Кривичен: Отфрлени жалбите на Груевски, решението е извршно веднаш по приемот од странките

Екс-премиерот Никола Груевски веднаш мора да оди на издржување на затворската казна за случајот Тенк.. Кривичниот суд соопшти дека Кривичниот совет ги отфрлил жалбите со кои се бараше одложување.

Одбиени се жалбите на поранешниот премиер Никола Груевски за одложување на затворската казна за предметот на СЈО Тенк .Од Кривичен велат дека решението е испратено до странките во постапката и извршно веднаш по нивниот прием. Тоа практично значи дека Груевски откако ќе ја добие одлуката на рака, треба да се пријави во затворот во Шуто Оризари.

,,Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалби истакнати од одбраната и обвинетиот во предметот од обвинителството означен како „Тенк“, изјавени против решението на судија за извршување санкции, денеска одржа седница на која по ценење на фактите и доказите во жалбите донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции. Решението е испратено до странките во постапката и истото е извршно веднаш по приемот од странките.

Сепак, и покрај одлуката на кривичен, Груевски ќе остане пратеник. Во законодавниот дом денеска не беше обезбедено 2/3 мнозинство гласови за одземање на неговиот мандат. Со 58 гласа За и 29 против не се обезбедија потребните 80 гласа за да се стори тоа. На седницата во Собранието се гласаше без притоа да има дискусија. Пратеникот Никола Груевски, не беше во собраниската сала.

Веднаш по гласањето во Собранието, на социјалните мрежи се огласи пратеникот Павле Богоевски, кој меѓудругото напиша дека Груевски ќе продолжи да биде пратеник и да зема плата од граѓаните.

,,Не собравме 80 гласа, груевски ќе продолжи да биде пратеник и да зема плата од граѓаните додека е во затвор.

Барем додека не му се соберат пет години и автоматски не му го земеме мандатот врз таа основа.

Борбата продолжува!

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека тоа што се случувало во законодавниот дом е според нив, политички прогон и како што велат, медиумски театар организиран од владејачката СДСМ. Со денешното гласање, Груевски останува пратеник и покрај тоа што треба да се јави на издржување затворска казна.

ДКСК отвори предмети за Матка и за предизборни вработувања во АВМУ

Државната комисија за спречување на корупција отвори два нови предметa по кој ќе постапува по допрен глас.

 Случајот Матка и корупцијата во политиката која се однесува на вработување двајца правници во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за време на изборен процес.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на денешната седница истакна дека за двата отворени предмета ќе бараат информации односно документи од општината Сарај односно од АВМУ. Во однос на случајот Матка одлучиле да постапуваат бидејќи, како што рече, институциите се прогласиле за ненадлежни.

Ивановска најави дека можно е да отворат предмет и за случајот со плажите во Струга.

На новинарско прашање до каде со 18 предмети за судир на интереси отворени на 18 јануари годинава, информира дека два предмета се затворени. Во првиот случај за вработувањето на ќерката на пратеничката Емилија Александрова во Фондот за иновации и технолоши развој добиле инфромација дека таа воопшто не конкурирала таму. Во вториот случај – за сопругата на поранешниот градоначалник на Берово, Звонко Пекевски, истакна дека добиле информации оти таа била ангажирана со договор на дело како наставник во основно училиште две години, по што по автоматизам и се трансформирал работниот однос во редовен работен однос.

За вработувањето на ќерката на претседателот на Парламентот, Талат Џафери во ЕЛЕМ, Ивановска истакна дека тие добиле информации од компанијата, но ги сметаат за недоволни. Појасни дека според стручноста, ќерката на Џафери има завршено Правен факултет, магистрирала со 10 и поседува правосуден испит, но дека не се знае по кој критериум била избрана на конкурсот за вработување, и нема информации за останатите кандидати кои се пријавиле на конкурсот.

Запрашана за тоа дали со распишаните тендери во Собранието за време на избори се крши Изборниот законик, таа нагласи дека се што е во рамки на редовно извршување на работите не се смета за прекршување.

Најави дека ДКСК планира да спроведе поопсежна анализа во однос на систематизацијата на вработувањата во јавните компании.

Џафери на студиска посета во Единбург организирана од Вестминстер фондацијата

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од 20 до 22 март е на студиска посета во Единбург, Шкотска.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска и генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, од 20 до 22 март се на студиска посета во Единбург, Шкотска.

Студиската посета е организирана од Вестминстер фондацијата за демократија и е во рамките на потпишаниот Меморандум за соработка за воспоставување на буџетска парламентарна канцеларија во Собранието на Република Северна Македонија, соопшти собраниската прес-служа.

Возило „пајак" од понеделник ќе врши транспорт на хаварисани и на непрописно паркирани возила во Кавадарци

 Возило „пајак" на ЈП Паркинг- Кавадарци од понеделник ќе врши транспорт на хаварисаните возила до депото на „Северен булевар" во градот, информираа од локалната самоуправа.

Исто така, како што посочија, ќе се интервенира и на непрописно паркираните возила и возила паркирани во зелени површини. Од локалната самоуправа апелираат граѓаните прописно да ги паркираат своите возила на веќе обележаните паркинг места.

Оваа одлука важи се до почнувањето со работа на  ЈП Паркинг – Кавадарци, информираат од локалната самоуправа. За непрописно паркираните возила ќе следат и казни од надлежните служби. 

притисни ентер