На приемот, Канал 5 поразговара со нашиот амбасадор во Грција кој вели дека динамиката на дијалог меѓу двете соседни земји се очекува да продолжи и со посуштински разговори особено по двете средби меѓу Димитров и Коѕиас.

„Во наредниов период таа динамика се очекува да продолжи со уште повеќе зголемен интензитет , но верувам и со зголемен квалитет околу содржината на разговорите. Како што беше истакнато од двата министри во Скопје, а и претходно во Атина се очекува наредниве месеци посуштински да се разгледуваат и главните прашања, односно прашање со кои што се оптоварени односите на двете земји, а паралелно со тоа да продолжи и дискусијата и конечно да прејдеме на поопипливи резултати во поглед на мерките за градење доверба односно за подобрување на практичната конкретна соработка меѓу двете земји. „ – вели Дарко Ангелов, амбасадорот на Р. Македонија во Грција.

Веќе 2 години Скопје и Атина работата на практичната соработка, преку потпишаните мерки за градење доверба, а Ангелов за Канал 5 вели дека сега, сега двете министерства за надворешни работи треба да ја сменат климата од изминатите години.

„Не е да се бараат изговори, но се работи за една клима од 20 и повеќе години во кои што не беше премногу вообичаено да се случува практична конкретна соработка меѓу двете земји, особено помеѓу разните институции на двете влади. Сега се обидуваме таа култура, можеби е премногу тешко да се каже несоработка или мала соработка, недоволна соработка да ја смениме. Тоа не оди лесно бидејќи се бориме со стари навики и стари предрасуди, но двете министерства за надворешни работи го предводат овој процес  на некој начин да ги убедиме и доближиме сите ресорни министерства за таа соработка да се придвижи. “ – објаснува македонскиот амбасадор.

Ангелов вели дека резултатите од мерките за градење доверба се уште не се видливи бидејќи се работи за инфраструктурни  проекти за кои што е потребен период на подготовки, но е оптимист дека во следниот период ќе ги видиме и во пракса потпишаните практични мерки. Како еден од побитните проекти тој го споменува гасоводното поврзување на двете држави.

Датум на објава: четврток, 14 септември 2017 во 13:13
Сања Ристовска

коментари

остави коментар