Во интервју за ЕРТ, тој го повтори официјалниот став на нашиот јужен сосед кој вчера го изнесе и грчкиот премиер Мицотакис и додаде дека спроведувањето на договорите како што кажа, не зависат од личните ставови на функционерите. Говорејќи пак за можноста официјална Атина повторно да стави вето на евроинтегративниот процес на земјава, тој истакна дека тоа е институционално право на земјите-членки на Унијата, а почитувањето на Преспанскиот договор пак, предуслов за напредокот на земјава кон Унијата.
-Сите разбираме дека новото политичко раководство можеби има поинакво гледиште идеолошки, во погледот на светот, но има и прашања кои се надвор од нивната волја. Не се работи за самоопределување на секој различен политички функционер. Ова го разбираме сите, се работи за почитување на договорите и грчката влада ќе дејствува во оваа насока,- - Јоргос Герапетрис – Министер за надворешни работи на Грција .
Во четириесет минутнтото интервју, Герапетрис се осврна и на трите меморандуми за соработка кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а Грција се уште не ги ратификува. Според него, тие биле неправедно обвинувани за тоа, а меморандумите како што кажа, ќе поминат во грчкиот парламент, откако Атина ќе биде уверена дека договорот е целосно испочитуван.
Од американскиот Стејт Департмент пак за МИА со порака дека остануваат посветени на евроинтегративната перспектива на Македонија и ќе продолжат да го зацврстуваат значењето на почитувањето на меѓународните договори.
-САД остануваат целосно посветени на Преспанскиот договор и евроатлантската интеграција на Македонија. Додека новата влада се формира и се избира премиер ние ќе продолжиме да го зацврстуваме значењето на почитувањето на меѓународните договори и бенефициите од целосно членство во ЕУ – велат од Стејт Департментот.
Од кабинетот на Силјановска Давкова пак, вчера преку соопштенија посочија дека таа има право да го употребува името Македонија како право на самоопределување и самоидентификација. Во официјалниот став на претседателката се оценува и дека македонските институции изминатите пет години речиси целосно ги исполниле обврските од договорот и очекува истото да го направат и останатите кои преземале билатерални и мултилатерални обврски кон земјава.