Австрија домаќин на конференција посветена на системи за автономно оружје

Во Виена денеска почнува дводневна меѓународна конференција за системи за автономно оружје, јави ДПА.

Министерството за надворешни работи испрати покани за конференцијата на тема „Човештвото на крстопат: Автономни системи за оружје и предизвикот на регулативите“ откако експертските разговори под покровителство на Обединетите нации во Женева во последните 10 години не доведоа до разговори на дипломатско ниво.

На форумот се очекува да присуствуваат претставници од околу 130 земји, како и од Обединетите нации, невладини организации и истражувачки институти. Системите за оружје, кои самостојно таргетираат и ангажираат цели користејќи вештачка интелигенција, се во центарот на дискусијата, особено со оглед на конфликтите во Газа и Украина.

На дневен ред се и прашања како што се употребата на технологии за вештачка интелигенција од страна на терористите и опасностите од трка во вооружување со системи за вештачка интелигенција.

Ќе биде подготвен извештај до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за следната седница на Генералното собрание на ОН. /МИА

Вицепремиерот на Словачка: Фицо ќе преживее, моментално е вон животна опасност

Словачкиот вицепремиер Томаш Тараба изјави вечерва дека верува оти премиерот Роберт Фицо е надвор од животна опасност и оти ќе го „преживее“ обидот за атентат што се случи претходно денеска.

„За среќа, колку што знам, операцијата помина добро и мислам дека на крајот ќе преживее. Во моментов е надвор од животна опасност“, изјави Тараба за Би-Би-Си.

Тој истакнал дека напаѓачот пукал од непосредна близина.

„Тој беше тешко повреден. Еден куршум поминал низ стомакот, а другиот го погодил зглобот. Веднаш беше однесен во болница и опериран“, изјави Тараба.

Тој ја обвини опозицијата во земјата дека користи „лажни наративи“ и дека зборува за Фицо „речиси како чудовиште“, велејќи дека таквите коментари немаат место во демократијата.

Претходно денеска министерот за внатрешни работи, Матус Шутај Ешток изјави дека нападот врз Фицо е политички мотивиран и дека напаѓачот одлуката ја донел по претседателските избори пред повеќе од еден месец.

Тој ги повика луѓето „да не шират омраза“ на социјалните мрежи и додаде дека во наредниот период ќе се зајакне заштитата на државните функционери и политичките претставници на владејачката коалиција и опозицијата, како и на поединечни медиуми.

Министерката за здравство Зузана Долинкова претходно најави дека Фицо е „во најдобри раце“ кои се грижат за неговото здравје.

„Верувам дека сѐ ќе оди добро. Стискам палци и му посакувам многу сила не само на него, туку и на медицинскиот персонал кој во овој момент навистина се бори за неговиот живот“, изјави таа.

Претходно денеска, по седницата на Владата во градот Хандлова, беше убиен премиерот на Словачка кога напаѓачот испука неколку куршуми од непосредна близина.

Премиерот беше префрлен во болницата во Банска Бистрица во многу тешка состојба.

Франција прогласи вонредна состојба во Нова Каледонија по насилните протести

Франција денеска прогласи вонредна состојба на прекуморската територија Нова Каледонија по две ноќи немири во кои загинаа четири лица, меѓу кои и еден полицаец.

Вонредната состојба ќе им даде на властите дополнителни овластувања кога станува збор за забрана на собири на овој пацифички остров под контрола на Франција.

Франција испрати и неколку стотици припадници на полицијата и жандармеријата, изјави портпаролот на француското Министерство за внатрешни работи, пренесе Ројтерс.

Меѓу 500-те обучени членови се и полицајци за борба против нереди. Училиштата на островот се затворени, а во главниот град веќе е воведена вонредна состојба.

Елисејската палата денеска потврди три смртни случаи, без дополнителни детали, жандармеријата објави дека еден од нејзините членови, кој денеска се здобил со тешки повреди на главата, подоцна починал, јавуваат француските медиуми.

Нова Каледонија е потресена од бунт на сепаратистите кои се противат на долгонајавуваната изборна реформа изгласана од францускиот парламент утринава.

Националното собрание утрово со 351 глас за и 153 против го усвои предлогот за уставен закон за проширување на електоратот во Нова Каледонија.

Текстот на усвоениот предлог-закон предвидува право на глас на локалните избори за сите граѓани кои таму живеат повеќе од десет години.

Претседателот Макрон денеска ги покани претставниците на Нова Каледонија да продолжат со разговорите со државните институции.

Новиот Golf GTI пуштен е во продажба, позната е и цената (ФОТО)

Новиот Golf претставен неодамна доби и славеничко издание на GTI.

Иако специјалната верзија ќе биде претставена на крајот на месецот, Volkswagen одлучи да нѐ почести веќе сега со лансирањето на новото издание на GTI. Заедно со сите иновации што ги носи Golf 8.5, GTI добива и нови работи под лимот.

Иако се напојува со 2.0 TSI мотор, сега е помоќен за 20 КС. Развива 265 КС во опсег од 5250 до 6500 вртежи во минута и 370 Nm достапни од 1600 вртежи во минута. Како што е познато, мануелниот менувач повеќе не се нуди, а единствена опција е седумстепениот DSG.

Со погон на предните тркала како единствена опција, овој Golf достигнува 100 km/h за 5,9 секунди со ограничени максимални 250 km/h.

Новиот GTI ќе се препознае по редизајнираниот преден дел со нови светла и осветлено лого. Има и нови светла одзади, додека странично откриваат 19-инчни алуминиумски бандажи од Queenstown. Кабината е збогатена со спортска декорација во препознатливиот GTI манир. Да го споменеме и новиот волан и најновата генерација на инфозабава.

Списокот на нарачки е отворен во Германија, а почетната цена е 44.505 евра.

притисни ентер