Демократскиот сојуз ќе го одржи седмиот Конгрес

 Демократскиот сојуз денеска ќе го одржи седмиот Конгрес.

Како што информираат од партијата, на Конгресот што ќе се одржи во хотел „Александар Палас“ се очекува да биде усвоен Повик до граѓаните да се вклучат во промените, како и врвни и стратешки приоритети на ДС за наредниот период.

Кина и САД ќе се сретнат во Женева на тема вештачка интелигенција

 Соединетите држави и Кина ќе се сретнат во Женева во вторник за да разговараат за напредната вештачка интелигенција (АИ), објавија американските власти.

Владата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да се ангажира со Кина за голем број прашања со цел да ги намали тензиите меѓу двете земји, пишуваат британските медиуми.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја развија темата за вештачката интелигенција во април во Пекинг, каде што се согласија да ги одржат првите формални билатерални разговори на оваа тема.

Стејт департментот бара од Кина и Русија, како и САД, да усвојат декларации дека само луѓето, а никогаш вештачката интелигенција, ќе носат одлуки за употреба на нуклеарно оружје.

„Коха“: Косово е надвор од агендата на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа

Комитетот на министри во Советот на Европа нема да расправа за Косово на состанокот што се очекува да го одржат оваа недела, објави порталот „Коха“, повикувајќи се на извори во СЕ.

Во одговорот за приштинските медиуми од канцеларијата за медиуми на Советот на Европа, се вели дека во оваа фаза не можат да споделат повеќе информации.

„Косово не е на дневен ред на состанокот на Комитетот на министри следната недела. Немаме повеќе информации во оваа фаза“, се вели во краткиот одговор од СЕ.

Според агендата, министрите за надворешни работи на 46-те земји членки на Советот на Европа ќе одржат годишна сесија на 17 мај годинава во рамките на 75-годишнината на организацијата.

На дневен ред ќе бидат мерките што Советот на Европа продолжува да ги презема како одговор на целосната агресија на Руската Федерација врз Украина, спроведувањето на Декларацијата од Рејкјавик (усвоена на Самитот на шефови на држави и влади во 2023 година) и усвојување на Рамковна конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото.

Парламентарното собрание на СЕ на 16 април годинава во Стразбур го усвои извештајот на известувачката за Косово, Дора Бакојани, во кој се препорачува членство на Косово во таа меѓународна организација без никакви услови.

По дискусијата која траеше повеќе од два часа и во која учествуваа 59 пратеници, за прием на Косово гласаа 131 пратеник, 29 беа против, а 11 беа воздржани. Беше потребно двотретинско мнозинство од присутните претставници на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 46 земји-членки.

По гласањето во ПС на СЕ, останува уште Советот на министри на земјите членки да гласаат за Косово да биде примено во членство на организацијата.

Неколку земји сојузнички на Косово, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Германија и Франција, побараа од Владата на Албин Курти да преземе конкретни дејствија во правец на основањето на Зеаедницата на општини со срспско мнозинство, по што приемот во СЕ би бил гарантиран. Курти одбива да го стори тоа, тврдејќи дека Приштина ги исполнила сите барања поставени претходно од СЕ, а Заедницата досега не била услов за зачленување во организацијата.

Луѓето со вишок килограми одат 2,5 пати почесто на боледување

Европејците со вишок килограми одат 2,5 пати почесто на боледување од останатите луѓе, покажа истражување објавено на Европскиот конгрес за дебелина во Венеција, Италија.

Според истражувањето што опфатило 122.598 работници во 26 европски земји, колку еден човек има поголем вишок килограми, толку е поголема честотата на боледувања. Најчести наведени причини се болки во зглобовите, дијабетес, депресија или проблеми со срцето, пишува британски „Тајмс“.

Британските работници се трети најобезни во Европа, а бројот боледувања е двојно зголемен во Обединетото Кралство последниве 10 години. Тоа, според проценките, значи намалување на продуктивноста во британската економија за околу 33 милијарди фунти.

притисни ентер