Блинкен на средба со Си Џинпинг во Пекинг: Кина и САД би требало да бидат партнери, а не ривали

Кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со Ентони Блинкен, државен секретар на САД и му порача дека Кина и Америка треба да бидат партнери, а не ривали.

Како што јави Би-Би-Си, ова е втора посета на Блинкен на Кина за помалку од една година, а претходно денеска, се сретнал со Ванг Жи, министер за надворешни работи на Народна Република Кина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни како „три основни принципи“ за односите меѓу САД и Кина.

- Две земји треба да постигнуваат достигнувања една за друга, а не да си нанесуваат штета. Кина и САД треба да бараат заедништво додека ги надминуваат нивните разлики - рече тој, пренесува новинската агенција Ксинхуа.

Си Џинпинг го отвори состанокот велејќи дека Кина и САД не треба да се впуштаат во злобна конкуренција.

-Треба да останат верни на своите зборови, наместо едно да кажуваат, а друго да прават. Можно е Кина и САД да се развиваат заедно и да напредуваат одделно - додаде Си Џинпинг, повторувајќи ги неговите претходни забелешки:

- Кина е среќна што гледа самоуверени, отворени и просперитетни САД. Се надеваме дека и американската страна позитивно ќе гледа на развојот на Кина. Има многу прашања кои треба да се решат.

Си Џинпинг потсети дека посетата на Блинкен била договорена за време на неговиот неодамнешен телефонски разговор со Џо Бајден, претседателот на Соединетите Американски Држави, и дека се надева дека ќе биде исплатлива.

Си Џинпинг и Ентони Блинкен последен пат се сретнаа во ноември минатата година во Сан Франциско за време на состанокот на Азиско-пацифичката економска соработка. Тоа беше нивна втора средба откако Бајден беше на чело на Белата куќа.

Изложени ликовни творби од ученици по повод Националниот комеморативен ден на Израел- Јом Хашоa

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

По повод одбележувањето на Националниот комеморативен ден на Израел - Јом Хашоа, кој е посветен на хероизмот во Варшавското гето, денеска во Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје е отворена изложба од ликовни творби на ученици кои учествуваа на наградниот конкурс „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Учесниците низ своја призма создадоа дела поврзани со Холокаустот.

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

Согласно одлуката од жири комисијата, првото место го освои Мартин Николовски, деветто одделение од основното училиште „Љубен Лапе“ од Скопје, чиј ментор е Сузана Михајловска. Второто место го освои Сара Гигова од основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, чиј менторот е Дејан Марков, а третото место го доби цртежот изработен од Илина Талеска, деветто одделение чиј ментор е Марга Масеска.

Како што изјави на отворањето на изложбата Жаклина Мучева, раководител на секторот за едукација на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, повеќето од делата кои се изложени се поврзани со две книги кои што учениците ги читаат - „Ана Франк“ и „Момчето во пругасти пижами“.

Таа испрати апел до сите наставници оваа литература да ја прошират, бидејќи како што посочи, имаме содржини кои што можат да го збогатат знаењето на сите ученици.

-Оваа изложба ја отвораме традиционално и навистина сме горди на проектот бидејќи се она што го добиваме од учениците во основните училишта во нашата земја во овие 13 години, за нас е големо богатство. Децата низ својата призма, низ призмата на историјата и она што го учат на единствениот училишен час кој што го имаат на програмата за Холокауст и она што го учат овде во Меморијалниот центар преку поставката и работилниците кои што ги организираме за нив, навистина можете да видите дека создадоа дела кои што се излезени од детската имагинација, креативност, но и вештина и таленти, посочи Мучева.

Таа информираше дека оваа година добиле 90 трудови од повеќето училишта во нашата земја. Изложени се околу 50 цртежи кои се најдобри, според одлуката на жири комисијата. Сертификати ќе добијат сите учесници, и училиштата и менторите.

Маја Наноу, член на Управниот одбор на Еврејската заедница во обраќањето пред отворање на изложбата посочи дека Јом хашоа е ден на сеќавање на холокауст и хероизам. На овој ден Израел и сите Евреи во светот им оддаваат почит на шест милиони Евреи убиени од нацистичкиот режим на нацистичка Германија и нивните сојузници и соработници.

- На овој ден се сеќаваме и оддаваме почит на милионите животи загубени за време на Холокаустот, мрачно и нечовечко поглавје во историјата. Се сеќаваме на оние кои беа жртви на најгрозоморната нетолеранција, омраза и варваство, како и на актите на храброст и хуманост што произлегоа, од херојските напори на оние кои се спротивставија, до храбрите поединци кои ги ризикуваа своите животи за да ги спасат другите, наоѓајќи светлина во темнина, рече Наноу.

Таа напомена дека и нашата држава рамо до рамо со целиот прогресивен свет им оддава почит на своите 7.144 Евреи, жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта во Треблинка.

-Македонија не ги заборави своите 7.144 убиени Евреи и почитувајќи ги највисоките светски стандарди во одбележувањето на холокаустот, изврши денационализација на еврејските имоти без правни наследници и ние заедно го изградивме овој Меморијален центар, рече Наноу.

Самоил Садикарио, член на еврејската заедница изјави дека ќе продолжат да го кажуваат наративот за Холокаустот, со цел да допре во свеста на луѓето.

-Изразувам големо жалење за сите холокаусти, еврејски и нееврејски, кои се случија на овој свет, многу животи отидоа само заради некои луди идеи што постоеја и се уште постојат. Во Македонија е можеби најрадикалниот Холокауст во однос на проценти. Поточно, 99 проценти од Евреите се депортирани во логорот Треблинка, но секако и во другите земји бројките се огромни, рече Садикарио.

Пред отворањето на изложбата, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија Соломон Садикорио ги запали шесте меморијални свеќи. /МИА

Малолетник прегазен во Велес, пренесен во скопските Клиники

 Во СВР Велес синоќа во 21:55 часот било пријавено дека на главната  улица „Благој Ѓорев“ во Велес, патничко возило „цитроен“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 35-годишната велешанка М.Р.  удрило во малолетен пешак. 

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, информира денеска портпаролот на СВР Велес, Билјана Ѓаковска.

Таа додава дека по овластување на јавен обвинител извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес.

Како што информира за МИА портпаролот на ЈЗУ Општа болница Велес, Марина Андова, малолетникот бил прегледан на Одделот за Радиодијагностика по што било утврдена скршеница на левата потколеница, и по дадената лекарска помош поради тежината на повредата малолетникот бил препратен на Клиниките во Скопје на понатамошно лекување.

Бензините поевтинуваат за денар ипол, а дизелот за еден денар по литар

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто.

Бензините и Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари за литар, а цената на дизелот се намалува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 86 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 88, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 74 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,829 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,832 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,438 отсто, кај дизелот за 2,100, кај екстра лесното масло за 2,605 и кај мазутот за 1,907 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,407 отсто.

притисни ентер