Зиков: Изборите поминаа, мора да се оладат главите

„ Проблемот е во политичката волја на владата дали сака да го реши и временски кога сака да го реши прашањето со уставните измени“

Со инаугурацијата на претседателката на Македонија, почнато е со „дур“, ќе видиме понатаму како ќе се даваат и заклетвите од страна на министрите и како ќе се одвива тоа. Мора да се корегираат некои позиции. Мора да го фатиме патот со ЕУ, Албанија е спремна за преговори, Србија и Црна Гора веќе преговараат и тоа мора да почне сега. Не смеат да се прават грешки, мора да се оладат главите, изборите поминаа. Претходно ние требаше да се качиме на возот што стоеше за Европа, а сега возот се движи кон Европа а ние трчаме и треба да се качиме. Доколку партиите од Албанскиот блок не останат на висината на задачата и тоа што го ветиле тогаш ќе им паѓа рејтингот, а ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да го реши тоа што не сакаше 4 години претходно да го реши, само да најде начин како да го „спакува“. Проблемот е во политичката волја на владата дали сака да го реши и временски кога сака да го реши прашањето со уставните измени. Едно сценарио е да се почекаат локалните избори и да го решат по нив за да не им падне рејтингот, друга опција е по нова година, тоа ќе биде исто така на почеток на мандатот, а паметни влади такви поркупни прашања решаваат на почеток на мандатот, трета опција е можеби заедно со локалните да има и предвремени избори па така ВМРО-ДПМНЕ да си го зголеми бројот на пратениците, од 58 на 62 и така да има стабилно мнозинство да ги усвои уставните измени, рече Љупчо Зиков во Само Вистина.

Мицкоски:Ветерниот парк на „Алкараз Енерџи“најголема инвестиција во делот на обновливите извори

Ветерниот парк на „Алкараз Енерџи“ најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.

Ветерен парк со 55 ветерници кои ќе произведуваат еден терават час електрична енергија ќе се гради меѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Изградбата се очекува да започне во втората половина на 2025 година, а со оваа странска инвестиција на „Алказар Енерџи“, вредна над 500 милиони долари, се очекува да се отворат нови 630 работни места.

Ветерниот парк, како што беше посочено на денешната промоција на инвестицијата, ќе произведува електрична енергија со која ќе се задоволат потребите на околу 100 илјади домаќинства.

Според премиерот Христијан Мицкоски, се работи за најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.

- Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршување на овoј проект дури 100-тина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти - со него ќе се зајакне значително енергетката независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо, рече Мицкоски.

Додаде дека целта на Владата е земјата да стане енергетски независна во делот на енелектричната енергија и според него, тоа може да се реализира со детален план.

- Планот го имаме, луѓето ги имаме, останува само да ја завршиме домашната задача што сами ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти, Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор. Така функционирам, а така ќе функционира и оваа Влада, рече Мицкоски.

Министерката за енергетика Сања Божиновска најави програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.

- Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постоечката регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија, посочи Божиновска.

„Алкараз енерџи“ е водечки независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи кои се фокусираат на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој.

Најмалку 24 лица го загубија животот во поплавите и свлечиштата на Брегот на Слоновата Коска

Најмалку 24 лица го загубија животот во поплавите и свлечиштата во најголемиот град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, по една недела рекордни врнежи, соопштија денеска властите.

Властите изјавија дека количината на врнежи е четири пати поголема од вообичаеното во некои области.

Поплавите и свлечиштата, исто така, предизвикаа голема штета на куќите и патиштата во градот, соопшти Националната канцеларија за цивилна заштита на Брегот на Слоновата Коска.

Ѓоковиќ: Не дојдов на Вимблдон само за да одиграм неколку кола

 Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави наскоро кога ќе донесе конечна одлука за евентуалното учество на Вимблдон. 

Вториот светски рекет пристигна во Лондон на 24 јуни, каде ќе се одржи турнирот.

- Многу сум задоволен од тоа како се одвиваат работите. Сè уште не сум на 100 проценти, но се надевам дека ќе го направам тоа во следните неколку дена. Рехабилитацијата оди во вистинска насока. Ќе донесам одлука врз основа на тоа како ќе се одвиваат работите во следните четири или пет дена. Дали ќе играм само ако сум сигурен дека ќе победам? Секако, не дојдов овде само да одиграм неколку кола. Но, сè уште немам планови да се повлечам од тенисот, така што ова нема да биде мојот последен Вимблдон. Ќе донесам одлука пред ждрепката да бидам фер кон другите играчи. Се разбира, сè е непредвидливо. Не знам што може да се случи кога турнирот ќе започне, изјави Ѓоковиќ за „Дејли експрес“.

На почетокот на јуни 37-годишниот Србин успешно го оперираше коленото. Ѓоковиќ заработи повреда на менискусот во четвртото коло на Ролан Гарос каде играше против Аргентинецот Франциско Черундоло. На оваа средба победи во пет сета, но подоцна се повлече од четвртфиналето на турнирот.

Вимблдон 2024 ќе се одржи од 1 до 14 јули во Лондон (Англија).

притисни ентер