Циривири: ЗНАМ со реформите во здравството ќе овозможи граѓаните да добијат подобри третмани

Професор Циривири: ЗНАМ со реформите во здравството ќе овозможи граѓаните да добијат подобри третмани, во современи регионални центри, со реални цени на услугите.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која професор доктор Јасмин Циривири ги претстави клучните прашања од областа на здравството во изборната програма „Проглас за достоинствена Македонија“ на Движењето, за претстојните парламентарни избори.

Професор Циривири рече дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија нуди конкретни мерки за идните реформи во областа на здравството, а тие во основа подразбираат максимално и професионално залагање од страна на секој чинител во здравствената сфера. Целта е, како што рече, тој пристоен и достоинствен живот на секој граѓанин во државата, со еднаков пристап до потребните услуги. Циривири додаде дека ЗНАМ сака да покаже дека може да се создадат услови граѓаните да бидат здрави, работоспособни и да придонесуваат за општата благосостојба. Тој посочи дека за да се направи тоа е потребно:

„Реконструкција на постојните и доизградба на започнатите медицински установи на територијата на Македонија, со акцент на формирање на три здравствени центри во Штип, Битола и Тетово, по примерот на ГОБ „8ми Септември“. Тоа е од стратешко значење, бидејќи ќе овозможи брз пристап и услуги на граѓаните, како и подигање на нивото на третманите со софистицирани дијагностички методи“.

Истовремено, како што рече тој, граѓаните нема да бидат изложени на дополнителни материјални трошоци и стресови при добивањето на здравствените услуги, кои им следуваат по сите морални и здравствени норми во едно современо општество. Циривири додаде дека при тоа ќе се направи итно пополнување на дефицитарниот специјалистички кадар во овие установи со упатување на млади лекари на специјализација, вклучувајќи ги и приватните специјализанти. Исто така ќе се направи и привремено дополнување на медицинскиот кадар по принципот на ротација во регионалните центри со кадар од болниците во главниот град, до моментот на оспособување на доктори од дефицитарните специјалности во истите.

„Очекуваме, рече доктор Циривири, - Со ова да се намалат листите на чекање за софистицирани дијагностички процедури и особено елективните оперативни третмани“.

Како втора мерка се предвидува формирање на реални цени на здравствените услуги од страна на Фондот за здравствено осигурување со цел исплата според извршените услуги кон здравствените установи, со што ќе се овозможи самоодржливост на истите.

„Структурата на реалните цени подразбира режиски трошоци, дневниците на персоналот неопходен за оптимално функционирање на основна единица – на ниво на одделение, потрошниот санитетски материјал, како и амортизацијата за одржување на непотрошниот санитетски материјал. Со овој систем се зголемува мотивираноста на установите да ја зголемат ефикасноста и постојано да го подобруваат квалитетот во пружањето на здравствена нега. Овој принцип на економско делување овозможува непосреден увид во финансиската состојба на установата и активно учествуво во планирањето и трошењето на потрошниот и непотрошниот медицински материјал и опрема, како и во одржувањето на болничките капацитети“, рече Циривири.

Формирањето на диспечерски податаочен центар во Министерството за здравство, е третата мерка што се предвидува.

„Со неа ќе се овоможи постојан увид во исполнетоста на капацитетите на сите здравствени установи во државата.Оваа централизација на логистичките податоци овозможува навремен транспорт и прием на итните пациенти, за да се надмине беспотребното лутање на болничките возила по здравствените установи без точна информација за слободно место за прием на итните пациенти. Овој центар, исто така, ќе има клучна улога особено при згрижувањето на пациентите при масовни незгоди, железнички,автобуски, какон и поплави, земјотреси итн“, нагласи доктор Циривири.

Една од мерките за подоборување на состојбите во здравството е и креирањето на реални, конкурентни плати во сите сектори и нивоа на здравството.

„Во ставките за плати, додатоци и надоместоци на плати во Буџетот, ќе се зголеми масата на средства за најмалку 15 проценти, и на тој начин ќе се обезбеди соодветно зголемување, како на докторските, така и на платите на медицинските сестри и помошниот персонал. Порастот на платите ќе се усогласува со порастот на минималната плата“, рече доктор Циривири.

Тој нагласи дека медицинскиот персонал ќе биде во процес на континуирана медицинска едукација во соработка со здравствени установи кои се движечки центри во развојот на современата медицина, а Министерството за здравство ќе го координира развојот, овозможувајќи доостручување, по предлог на непосредните носители на стручната дејност, во согласност со потребите на установите.

Судан: Пожари во 72 села минатиот месец користени како оружје во војната

Подметнување пожар стана ново оружје во војната во Судан, каде што минатиот месец најмалку 72 села или населби се уништени или оштетени на овој начин, наведува „Судански сведок“, организација за човекови права со седиште во Велика Британија.

Паравоените „Сили за брза поддршка“ често користеа оган, палејќи цели села, особено во западниот регион на Судан - Дарфур.

Во извештајот на хуманитарната организација не се наведува дали има жртви.

Во својата анализа, Центарот за информациска отпорност процени дека 31 село и населено место биле зафатени од пожари во април, со стапка на уништување од над 50 проценти.

Во анализата на „Судански сведок“ се наведува дека за време на војната во Судан повеќе пати биле подметнати пожари во најмалку 51 населба за раселени лица.

Истражувачите ги засноваа своите наоди на употребата на сателитски снимки и податоци на НАСА за следење на јавните пожари.

Судан е зафатен со насилство од средината на април 2023 година, кога тензиите меѓу официјалната армија предводена од генералот Абдел Фатах Бурхан и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало прераснаа во отворени борби.

Според последните податоци на ОН, речиси 10 милиони луѓе се раселени во Судан поради борбите, од кои 4,3 се внатрешно раселени, а 1,2 милиони побегнале во соседните земји. Агенцијата за бегалци на ОН вели дека во Судан има „незамислива“ хуманитарна криза.

Во конфликтот загинаа меѓу 10.000 и 15.000 луѓе, а повеќе од 12.000 беа ранети, според Обединетите нации, а активистите и медицинските групи во земјата велат дека вистинската бројка на жртви е многу поголема. /МИА

Украина тврди дека спречила серија руски бомбашки напади во Киев на 9 мај

Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека четири бомби требало да бидат активирани во главниот град на 9 мај.

Украина денеска соопшти дека спречила руска операција која планирала да изврши серија бомбашки напади во продавници за градежни материјали и во близина на кафуле во главниот град Киев, како и во фабрика за одбранбена индустрија во западниот град Лавов.

Двајца руски воени агенти се приведени под сомнение за вмешаност во наводниот заговор, а запленети се 19 експлозивни направи, се вели во објава на Телеграм на канцеларијата на украинскиот државен обвинител.

Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека четири бомби требало да бидат активирани во главниот град на 9 мај, кога Русија ја прославувала советската победа над нацистичка Германија во 1945 година.

„Според планот на руската специјална служба, експлозивите требало да бидат активирани за време на шпицот во супермаркетите за да се нанесе максимална штета на цивилното население“, соопшти СБУ на Телеграм. /МИА

Алегри ја напушта клупата на Јувентус

Стратегот на Јувентус, Масимилијано Алегри, ќе ја напушти тренерската должност по завршување на сезоната, објави денеска италијанскиот весник „Тутоспорт“.

Според истиот извор, финалето на Купот на Италија против Аталанта и преостанатите два натпревари од сезоната во Серија А против Болоња и Монца ќе бидат последните за Алегри на клупата на Јувентус.

Клубот од Торино забележа само две победи на последните 15 натпревари, но обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Договорот на Алегри истекува во 2028 година.

Алегри го предводи Јувентус од 2021 година, а седеше на клупата и во периодот од 2014 до 2019 година, и освои пет шампионски титули во Серија А, четири трофеи во Купот на Италија и два во италијанскиот Суперкуп. /МИА

притисни ентер