Анкета: Ниска доверба на Американците во медиумското покривање на изборите

Иако многу Американци велат дека добиваат информации за годинашната кампања за претседателските избори од најголемите, национални медиуми, анкетата покажува дека повеќето испитаници се сомневаат во нивното известување, пренесе Бета.

Дури 53 отсто од анкетираните велат дека се крајно или многу загрижени дека медиумите ќе пренесат неточности или дезинформации пред и за време на изборите. Околу 42 отсто рекле дека се загрижени затоа што мислат дека вестите ќе користат „генеративна вештачка интелигенција“ за пишување извештаи.

Четириесет и седум отсто од Американците рекле дека се длабоко загрижени затоа што веруваат дека вестите ќе објават информации што не се потврдени или проверени, а 44 отсто се загрижени дека точните информации ќе бидат претставени на пристрасен начин - на начин што оди во прилог на едната или на другата голема партија.

Половина од испитаниците рекле дека секогаш или често добиваат вести за изборите од поголемите медиуми, а тоа е повеќе кај постарите испитаници.

-Нивото на покриеност на вестите е добро“, рече Мајкл Болден, извршен директор на Американскиот институт за печат што го спроведе истражувањето, но „загриженоста е што тие не се сигурни дека навистина можат да им веруваат на информациите“.

Делумна причина, според него, се долгогодишните сомнежи за новинарите, „од кои голем дел беа подметнати од политичарите“. Луѓето исто така се слабо свесни за тоа како функционира новинарството.

Анкетата покажа дека околу половина од испитаниците рекле дека имаат барем умерена доверба во информациите и на најголемите и на локалните медиуми за претстојните избори годинава, а само околу десет отсто се изјасниле дека имаат целосна доверба во нив.

Околу 60 отсто од приврзаниците на владејачката Демократска партија велат дека најмалку се потпираат на најголемите национални медиуми за вестите за изборите. Над 48 отсто од приврзаниците на опозициските републиканци и 34 отсто од приврзаниците на независните кандидати го велат тоа, покажа истражувањето.

Покрај неточностите, многумина изразија голема загриженост за изборните вести кои премногу се фокусираат на поделби или спорови, или на тоа кој би можел да победи или изгуби - слично како покривањето на коњските трки - додека помалку зборуваат за важни прашања или карактерот на кандидатите.

Така, повеќето Американци велат дека сакаат националните и локалните вести да ги истакнат вредностите на кандидатите или нивните различни позиции за клучните општествени прашања, за тие, како гласачи, да бидат соодветно информирани и врз основа на тоа да одлучат кого да поддржат. /МИА

Утре и задутре „Графити фест“ во Куманово

Во Куманово во урбаната месна заедница „Панче Пешев“ утре и задутре со почеток во 12 часот ќе се одржи шестиот „Графити фест“, најавија организаторите, „Форма Куманово“.

На фестивалот ќе цртаат уметници од повеќе држави, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Турција, Хрватска Словенија, Германија. Организаторите велат дека се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура.

Младен Трендевски од „Форма Куманово“ ги повика кумановци да го проследат „Графити фест“, на кој покрај уметници-цртачи, ќе има и целодневна музичка програма на која ќе настапат македонски диџеи, ќе има промотивни штандови и забава за сите генерации. Цртачите ќе цртаат на слободна тема на површини во урбаната заедница. Шаренилото од бои и контрасти ќе го разбие сивилото во градот, сметаат организаторите.

- Сите ќе творат на свој начин, фестивалот има ревијаен карактер, изјави Трендевски.

Организаторите сметаат дека полека јакне свеста кај населението за зачувување на изработените мурали во Куманово. Изминатиов период беа исцртани површини на булеварот „Октомвриска револуција“, на неколку локации, меѓу училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, населба Гоце Делчев, скоро цело градско подрачје во Куманово, во повеќе урбани заедници. Уметниците исцртаа мурали посветени на великанот Блаже Конески, репрезентативецот Столе Димитриевски, на Гоце Делчев, на хероите од „Диво Насеље“, на Бобан Трајковски...

- Нè радува што граѓаните го препознаваат нашиот труд, кажа Трендевски.

За годинашниов фестивал, „Графити фест“ „Форма Куманово“ доби поддршка од бизнис заедницата од државата.

Изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ со второ претставување во Виница

Во галеријата на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница денеска ќе биде отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ составена од дела од поранешни и сегашни студенти од Ликовната академија во Штип.

Изложбата е во рамки на Фестивалот на уметноста „Ликовна визија“, организиран од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Изложба претходно беше поставена во македонскиот КИЦ во Софија, а нејзиното финално презентирање пред публиката ќе биде на 28 мај во Штип.

Целта на оваа патувачка изложба на делата од поранешни и сегашни студенти од Ликовната академија во Штип е да го претстави квалитетот на ликовната обука и да ја афирмира Ликовната академија во државата и регионот и да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со институцијата.

Изложбата се состои од дела настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од 2019 до 2023 година. Застапени се делата на авторите Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска, Дејан Витанов, Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска и Александра Јеротијевиќ-Андреева.

Д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство.

Како што информираат организаторите, во образовната програма „Класично сликарство“ студентите работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, како и македонските професори: Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска и Јана Јакимовска.

Жанровски, најзастапена е мртвата природа, а може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.

Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски ја презентираше новата веб страница на општината

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски ја презентираше новата веб страница на општина Кисела Вода. 

Страната нуди 20 нови дигитални услуги што претставува втора фаза од дигитализацијата на општината како што е електронско аплицирање и плаќање на услугите како и елекстронски упис на деца во градинките.

притисни ентер