Дадо Топиќ откри како го добил името Адолф

Познатиот музичар Дадо Топиќ во интервју откри како го добил името Адолф.

„Најдобриот пријател на татко ми, кого исто така го паметам како еден од најдобрите и најквалитетните луѓе што сум ги сретнал во животот, беше Евреин по име Адолф. Тој беше стоматолог по професија, а татко ми, кого Адолф во животот со своите добри дела го задолжи, вети многу пред моето раѓање дека ако има син ќе го крсти детето по него“, рекол своевремено Дадо и изјавил дека овој Адолф му бил и кум на крштевката, пренесува 24сата.хр. .

Топиќ откри и кога го добил прекарот Дадо.

„Прекарот Дадо го добив дури во средно училиште, кога почнаа да се натрупуваат проблемите околу моето име, па со него сум заглавен до ден-денес“, изјавил Дадо.

ОЈО Скопје прибавува и анализира докази за Палчо

ОЈО Скопје прибавува и анализира докази за Палчо, истрагата за останатите петмина осомничени во завршна фаза.

Обвинителството презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази за првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, кој вчера беше екстрадиран од Турција.

Како што соопштија од ОЈО Скопје, за петмината други осомничени во оваа постапка, истрагата е во завршна фаза.

- За петмина осомничени, од кои тројца соизвршители во тешките кривични дела – две грабнувања и две убиства на свиреп начин, еден осомничен за помагање при грабнувањето на малолетно лице и еден осомничен за помагање по извршеното кривично дело, истрагата е во завршна фаза, стои во соопштението од Обвинителство.

Оттаму дополнуваат дека продолжуваат да преземаат истражни дејствија во предметот.

Палевски, кој минатата година на 6 декември беше уапсен во Баликесир, Турција, синоќа со конвој од пет возила на Интерпол беше спроведен во Истражниот затвор Шутка. Во затворот тој е под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.

Тој е осомничен за убиство на малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За соучество за убиството се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен притвор од неодамна е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството.

Кучето Меси е ѕвезда на црвениот тепих во Кан

Меси, кучето од филмот „Анатомија на падот“ беше ѕвезда на отворањето на Канскиот филмски фестивал. 

На црвениот тепих прошета седумгодишен Бодер Коли, а фотографите го повикаа извикувајќи го неговото име.

Застана на скалите, а потоа ги крена предните шепи во воздух како поздрав до толпата. Меси беше во центарот на вниманието околу 20 минути.

Отворена „Литера 2024“ - Книгите, приказните, уметноста ги носат децата на магични патувања

 Литературата и илустрацијата имаат специјално место во срцата на децата. Низ книги, приказни и уметност, тие нè носат на магични патувања, истражувајќи нови светови со различни карактери и учејќи вредни лекции попат. 

Преку иницијативи како фестивалот „Литера“, ги зајакнуваме културните врски и градиме мостови на пријателство меѓу нашите нации, рече амбасадорот на Турција Фатих Улусој на отворањето на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера“.

Фестивалот беше отворен синоќа, а земја во фокус оваа година е Турција.

-Јас сум татко на две деца и од сопствено искуство знам дека детската литература и илустрациите имаат неверојатна можност да ги просветлат младите умови и да ја прегрнат инклузивноста, поставувајќи основа за општество со поголемо разбирање, додаде Улусој.

Изложба на дела на тројца илустратори од Турција – Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и македонската уметница Наташа Андонова е отворена во Галеријата на Младинскиот културен центар.

Уметници, родители, деца беа присутни на отворањето и уживаа во новата приказна на „Литера“ која годинава е под мотото „Летаме заедно“. Светот им припаѓа на децата.

-„Литера“ е заедничко волшебно патување во кое се впуштивме без да предвидиме со што ќе се соочиме. Во „Литера“ е вложен огромен труд, многу непроспиени ноќи, извозени километри и многу, многу ум, рече Софија Семенпеева-Трајановска, идеен творец на фестивалот.

Писателката Зејнеп Севде сподели како физиката што била нејзина прва определба во животот ја споила со книжевноста.

-Основата на сите науки е во физиката и во нејзините основи може да се најде и книжевноста. Сепак, подоцна им се посветив на студиите по социологија, рече Севде.

Мурат Калкаван е турски уметник што една година живее во Скопје. Вели дека се уште се чувствува како турист и градот сè уште го изненадува.

-Културите ни се слични, турската и македонската култура комуницираат меѓу себе, толку се слични. Се надополнуваат. Многу работи тука ме инспирираат и одушевуваат, рече Калкаван.

Авторка на фестивалскиот постер годинава е Наташа Андонова, илустраторката што лани ја доби наградата за најдобар илустратор за 2023 година. Таа ја истакна димензијата на „Литера“ која ни овозможува да ги видиме големите доајени илустратори одблиску, но и да се запознаеме со автори од други земји.

-Сакам да упатам голема благодарност до „Литера“ и за минатогодишната награда поради која сум тука вечерва. „Литера“ ми овозможува да почувствувам работата на другите наши автори. Среќна сум што моите издавачи „Темплум“ и „Гаврош“ имаа верба во мене за да можам да го постигнам ова, рече Андонова.

Во рамки на фестивалот вчера беше отворен и Саемот на литература за деца првпат во рамки на Литера. Партнер на фестивалот е долгогодишниот пријател на Литера, Халкбанк АД Скопје, за реализација помогнаа и Turkish Airlines и Рамсторе Македонија, долгогодишните соработници Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е македонското Министерство за култура.

притисни ентер