Коѕиас: Мешањето на трети ќе го отежне изнаоѓањето решение

Новата влада е покоректна, но во суштина нема ништо ново, Европа треба да ја едуцира власта во Скопје за политички компромис и консензус, и да не создаде нов Груевски, а за решение, најдобро е да нема мешање на трети страни – вели шефот на грчката дипломатија во интервјуто за Euroactiv кусо пред посетата на Брисел и средбата со медијаторот Нимиц.
„На моите европски пријатели им велам, немој да создадете втор Груевски, бидејќи Заев ги има сите предуслови да разбере и да се отвори кон реално решение. Ќе работиме за ова решение и се надевам дека ќе добиеме одговор и ќе се избегне мешањето на трети страни кои ќе го отежнат пристапот кон ова решение. “ - вели Коѕиас, кој уште еднаш ги повторува неговите веќе добро познати ставови, дека нашата земја треба да ја научи културата на политички компромис и консензус, а Европа да не не разгалува како што го правела тоа во минатото.

„Сегашната влада во земјата го намали тонот (во однос на претходната реторика) и на комуникациско ниво, би рекол, дека е покоректна. Но, во суштина, немам видено ништо ново. Сепак, чекам. Кон крајот на август ќе одам во Скопје и се надевам дека со министерот за надворешни работи ќе разговараме за прашањето,затоа што последниот пат не се осврнавме на тоа. “ – коментира шефот на грчката дипломатија.

Во текот на денот, веројатно штом заврши со обврски на самитот за надворешни прашања на ЕУ во Брисел, Коѕиас ќе се сретне со Нимиц. Средбата доаѓа по посетата на Нимиц во Скопје, каде што рече дека не носи нов и конкретен предлог. Патувањето од Македонија, Нимиц, не го продолжи кон Атина, како што обично практикува, бидејќи шефот на грчката дипломатија во тој период беше во Швајцарија каде што се водеа преговорите за кипарското прашање и не беше во можност да го прими медијаторот. 

СДСМ: Платите во Македонија растат, ниту една лажна вест од ВМРО-ДПМНЕ не може да го оспори раздвижувањето на економијата

Криминалното и расипничко 11 годишно владеење на ВМРО-ДПМНЕ ги турна граѓаните и државата во сиромаштија и долгови.

Денеска кога ВМРО-ДПМНЕ се обидува да глуми загриженост и да шири неточни, лажни вести треба да и биде јасно дека е прочитана од граѓаните а демантирана од фактите.

Само последните три месеци од криминалното владеење на ВМРО ДПМНЕ донесоа пад на економијата од -1.3 отсто во првиот квартал од 2017 година. За само неколку месеци, успешните економски политики на владата на СДСМ придонесоа во последното тримесечие од 2017 година да има раст од +1.3 отсто.

Минималната плата порасна на 12.000 денари, се изедначи за сите индустрии и денес околу 90.000 семејства имаат повисоки плати. Тоа влијае и врз растот на просечната плата којашто според официјални податоци, во март 2018 година бележи раст од 5,6 отсто во однос на истиот месец од 2017 година.

Јавниот долг за првпат е намален по неколку години постојано зголемување, а намалена е и фреквенцијата на задолжување.

Фактите покажуваат дека промените носат економски напредок, раст, поголеми плати и подобар животен стандард за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ останува заробеник на едно минато време и погрешни политики коишто граѓаните ги поразија. Опозициската партија се уште не може да собере сили да се реформира и да се профилира во сериозен, демократски политички субјект, со јасен политички профил и начин на дејствување. /МИА

Телефонски разговор Меркел-Заев - поддршка да се најде заемно прифатливо решение за името

Премиерот Зоран Заев телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, која дала поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со Грција околу името, потврдија за МИА од Владата.

Меркел имаше одвоени средби со Заев и со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа минатата седмица во Софија, а за важноста која таа му го придава на спорот покажува и тоа што прес-конференцијата во Софија ја почна токму со поздравување на напорите кои ги вложуваат двете земји во обидите да најдат решение за името.

Со Меркел денеска телефонски разговарал и грчкиот премиер Ципрас, јави радио Дојче веле. 

Кабинетот на Меркел потврди дека таа разговарала со двајцата премиери, но не изнесе повеќе детали.

Заев и Ципрас преговараа за името на маргините на Самитот во Софија, по што македонскиот премиер изјави дека пронашле опција која е прифатлива за двете страни. По лидерската средба викедов Заев ја соопшти опцијата - Република Илинденска Македонија, а Кабинетот на Ципрас кусо потоа излезе со соопштение во кое бара во името да биде содржана временска или географска одредница. 

Македонската Влада останува на ставот дека предлогот Република Илинденска Македонија е решение прифатливо за двете страни, додека официјална Атина инсистира името да се одбере од пакетот предлози на Метју Нимиц.

Двете страни ги изнесуваат позициите пред новата рунда преговори за името. Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас в четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Нимиц. /МИА

Нови субвенции за купување велосипеди и замена на водомери во општина Карпош

На денешната десетта седница на Советот на општина Карпош, советниците ја одобрија одлуката за добивање на финансиски средства, за замена на стари куќни водомери на со нови ултразвучни.

Водомерите ќе се интегрираат во системот на далечинско одчитување на системот на Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, нагласи дека ова е грант од ЕБРД преку Министерството за транспорт и врски кој ќе изнесува околу 200.000 евра.

Со овој проект би се опфатиле 500 куќни домаќинства.

На седницата исто така беше одобрена предлог-одлуката за субвенционирање на купување нови велосипеди. По масовниот интерес за првата ваква акција, во која беа предвидени 300.000 денари, локалната самоуправа продолжува со уште една ваква акција, во која се предвидени дополнителни 360.000 денари финансиски средства, со кои ќе се помагаат карпошани да купат нови велосипеди.

Советниците ги усвоија и Извештаите за работата во областа на детската, здравствената и социјалната заштита, културата и образованието. Исто така, се усвоија и Извештаите за работата во областа на заштитата и спасувањето, екологијата и енергетската ефикасност и работата на организација на Советот за периодот од 01.01 до 15.05 .2018 година.

На оваа седница, советниците го усвоија и предлогот за времено давање на недвижни ствари (простории на локалната самоуправа на надвозникот „ Влајко“) на Министерството за земјоделие на Република Македонија.

притисни ентер