Атина очекува да ги чуе позициите на новата Влада во Скопје, а потоа ќе коментира

Чекаме да ги видиме декларациите на новата Влада, штом биде формирана и штом положи свечена заклетва и овде сме да коментираме што било друго, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис.

Чекаме да ги видиме декларациите на новата Влада, штом биде формирана и штом положи свечена заклетва и овде сме да коментираме што било друго, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на очекувањата на Грција од новата Влада кај нас.

Маринакис истакна дека очигледно не можат да ги коментираат изборите и резултатите во други земји и дека се почитува одлуката на граѓаните, но и посочи дека треба да се почека „да видиме што ќе каже постизборно владата што ќе произлезе од изборниот процес во Македонија“.

На новинарско прашање за Договорот од Преспа, портпаролот на грчката Влада потсети на ставот на Нова демократија кога беше во опозиција кога, како што рече, на секој можен начин и користејќи ги сите институционални и парламентарни средства што ги има на располагање, ги изрази своите несогласувања, но истакна дека станува збор за меѓународен договор.

-Како што имаше посочено тогашниот лидер на опозицијата и претседател на Нова демократија, а сега актуелен премиер Кирјакос Мицотакис, од момент кога ова ќе претставува одлука на грчкиот Парламент, односно договорот ќе биде изгласан од мнозинството, претставува обврска и врз основа на континуитетот на државата ќе ги следи и следните влади. И ние апсолутно го почитуваме ова. Станува збор за ратификуван меѓународен договор, надвладува која било друга одредба и ова, мислам дека очекуваме да биде почитувано и од другата страна, објасни Маринакис.

Паралелно додаде дека не сака да говори хипотетички и грчката Влада очекува прво да ги види позициите на другата страна, а потоа да излезе со став.

За поднесените претставки околу уривањето на стадионот Касами дознал од јавноста

За поднесените претставки околу уривањето на стадионот Касами дознал од јавноста, смета дека нема дискриминација и прекршување на законите.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вели дека знае од медиумите за претставките поднесени од граѓаните околу стадионот, но во Општина Тетово не стигнале документи од институциите.

За поднесената претставка за дискриминација кон Македонците кога имаше организирано манифестација за најава на градежните работи, Касами во еден подолг одговор рече и дека организацијата била моноетничка и дека не била направена дискриминација.

На прашањето дали согледува дека Општината направи дискриминација кон Македонците, одговори со „Не, во ниту еден случај“.

- Тоа беше јавен настан. Доколку би имало интерес и од Македонци да присуствуваат и во делот на организирање и во делот на присуство сигурно дека и нивните барања би биле почитувани. Во секој јавен настан јас во ниту еден момент не правам дискриминација, ги почитувам сите граѓани. Еве во овој денешен настан каде што има Македонци ученици, комуницираме и ги почитуваме и нивните потреби и барања. Таму беше едноставно организирањето од страна на публиката и на тифо групите на Шкендија и согласно тоа беше целото сценарио. Инаку кога би имало такво барање во следните фази сигурно ќе има и процедури за изградба, рече Касами.

На новинарска забелешка дека тоа не треба да биде по барање на граѓаните туку автоматски општината тоа треба да го прави за сите, Касами рече дека согласно публиката се прави организирањето.

- Ако нема граѓани кој би присуствувале и би побарале за да и тие бидат дел од тоа. Ние и во организирање на други активности, согласно публиката одиме со организирање. Каде што има и Албанци и Македонци одиме и албански и македонски заедно го организираме. Каде што има само Македонците одиме на македонски. Согласно барањата така и ние одговараме. Во следните фази на изградба доколку би имало барање да тоа биде на граѓанско ниво, на сите и би учествувале сите, сигурно ќе има и албанска и македонска музика. Имаме и такви примери на организирање на Културно лето, има и Албанци има и Македонци и се. Во други активности никого не дискриминираме. Но организацијата беше во тој правец моноетничка и така беше настапот. Инаку во следните фази доколку има барање и потреба да биде мултиетничка во служба на сите граѓани, ние сме подготвени да одговориме, истакна Касами.

Тој смета дека не направиле прекршување на законите околу тендерите.

- Општината нема таква информација. Ние ја слушнавме од јавноста. Ќе треба да се обратиме до Владата дали треба и што процедура треба, ако треба нешто посебно. Според нашиот правен сектор сме ги почитувале сите процедури на тендерирање и јавни процедури за да се изгради тој стадион. Ако требало нешто плус или ако треба нешто посебно сме подготвени тоа до крај, рече Касами.

На 12 април Општина Тетово организираше активност со цел презентација на новиот изглед на овој објект откако претходно беше распишан тендер за избор на фирма која ќе направи целосна реконструкција или изградба на нов објект. Покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот имаше ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари. Градоначалникот самиот изврши симболично уривање на дел од трибините.

Во текот на април постапка за дискриминација поведе Даријан Сотировски, жител на Тетово и директор на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи. Во мај тој побара Државното правобранителство да го штити државниот имот Градски стадион Тетово од Општина Тетово, која како траен корисник, нема сопственост и не смее да ја менува или располага стварта која ја користи.

Вуков ја стартуваше новата сезона од Порше Суперкуп

 Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико, втора сезона по ред настапува во натпреварувањето Порше Суперкуп, кое има највисок глобален ранг, бидејќи во него настапуваат најдобрите од големиот број серии кои се возат низ светот.

Традиционално, трките од Порше Суперкуп се возат пред оние од Формула 1, па така за време на Ф1 викендот во Имола, Вуков продолжи онаму каде што требаше да започне минатата сезона, но трката беше откажана поради поплавите во покраината Емилија Ромања.

Во квалификациите, македонскиот возач го извози своето најдобро време од 1:43.641, при што обележје на сесијата беше дека само првите четири возачи се издвоија со времиња од 1:42.4 до 1:42.6, а од 5 до 18 место имаше вкупно 14 возачи кои имаат слично постигнување, меѓу1:42.9 и 1:43.7 и со тоа Македонецот се најде на 17 место.

Неговите двајца тимски колеги се најдоа пред и зад Вуков, односно Киган Мастерс беше на 11 место, а Лирим Зендели на 22 место.

Во трката која започна со инцидент при борба за водечките позиции, а потоа беше аплицирано и возило за безбедност, Вуков мораше да биде мошне внимателен, но беше престигнат во мешаницата и загуби неколку позиции. По рестартот успеа да стигне од 20 до 18 место, а воедно го извози и сопствениот најбрз круг од трката во десеттиот од 14 круга, но не успеа да се пробие повисоко.

Следната трка на Формула 1 е во Монако, па и Вуков од Имола веднаш продолжува кон малото кнежевство на Азурниот Брег, каде што го очекува нова трка претстојниов викенд.

Град Скопје го одбележа Денот на македонските пожарникари

Град Скопје го одбележа Денот на македонските пожарникари – лошите услови во кои работат и натаму непроменети.

Противпожарната бригада на Град Скопје, денеска го одбележа Денот на македонските пожарникари, каде свои обраќања имаа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како и командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Ѕвонко Томевски.

Арсовска во своето обраќање посочи дека условите во кои работат пожарникарите не се на највисоко ниво и упати апел до новата Влада која што ќе биде формирана, да направи промена на условите со кои се исплаќаат пожарникарите, односно со нов пропис да ги отстрани бодовите кои ги ограничуваат средствата што можат да ги добиваат како надомест за нивната работа.

– Нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои што можат да бидат платени. Тие се лимитирани и средствата кои што ги добиваат како надомест за нивната работа се навистина ниски. Тоа го утврдува законот и за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над тоа кое што е утврдено со законските рамки. Затоа апелот е, лимитираните услови кои со нивните бодови ги ограничуваат, да бидат меѓу првите нешта кои што ќе бидат отстранети со нов пропис, рече Арсовска.

Пожарникарите од скопската протипожарна бригада, вели Арсовска, поради бирократски процедури петнаесет години не може да им се овозможи добивање на нови униформи, затоа, побара од централната власт усогласување на критериумите за аплицирање на опрема со меѓународните стандарди.

– Единствениот критериум за аплицирање на каков и да е тип на опрема што им е потребна, да бидат меѓународните стандарди. Петнаесет години поради бирократски процедури да не им се овозможи на овие луѓе, да може соодветно да бидат опремени и да работат, навистина сметам дека е нешто кое што не би смеело да се дозволи. Затоа уште еден апел до централната власт, иако две години говориме за ова, се надеваме дека ќе бидат меѓу првите прописи кои што ќе бидат поништени или кои што ќе бидат променети, рече Арсовска.

Пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје на одбележување на Денот на македонските пожарникари - 20 мај

Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Томевски во своето обраќање укажа на предизвиците со кои се соочуваат пожарникарите и упати благодарност до нив за нивната работа во услови кои не се на највисоко ниво.

– Бригадата за противпожарна заштита брои 180 пожарникари, за жал од предвидените 384 пожарникари кои секојдневно ги завршуваат своите работни задачи и одговараат на потребите на граѓаните на Град Скопје. Во периодот од минатогодишното одбележување на 20 мај до денес, Бригадата за протипожарна заштита бележи над 2000 интервенции кои беа успешно реализирани, благодарение на пожртвуваноста на вработените. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги и колешки кои иако работат во услови на недоволна пополнетост, како и недоволна опременост, бележат успеси на своите работни задачи, истакна Томевски.

притисни ентер