УНЕСКО предлага Охридскиот регион да се стави на листата загрозени светски наследства

УНЕСКО пред одржувањето на конференцијата на организацијата идниот месец во Азербејџан препорачува природното и културното наследство на Охридскиот регион да биде ставено на листата загрозени светски наследства.

Барањето на организацијата е последица на недоволниот капацитет на институциите во државата да се справат со проблемите, како и постојаните закани кон заштитеното подрачје преку големите инфраструктурни и развојни проекти.

УНЕСКО констатира дека Охридскиот регион се соочува со несоодветна градба, несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот на езерото, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.

Во нацрт-извештајот на УНЕСКО што ќе биде разгледуван на претстојната 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство што ќе се одржува во Баку се бара од државата да воспостави целосен мораториум на какви било урбани трансформации на брегот на езерото сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување.

Потоа се бара од властите да направат проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание врз заштитеното подрачје, како и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, истовремено строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби.

Како предуслов за одржување на статусот заштитеното подрачје од УНЕСКО се инсистира имплементирање на сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.

Она што се бара од државата е во консултација со Комитетот за светско наследство, да направи предлог за посакуваната состојба на Конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација. Тие мерки би биле разгледувани на конференцијата на Комитетот за светско наследство наредната година. Истовремено се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.

УНЕСКО во извештајот со жалење констатира дека малку е направено за имплементација на приоритетните препораки на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО од 2017 година. Се поздравува запирањето на плановите за изградба на нов магистрален пат преку Галичица и ски-центар на планината, но сметаат дека тоа не е доволно за значително намалување на ранливоста на подрачјето.

Со забележува дека државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и реализираат во заштитеното подрачје и дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на првично зацртаната траса на железничкиот коридор осум, спротивно барањето на Комитетот за алтернативно решение надвор од заштитените подрачја. Исто така, УНЕСКО има забелешки и на трасата од автопатот А2 предвиден да ги поврзува Требеништа и Струга, со барање државата итно да пронајде друго решение за проектот. 

Тешка несреќа во Индија – најмалку 42 загинати кога автобус падна во бездна длабока 500 метри (ВИДЕО)

Најмалку 42 патници загинаа во индиската држава Химачал Прадеш , кога автобус , кој превезувал над 70 патници се преврте во река на дното на бездна длабока 500 метри. 

Голем број од патниците се возеле на покривот на автобусот. Повеќе од 30 патници се повредени кога автобусот се превртел во река во планинскиот предел Кулу.

Бројот на загинати може да се зголеми , зашто не се знае колкумина од оние што седеле на покривот на автобусот настрадале во несреќата.

Автобусот пропаднал во бездна длабока 500 метри во планински предел на 60 километри од градот Кулу.

Почна самитот на ЕУ – Се очекува потврда на заклучокот за Македонија

Без поголеми очекувања дека може да дојде до пресврт и промена на заклучците  што пред два дена ги освија министерите за надворешни работи, лидерите на Европската Унија го почнаа дводневниот самит во Брисел..

Темата на проширувањето, според очекувањата, не е високо на денешната ангенда на Европскиот Совет.

Александар Видиновски е во Брисел..

Потпишан Меморандум за соработка на граничните премини меѓу Владата и „Макам Транс“

Целта на Меморандумот е подобрување на условите за меѓународен транспорт на стоки придонесува за зголемување на растот и продуктивноста и е во насока на спречување на корупција и криминал

Националниот координатор за гранично управување при Владата на Република Северна Македонија, Владимир Пивоваров и Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата на превозници „Макам Транс“- Скопје, денеска во присуство на заменикот на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски потпишаа Меморандум за заедничка соработка, во борбата против корупцијата на граничните премини при влез и излез во земјата, како и граничните премини во странство.

Во воведното обраќање, Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров истакна дека најважно средство во борбата против криминалот е информацијата за направени незаконити дејствија, навремено да стигне до надлежните институции кои понатаму ќе дејствуваат.

„Добивањето на првичната информација за корупција и криминално однесување обезбедува навремено почнување со реалната борба против корупцијата и овој Меморандум обезбедува ние да бидеме сервис за споделување на информации во Северна Македонија и надвор од неа. Соработката со „Макам Транс“ предвидува, превозниците на кои на граничните премини ќе им биде побарано мито од страна на цариник, полицаец или инспектор за храна и ветерина, таквата информација да ја достават до нивната централа, која потоа ќе биде проследена до Дежурниот Оперативен Центар при Национален Координативен Центар за Гранично Управување. Центарот ќе има обврска таа информација веднаш да ја сподели до надлежната институција за понатамошно постапување“, рече Националниот координатор за гранично управување, Пивоваров додавајќи дека за бројот на примените и дистрибуирани информации, Координативниот Центар ќе доставува месечен извештај до Владата на Република Северна Македонија.

Министерот за внатрешни работи Спасовски подвлече дека Меморандумот за заедничка соработка на граничните премини е од исклучителна важност за одржување на континуитетот во воспоставувањето потесна, оперативна и ефективна соработка меѓу институциите и граѓаните  при обезбедувањето на проток на патници и трговска стока.

„Овој Меморандум ќе обезбеди и навремено детектирање и анулирање на сите пречки за обезбедување на безбеден и слободен транспорт. Меморандумот обезбедува практично следење и конкретна размена на информации, кои превозниците ќе имаат можност преку Информатичка Технологија (ИТ) да ја пријават и истовремено очекуваме намалување на ризиците и реално намалување на криминалот и корупцијата. Ве охрабруваме, Вас превозниците, а и полицајците, цариниците и сите институции на системот, заедно да застанеме во борбата со корупцијата на границите“, истакна во своето обраќање министерот за внатрешни работи, Спасовски.

Подетално за апликацијата, која ќе биде бесплатна и ќе ја има на веб страницата на Асоцијацијата „Макам Транс“ и ќе биде достапна и за корисниците на мобилни телефони, говореше генералната секретарка Муратовска.

„Апликацијата ќе може да ја користи било кој превозник, не мора да биде член на нашата Асоцијација“, рече Муратовска нагласувајќи дека пријавувањето на незаконските дејности ќе биде анонимно. Муратовска се заблагодари на Владата за вклучувањето во борбата со корупцијата и за залагањето за надминување на пречките со кои се соочуваат превозниците.

Според директорот на Царинската Управа, Танаскоски, мерките и соработката кои се регулираат во Меморандумот ќе обезбедат подобри услови за внатрешен и меѓународен транспорт на стока и проток на патници и со тоа директно ќе се влијае на олеснување и зголемување на трговијата и подобрување на економската соработка и раст.

Учесниците на денешниот настан упатија порака за охрабрување и подигнување на  свеста и совеста на сите кои се соочуваат, да ги пријават незаконските дејствија со цел намалување и на крајот и искоренување на корупцијата и криминалот во земјата.

притисни ентер