Сите се за ветинг – за издвојување на чесните од непрофесионалните и корумпираните

Сè погласно се зборува за потребата од ветинг на судиите и обвинителите за да може во државава да се спроведат суштински реформи во судството.

Начелно сите се за ветинг, а се бара тој да не биде ограничен само на судството, туку и на институциите и политичарите.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека веќе се исцртуваат контурите за ветингот. Во тој процес, додава, не треба да се плашат чесните судии и обвинители, но мора да се спроведе за да се издвојат неквалитетните, непрофесионалните и корумпираните.

Првиот човек на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски во изјава за МИА вели дека ветингот за судиите и обвинителите треба да биде добро осмислен, да не се спроведува набрзина, да се знае кој и како ќе го врши и да не се претвори во мешање на извршната во правосудната власт.

– Треба добро да се осмислат целите на ветингот, да се дефинира по содржина и начинот на кој ќе се спроведе. Понатаму, кој орган или кои органи или државни институции ќе треба да го спроведат, да се внимава тоа да не значи да биде директно мешање во правосудната власт од страна на извршната власт. Доколку се спроведе, треба да даде позитивни ефекти, а не да даде негативни ефекти. Состојбите во правосудниот систем не се баш на потребното ниво, па со ветингот да не се влошуваат понатаму, истакнува Колевски.

Тој додава дека во овој момент имотната состојба на судиите и јавните обвинители се контролира.

– Сите јавни обвинители и судии поднесуваат пријава до Антикорупциската комисија за сопствената имотна состојба и имотната состојба на сите јавни обвинители и судии е на увид на јавноста. Секој може да изврши увид во податоците, рече Колевски.

Министерката Дескоска вчера посочи дека има меѓународни примери за спроведувањето на постапката ветинг.

– Ветингот не го спроведува извршната власт, туку на експертско ниво мешовита комисија, во која во многу земји учествуваат и меѓународни претставници како гаранти на процесот, вели Дескоска.

И претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев е на став дека е потребен ветинг во судството за да се отстранат сите сомнежи за чесноста на судиите.

– На ветингот гледам позитивно и немам никаков проблем со тоа. Сметам дека е потребно да се направи ветинг и во судството, со цел да се отстранат сите сомнежи по однос на чесноста на судиите, изјави неодамна Џолев.

Премиерот Зоран Заев исто така смета дека на нашето општество му е потребен ветинг, посебно нагласувајќи дека тоа час поскоро треба да се направи во правосудството.

– Нашиот народ очекува протресување судии, обвинители, политичари, директори... Тоа треба добро да се организира. Ветингот е наша обврска како општество. Не мислам дека политичарите не треба да поминат ветинг. Мора да се помине низ тој процес. Во иднина очекуваме низ поглавјата да имаме трансформација на нашето општество. Мора да се протресеме сите, рече Заев.

Од владејачката СДСМ најавија постапка за целосен ветинг во судството, бидејќи неприфатливо е токму институциите што треба да носат правда, да ја спречуваат и да ја поткопуваат.

– Неопходен е ветинг во судството, за да се направи дистинкција меѓу чесните и професионални судии и обвинители и оние кои не се на нивото на професијата. Пред граѓаните ветивме правда, му дадовме шанса на судството, не испорача, но ние ќе направиме сè за да го оствариме. Затоа што без правда, нема сигурност и стабилност, без владеење на правото, нема развој и напредок, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети смета дека има потреба од спроведување ветинг во сите институции во државава.

– Јас не можам да се занимавам со предрасуди, ниту со предвидувања за преполовување на судиите и обвинителите во процесот на ветингот. Тие што не го поминуваат ветингот не заслужуваат да бидат претставници на судството. Независно колку ќе трае ударот, дали ќе се преполови бројот или ќе остане четвртина, зависи од веродостојноста, рече Ахмети.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вели дека во ветингот на судиите не гледа решавање на проблемите во македонското судство.

– Искуството вели дека тие што го примениле овој процес на ветинг, еве конкретно во случајот ако го земеме искуството од нашиот западен сосед, не поминале успешно, рече Мицкоски.

Тој најави дека како партија ќе понудат методологија што ќе обезбеди вистинска реформа за независно судство, независно обвинителство, мониторинг врз нив./МИА.

Мали тврди дека државата од 2020 година привлекла 15,9 милијарди евра странски инвестиции

Српскиот министер за финансии Мали тврди дека државата од 2020 година привлекла 15,9 милијарди евра странски инвестиции

Од 2020 година Србија кумулативно привлече 15,9 милијарди евра директни странски инвестиции, изјави денеска српскиот министер за финансии Синиша Мали на средба со инвеститори од САД, јави Бета.

„Не правиме разлика меѓу домашни и странски инвеститори. Се надевам дека во Србија ќе најдете проекти и можности кои ќе ве интересираат да инвестирате“, им порача Мали на инвеститорите кои по посетата на српската делегација на Вашингтон по повод Пролетната сесија на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка пристигнаа во Белград со цел да се запознаат со сите параметри на српската економија.

Мали изјави дека во Србија не се прави разлика меѓу домашни и странски инвеститори, соопшти Министерството.

„Се надевам дека во Србија ќе најдете проекти и можности кои ќе ве интересираат да инвестирате“, рече министерот.

Тој наведе дека ланскиот раст на БДП во Србија бил 2,5 отсто и дека само во последниот квартал бил 3,8 отсто, а во февруари годинава бил 5,9 отсто и дека се базирал на извозот и инвестициите, како и на таа официјална статистичка. Податоците на Србија покажуваат дека секоја економска гранка бележи раст.

Тој посочи и дека Србија има стабилен јавен долг, на ниво од 47,6 отсто од БДП. /МИА

Невладините со барања до партиите за подобрување на еколошката слика во земјава

Ако за време на претходните парламентарни избори, во фокусот на кампањата на политичките партии беше подобрувањето на квалитетот на воздухот, овој пат ниту еден политичар не стави акцент на екологијата.

Ако за време на претходните парламентарни избори, во фокусот на кампањата на политичките партии беше подобрувањето на квалитетот на воздухот, овој пат ниту еден политичар не стави акцент на екологијата, обвинуваат дел од граѓанските иницијативи и еколошки здруженија.

Тие бараат одговор од партиите што ќе преземат за намалување на загадувањето на воздухот, кога ќе го завршат префрлувањето на 700 јавни објекти од мазут и нафта на незагадувачки енергенси за загревање, дали имаат стратегија како да ја прекинат финансиската зависност на општините само од комуналии и издавање нови градежни дозволи.

Дали оваа иницијатива доаѓа со задоцнување, со оглед на тоа што програмата за парламентарните избори партиите веќе почнаа да ја презентираат, ја прашавме Ели Пешева од О2 Иницијатива.

Подносителите на иницијативата бараат конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции кои ќе го сработат ветеното.

Премиера на претставата „Мац, мац“ вечерва во велешкиот театар

На сцената на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва премиерно ќе биде изведена претставата „Мац, мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во претставата играат актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура. /МИА

притисни ентер