија е поголемата држава, вистината е на нашата страна и ќе чекаме да исчезнат, ние нема да брзаме. “
На прозивките преку видео обраќање одговори вицепремиерот Александар Николоски. Тој на Борисов му одговара дека политичари осомничени за криминал и корупција не се достојни од него да бараат оставка. Повторува дека останува зад кажаното.
„Нивното занимавање со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, уште по малце да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема. / Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизии. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене?
Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене.“
За изоставувањето на македонското знаме на средбата Сиљановска-Радев, реагираше и македонското МНР, но официјална Софија остана на објаснувањето дека тоа било неофицијална посета, на која според нив, немало потреба од поставување на македонското знаме.