Арсоски: ЗНАМ ќе го врати достоинството на униформата

Павле Арсоски, Потпретседателна ЗНАМ и носител на листата во ИЕ3

Носителот на кандидатската листа за пратеници за ИЕ 3 од Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Павле Арсоски денеска одржа прес конференција на која зборуваше за мерките од нивната програма за паралментарните избори, „Проглас за достоинствена Македонија", а кои се однесуваат на безбедносните и разузнувачки служби. Арсоски во почетокот нагласи дека ЗНАМ е политичка опција која во изминативе месеци ја бранува јавноста, го предизвикува интересот и раѓа нова надеж кај граѓаните на Македонија. „Тоа се потврди и со бројот на гласови кои ги доби нашиот кандидат за претседател, Максим Димитриевски во првиот круг од претседателските избори. Всушност, над 83 илјади граѓани кои се одважија да ни ја дадат довербата се доказ дека сме на прав пат,тие се наш ветер во грб и им благодариме на сите. Нема да ги изневериме", рече тој. Арсоски додаде дека од ЗНАМ се цврсто решени да направат вонредни напори за стабилизиација на државата, за развој на економијата, запирање на иселувањето на младите.

„Но пред се - цврсто сме решени да покажеме поинаков начин на практикување на власт, на вистинска служба на народот, да работиме посветено и одговорно, чесно и домаќински. Со работа, ред и поредок да ја вратиме вербата на граѓаните во институциите на системот, да ја вратиме надежта во подобар живот и подобра иднина на генерациите што доаѓаат. Да го вратиме вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината". Арсоски рече дека му е чест како на генерал во пензија со големо искуство и како носител на листата во ИЕ-3, да се задржи на безбедносните и разузнувачки служби, како дел од програмата „Проглас за достоинствена Македонија". Ова, како што рече тој, поради тоа што нема просперитет на една нација и држава, нема инвестиции и економски развој без мир и стабилност и продолжи:

„Во „Прогласот за достоинствена Македонија" јасно ги посочуваме аномалиите во безбедносниот и одбранбен сектор и ги наведуваме нашите решенија за истите. Ние од ЗНАМ имаме намера да воведеме целосна професионализација и департизација на сите безбедносни, разузнувачки и контраразузнувачки служби и нивно фокусирање исклучиво на мисиите и задачите за кои се формирани, во служба на безбедноста и стабилноста на државата. Недозволиво е униформата и струката да се исклучат од одлучувањето за кариерен развој на војниците и полицајите, за нивното вработување, школување и усовршување, за учество во операции надвор од државата и секакво друго одлучување од делот на службата, а сето тоа наместо нив да го преземат партиските носители на политички функции". Тој додаде дека во Програмата се предвидени мерки за подобрување на условите за работа и стандардот на вработените во Армијата и Полицијата, инвестирање во модернизација на нивната опрема. „Во постојана комуникација со војниците и старешините од АРМ, со синдикатите во одбраната и особено со синдикатот на професионални војници во „Прогласот за достоинствена Македонија" предвидовме конечно и трајно, системски и со закон, решавање на статусот на професионалните војници, кои се веројатно единствената категорија на вработени во државниот сектор уредена со Закон, со статус на определено време во текот на целата кариера. Нашата намера, како крајна цел е, тие да имаат статус и права како и останатите вработени во Армијата, затоа што на војниците им е доста од игнорирањете на нивниот статус, а особено се несериозни ад-хок ветувањата кои ги слушаат деновиве. Власта на СДСМ и ДУИ имаше долги 7 години да го реши овој проблем и не го стори тоа. Ние од ЗНАМ ќе го решиме ова прашање", потенцира Арсоски.

Арсоски ги повика граѓаните во среда, на 8-ми мај, што помасовно да излезат на избори и да ја потврдат поддршката со заокружување на бројот 7 и Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, по онаа што му ја дадоа на кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски.

Министерство за одбрана на Русија: Неутрализирани повеќе од 100 украински дронови

Министерство за одбрана на Русија: Неутрализирани повеќе од 100 украински беспилотни летала при ноќни напади.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Руската армија редовно објавува дека одбила ноќни напади на украински беспилотни летала, но ретко се наведува толкава бројка, јавија западни медиуми.

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.

Во САД марихуаната ќе биде класифицирана како помалку опасна дрога

Американската Влада одлучи да ја категоризира марихуаната како помалку опасна дрога, што значи дека луѓето кои користат или ја поседуваат веројатно нема да одат во затвор во иднина.

- Премногу животи се превртени наопаку од нашиот неуспешен пристап кон марихуаната. Министерството за правда го прави следниот чекор за прекласификација на марихуаната од категорија еден во категорија три според федералниот закон, напиша американскиот претседател Џо Бајден на социјалната мрежа Икс.

Во САД наркотиците се класифицирани во пет различни категории. Досега марихуаната или канабисот беа во првата, а со тоа и најстрогата категорија, која вклучува хероин и ЛСД. Американската Влада сега побара марихуаната да биде вклучена во третата категорија. Како резултат на тоа, марихуаната ќе биде на исто ниво со стероиди или парацетамол.

Американските медиуми ја означија таа прекласификација како историска. Со прекласификацијата се признава медицинската употреба на канабисот, но целосна легализација низ државата за приватна употреба не е планирана. Марихуаната е веќе легална за рекреативни и медицински цели во повеќе од 20 американски држави, а само за медицински цели во повеќе од десетина други држави.

Од денеска пријавување за бесплатно подигнување кабаст отпад во сите населби во Кисел Вода

Од денеска почнува пријавувањето за бесплатно подигнување кабаст отпад во сите населби во Кисела Вода

Нова акција за собирање на кабаст отпад ќе се спроведе во општина Кисела Вода. Како дел од активностите за заштита на животната средина, во периодот од 27 мај до 07 јуни во сите месни и урбани заедници на територија на општината, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои бесплатно ќе го подигаат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради, информираат од Општина Кисела Вода.

Пријавувањето почнува денеска и ќе трае до 23 мај. Секој жител на општина Кисела Вода кој поседува кабаст отпад и сака тој да биде подигнат и депониран на соодветна локација, ќе може да закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

Од Општината појаснуваат дека кабастиот отпад треба да биде поставен пред објектот кој е претходно договорен, на безбедна локација со што не би се загрозила безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот, кои ќе се движат во тој период.

-Само со одговорно однесување на секој поединец заеднички ќе можеме да ја одржуваме Кисела Вода чиста и уредна. Зачувувањето на природата и животната средина е наша заедничка обврска и одговорност, велат од Општина Кисела Вода.

Оттаму апелираме до сите граѓани да се приклучат на оваа акција, бидејќи, како што велат поддршката и заедничката ангажираност се од суштинско значење за заедницата.

притисни ентер