Имајќи го предвид традиционалното пријателство и соработка на Република Македонија и Федерацијата Босна и Херцеговина, како и досегашната соработка на Град Скопје и Град Сараево, а со желба да се развиваат и збогатат постојните врски и соработката меѓу двата града, градоначалниците на Град Скопје и на Град Сараево ја потпишаа спогодбата со која ќе се унапреди соработката и размената на информации и искуства во областите на дејствување во рамките на надлежностите на градските управи: културата, културно-историското наследство, образованието, спортот, урбаното планирање, туризмот, енергетската ефикасност, меѓународните односи, прашањата поврзани со младите, здравството и социјалната политика, градските јавни служби, заштитата на животната средина, невладините организации и други области кои се од интерес за двата града.
Градоначалникот Скака се заблагодари на градоначалникот Шилегов за приемот, му го честита изборот за градоначалник и му пожела успешен мандат.
- За Град Сараево ова збратимување е од исклучителна важност, бидејќи Скопје е првиот главен град од нашата поранешна заедничка држава Југославија со кој се збратимува. Скопје и Сараево како градови имаат многу сличности и заеднички вредности и верувам дека ова е добар почеток на соработката и за двата града. Особено ми е драго што Скопје и Сараево се градови коишто ја негуваат и се познати по нивната мултикултуралност и мултиетничност и сигурен сум дека и во иднина ќе продолжиме да се движиме во таа насока – изјави градоначалникот на Сараево Скака.
Градоначалникот Шилегов го искажа своето задоволство од овој чин, потенцирајќи дека Сараево е дваесеттиот град со кој Скопје се има збратимено.
- Ова е последниот главен град од поранешна Југославија со кој Скопје се збратимува, со што за нас ова претставува добар крај, а за Сараево уште подобар почеток. Во овие неколку денови на разговорите со градоначалникот Скака констатиравме дека можеме да оствариме сериозна соработка, особено поради тоа што и двата града се соочуваат со слични проблеми, а тоа се проблемите со загаденоста на воздухот, со урбанизмот и инфраструктурата. Нашата досегашна и идна соработка ќе ги развиваме во духот на соработката, пријателството и меѓусебното почитување. Се надевам дека од нашата соработка ќе произлезат многу заеднички мерки и проекти со кои ќе се подобри функционалноста и работата на нашите градови, се со крајна цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Скопје и на Сараево – изјави градоначалникот Шилегов.
На потпишувањето на спогодбата, покрај градоначалниците присуствуваа и амбасадорот на БИХ во Македонија, НЕ Лепа Бабиќ, Претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, членови на Советот на Град Скопје и представници на делегацијата од Сараево, како и претставници на бошњачката заедница во Македонија.
Покрај потпишувањето на спогодбата за збратимување, градоначалниците го потпишаа и меморандумот за соработка помеѓу Градот Сараево и Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, за размена на искуства од областа на јавниот транспорт.
По потпишувањето на меморандумот за соработка, делегацијата се прошета низ Старата скопска чаршија, посетувајќи поголем број културно-историски знаменитости и дуќани.
Соработката на Градот Скопје и Градот Сараево датира од 2005 година. Оттогаш се реализирани неколку возвратни посети, а особено е интензивна соработката на полето на образованието, спортот, културата, младинските прашања, заштитата на животната средина, сообраќајот и други области.
Градот Скопје е збратимен со вкупно 20 градови, а има воспоставено пријателски односи и соработува со над 50 градови од светот. Почнувајќи од 1961 година, па досега, Скопје е збратимен со градовите: