Огнените јазици, помогнати од ветрот, безмилосно ги голтаат куките од Драмче и Селник, планински села од разбиен тип. А, се започнало од фурна за леб од Стамболиското маало во Драмче. Куката во која била фурната е лоцирана на помалку од педесетина метри од густиот  појас од борова шума. Над сто лица, меѓу кои пожарникари од Берово, Делчево и Пехчево во содејство со припадници од ЈП Македонски шуми, Граничната полиција и месното население, вложуваат крајни напори огнената стихија, да ја стават под контрола.

- Голем пламен е и голем пожар. Поради тешко пристапниот терен многу тешко е да се стави под контрола. Но, ние сме тука и ќе бидеме тука се додека не го изгаснеме пожарот , изјави еден од мештаните.

-Голема е површината од борова шума, што ја опфати пожарот. Теренот е непристапен за било каква механизација да се стави во погон, затоа мораме вака рачно, дополни Лоренцо Трајановски – пожарникар.

Околу 200 хектари борова шума е во пламени јазици, информираат од Центарот за управување со кризи.  Еден дел од огнената линија е спречена да се шири кон  границата со соседна Бугарија, а спасена е и црквата „Св Петка“, значаен културно-верски споменик од 14 век. Пожарот досега пеплоса десетина куќи и објекти во неколку маала од спомнатите планински села Драмче и Селник. Последната информација од надлежните е, пожарот е локализиран. Инаку, синоќа дејствувале и авионите канадери од Дирекцијата за заштита и спасување.

Датум на објава: среда, 13 септември 2017 во 14:30
Дејан Ефремов
Обновено во: 15:25

коментари

остави коментар