Велешкиот пливачки маратон со учество на пливачи од Бугарија, Србија, Косово и Турција

На езерото „Младост" денеска ќе се одржи Велешкиот пливачки маратон кој годинава станува меѓународен со учество на пливачи од Бугарија, Србија, Косово и Турција.

Натпреварите ќе се одвиваат во три категории – трка на 2,5 километри, трка на на 5 км и олимписка дисциплина на 10 километри во машка и женска конкуренција.

Маратонот се одржува под покровителство на општина Велес, а организатори се здруженијата „Клуб 28", КК „Бабуна" и Националната пливачка федерација.

Според Горан Стојановски од Националната прливачка федерација, годинава маратонот е организиран на највисоко ниво. На него, како што изјави, ќе учествуваат најдобрите пливачи од земјава, а обезбедени се и парични награди и признанија кои ќе бидат доделени во 15 часот.

– За догодина ќе предложам Велешкиот пливачки маратон да влезе во Фино Светската серија за маратони, а тоа за него ќе значи да учествуваат звучни имиња од маратонското пливање во светски рамки, изјави Стојановски.

За време на маратонот ќе бидат ангажирани 30 спасители на вода од Велес и Скопје, а ќе има и спасители на вода од БУгарија. Поддршка на маратонот ќе даваат и 20 кајакари од КК „Бабуна" од Велес". Пред натпреварите, лекарска екипа ќе ја проверува и здраствената состојба на натпреварувачите.

Велешкиот пливачки маратонот годинава ќе биде посветен на неодамна починатиот др Милчо Трајков кој беше претседател на Црвениот крст и поддржувач на маратонот и на спортот. /МИА

Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ - нов мурал во Прилеп

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.

− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.

Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.

– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.

„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, соопшти Министерството за култура.

Блинкен на средба со Си Џинпинг во Пекинг: Кина и САД би требало да бидат партнери, а не ривали

Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со Ентони Блинкен, државен секретар на САД и му порача дека Кина и Америка треба да бидат партнери, а не ривали.

Како што јави Би-Би-Си, ова е втора посета на Блинкен на Кина за помалку од една година, а претходно денеска, се сретнал со Ванг Жи, министер за надворешни работи на Народна Република Кина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни како „три основни принципи“ за односите меѓу САД и Кина.

- Две земји треба да постигнуваат достигнувања една за друга, а не да си нанесуваат штета. Кина и САД треба да бараат заедништво додека ги надминуваат нивните разлики - рече тој, пренесува новинската агенција Ксинхуа.

Си Џинпинг го отвори состанокот велејќи дека Кина и САД не треба да се впуштаат во злобна конкуренција.

-Треба да останат верни на своите зборови, наместо едно да кажуваат, а друго да прават. Можно е Кина и САД да се развиваат заедно и да напредуваат одделно - додаде Си Џинпинг, повторувајќи ги неговите претходни забелешки:

- Кина е среќна што гледа самоуверени, отворени и просперитетни САД. Се надеваме дека и американската страна позитивно ќе гледа на развојот на Кина. Има многу прашања кои треба да се решат.

Си Џинпинг потсети дека посетата на Блинкен била договорена за време на неговиот неодамнешен телефонски разговор со Џо Бајден, претседателот на Соединетите Американски Држави, и дека се надева дека ќе биде исплатлива.

Си Џинпинг и Ентони Блинкен последен пат се сретнаа во ноември минатата година во Сан Франциско за време на состанокот на Азиско-пацифичката економска соработка. Тоа беше нивна втора средба откако Бајден беше на чело на Белата куќа.

Мицкоски: Власта на ДУИ и СДСМ е делегитимирана и после 8 мај заминува во опозиција

Имаме во првиот круг историска разлика од 183 илјади гласа предност во однос на кандидатот Стево Пендаровски. 

Идниот претседател, професорката Гордана Силјановска Давкова има повеќе од двапати повеќе гласови од тоа што освоил Стево Пендаровски и тоа е нешто кое што е многу важно. Да бидам уште попрецизен, како коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ имаме освоено во првиот круг претседателски избори за 20% повеќе гласови од збирот на гласовите на владините кандидати. Ние имаме 360, а тие имаат 300 илјади гласа, што значи дека владата е делегитимирана. Владата која што е составена од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ е делегитимирана и после 8 мај заминуваат во опозиција, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Градско.

Мицкоски исто така истакна дека оваа огромна победа истовремено е и огромна одговорност и затоа новата влада на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после 8 мај ќе треба да ги засука ракавите и да испорача тоа што го ветува пред македонскиот народ.

„Оваа голема победа е и одговорност. Народот очекува брзи резултати и немаме време за изговори. Веднаш после 8 мај ќе треба да ги засукаме ракавите за најпрвин да ја формираме владата и веднаш да почнеме да испорачуваме тоа што сме го ветиле пред народот, пред граѓаните. Но, она што е важно и што сакам да го споменам е фактот дека полека но сигурно Македонија и народот македонски, граѓаните во Македонија се чувствуваат слободни и полека надежта се враќа. Тоа е амбиентот, таа е емоцијата која што ја чувствувам овие два дена каде и да одам низ Македонија“, потенцираше Мицкоски.

Тој потенцираше дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е изготвена заедно со граѓаните и резултатите од реализацијата на истата ќе се почувствуваат веднаш после 8 мај.

Она што сакам да го кажам е дека многу внимателно ја креиравме програмата наречена „Платформа 1198“ која што заедно со народот изминативе месеци ја креиравме таа програма многу внимателно без чуда, секаде тоа го зборувам, чуда се невозможни, а ние не сме чудотворци. Многу внимателно сакавме тоа што е дел од таа програма веднаш да го почувствувате, веднаш да почувствувате брзи резултати, без изговори и без да зборуваме претходниците беа лоши. Сите вие знаете дека не беа лоши, беа катастрофални и најлоши досега, немало полоши“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Сакаме веднаш, од првиот ден да почнеме жестоко да работиме и затоа тоа што е таму ветено, верувајте дека ќе биде реализирано до последната буква, до последната точка“, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер