Димитров: Македонија и Грција ќе формираат работи групи за спорот со името

Македонија и Грција се согласија да формираат работни групи, предводени од министрите за надворешни работи кои ќе бидат посветени на пронаоѓање решение за 25 годишниот спор со името.
Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за Ројтерс.

-  Уверени сме дека и од двете страни постои волја да се оди напред, вели Димитров, кој вчера во Солун имаше средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас.

Тој во интервјуто за Ројтерс, како што пренесува МИА, нагласи дека двете држави се согласиле да формираат работни групи, предводени од него и Коѕијас кои директно ќе преговараат за можните солуции за решавање на спорот.

Димитров очекува првиот состанок на работните групи да се реализира следниот месец.

- Имаме голема одговорност, истакна Димитров, додавајќи дека Македонија во целиот овој процес е свесна за загриженоста, која се појавува кај соседните земји.

- Јасно е дека идентитетот е мошне важен за нас. Мора да најдеме начин да ги убедиме нашите грчки колеги дека има јасна дистинкција меѓу нашата земја и нивниот регион, кој ја вклучува северна Грција, додаде Димитров.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека Македонија, која од 2005 година има статус на кандидат за членство се надева дека в јуни ќе добие датум за почеток на преговорите, како и покана за членство во НАТО.

- Јас сум умерен оптимист, рече Димитров, осврнувајќи се на прашањето за името во интервјуто за Ројтерс, кое го пренесува МИА. /МИА

„Скопско лето“ почнува со концерт на музичари од Израел

Со концерт на Дадо Дганит, позната пејачка и член на Националниот театар на Израел „Хабима“, вечер од 20.30 часот во Македонската филхармонија ќе биде отворен фестивалот „Скопско лето“.

Дирекцијата за култура и уметност-Скопје го организира нејзиното гостување со поддршка од Амбасадата на Израел во Македонија, а со  со концертот ќе бидат одбележани 70 години независност на Израел. 

Дадо Дганит, која на сцената ќе биде придружена со четворица инструменталисти, на своите концерти им дава нов живот на старите ладино мелодии и разновидната еврејска музичка култура ја модернизира збогатувајќи ја со ориентален ритам и звуци на клезмер - музичка традиција на Евреите Ашкенази во Источна Европа. 

Има објавено шест албуми, често е на турнеи низ светот и настапува на светски музички фестивали и на повеќе јазици - хебрејски, француски, шпански, арапаски, како и на ладино - јазикот на сефардските Евреи. 

Во вториот дел од вечерашниот концерт ќе настапи и водечката флејтистка во Израел, Хефциба Зер Авив, која свири на повеќе од 20 видови флејта и претставува уникатен и спектакуларен мозаик од израелски и медитерански егзотичен стил свирење на овој инструмент. 

Има издадено четири албуми, настапила во познати музички центри, меѓу кои и во „Карнеги хол“ во Њујорк во 2012 година со рецитал за флејта. Во 2016-та го отворила концертот на „Дип Парпл“. 

По вечерашното отворање, „Скопско лето 2018“ ќе продолжи со програмските содржини кои традиционално траат до 31 јули. Во 40-те фестивалски дена најавени се околу 50 настани - театарски претстави, концерти од различни жанрови, програми за деца, десетина изложби со домашни и со ликовни уметници од странство, промоции на книги, а од 12 јули во Сули ан ќе ја има и редовната филмска содржина „Кафе кино“. Фестивалот ќе се одржува на 20-ина локации во главниот град. 

Фестивалот е поддржан од  Град Скопје, Министерството за култура и од странски културни центри и амбасади. Директорот на ДКУС Никола Глигоров на прес-конференција рече дека се задоволни што „Скопско лето“ опстојува 39 години на културната мапа на Скопје, но и на државата, и дека со своите атрактивни и квалитетни содржини успева да го задржи вниманието на публиката. 

Сончево со мала до умерена облачност и температура до 34 степени

Времето во Македонија ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во западните делови значително облачно, попладне со појава на пороен дожд и грмежи.

Утринската температура ќе се движи од 14 до 19, а  дневната од 21 до 34 степени.

УВ-индексот ќе изнесува 8.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Утринската температура ќе се спушти до 16, а дневната ќе се искачи до 31 степен.

До петок во попладневните часови ќе има појава на локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Во петок кон крајот на денот ќе почне да дува засилен северозападен ветер кој ќе продолжи и во сабота и ќе услови значително опаѓање на температурата во наредните денови. За време на викендот ќе има локален дожд, но без грмежи, а од понеделник се очекува пооблачно време со пообилни врнежи од дожд.

Утре сончево со мала до умерена облачност

Утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност.

Во западните делови пооблачно, попладне со појава на пороен дожд и грмежи.

Т-мин. од 11 до 19, а т-макс. од 26 до 34 степени. /МИА

притисни ентер