Џафери од Пресот 100 дена Влада: Спроведовме европски избори, пред новата Влада е чист пат

Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, одржа прес-конференција на којашто се осврна на работата во изминатите 100 дена, од неговиот избор за премиер и формирањето на Владата.

Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, одржа прес-конференција на којашто се осврна на работата во изминатите 100 дена, од неговиот избор за премиер и формирањето на Владата, со примарна обврска да ги организира и спроведе претседателските и парламентарните избори во државата.

Во продолжение е интегрален текст од обраќањето на премиерот Џафери на прес-конференцијата:

„Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на двојните, претседателски и парламентарни избори. И оваа приоритетна обврска, доверена согласно Уставот и законите, и јас како премиер, и Владата - доследно ја исполнивме.

Спроведовме европски избори, во слободни, мирни, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга. Избори што ќе се спомнуваат по тоа како може, и како треба да се сработи во интерес на граѓаните и државата. Со тоа, со право можам да оценам дека придонесовме во европското поведение на земјата, којашто се стреми да биде членка на Европската Унија. Потврда на моите зборови се и честитките и изразите на почит и од нашите европски партнери.

Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт – тогаш тоа се изборите. И во оваа прилика, изразувам благодарност и до институциите и до граѓаните, затоа што беа на висина на одговорноста и придонесоа кон нашите искрени заложби - државата да напредува според европските вредности.

Токму вака, на дело, се работи за големата европска идеја. Очекувам овој правец да го следи и следниот владин состав, затоа што иднината на Македонија, мирот, спокојот и перспективите на граѓаните се директно поврзани со напредокот во евроинтеграциите и реализацијата на полноправното членство, во динамичен процес, до 2030 година. Шансата е пред државата и пред новата Влада, исто така и одговорноста!

Сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат, со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт. Граѓаните очекуваат реализација на ветеното, но и стабилно, предвидливо и напредно општество, во кое ќе се чувствуваат сигурно и во чекор со развиениот демократски свет.

Почитувани,

Денеска, кога одбележуваме 100 дена од формирањето на Владата што ја предводам, со чист образ, мирна совест и должна почит кон сите граѓани, можам да оценам дека тоа што го најавив кога стапив на должноста, дека ќе работам во интерес на сите граѓани и на државата, го спроведов.

- Потврдив дека моето именување за премиер, како прв премиер Албанец на Македонија е уште еден придонес во демократијата во Македонија.

- Продолживме по стратешкиот евроатлантски колосек, којшто е од највисок државен интерес. Учествував на важни меѓународни настани, со цел афирмација на стратешките евроатлантски определби. Реализирав бројни средби на значајни меѓународни настани, со високи претставници на Стејт Департментот, на државите членки ЕУ, со премиерите од Западен Балкан.

- Ги донесовме и сите други потребни одлуки од значење на квалитетот на живот на граѓаните – согласно надлежностите што ни ги овозможуваат Уставот и законите. Пред сѐ, овде мислам на решенијата што ги изнајдовме за приоритетните проблеми и во таа насока, спроведената ефикасна координација со и помеѓу институциите. Доаѓајќи од законодавниот дом, имав прилика да се насочам и на прашањата коишто беа иницирани од поодамна, а за кои имав можност да најдам решение во својство на премиер.

Почитувани граѓани,

За сите активности на Владата што ја предводам, може подетално да прочитате во публикацијата чиј линк ќе го добиете, а којашто претставува Извештај за првите 100 дена од работата на Владата што ја предводев“, соопштуваат од Владата.

Бела Хадид во проѕирен фустан на црвениот тепих во Кан, сите занемеа (ФОТО)

Манекенката Бела Хадид го украде шоуто на Канскиот филмски фестивал кога се појави во проѕирен фустан кој ги откри нејзините облини.

Во фустан со потпис на брендот Ив Сен Лоран, Бела го привлече вниманието на фотографите на црвениот тепих и на балконот каде позираше пред да го напушти хотелот. Папараците буквално ја опколиле при нејзиното пристигнување на црвениот тепих.

Инаку, Бела се појави на проекцијата на филмот The Apprentice.

Во Калифорнија среде ноќ исчезна очувот на принцезата Татјана од Грција (ВИДЕО)

Очувот на принцезата Татјана од Грција (43) ненадејно исчезна среде ноќ во Малибу.

Како што објави „Дејлимејл“, Атиљо Брилембург (53) исчезнал во саботата, а последен пат бил виден во еден часот по полноќ. Носел сина кошула, сиви панталони и бил бос.

Властите ги повикаа сите кои можеби знаат нешто за неговото движење да се јават. Родениот њујорчанец, кој е поврзан со европските кралски членови, бил забележан недалеку од луксузен станбен комплекс. Тоа е ридско подрачје, кое што било слабо осветлено.

Околностите под кои исчезнал не се откриени. Полицијата навела дека станува збор за белец, висок 177 сантиметри, тежок околу 75 килограми, со седа коса, зелени очи и тетоважа на горниот дел од телото.

„Загрижени сме за господинот Брилембург“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Атилио Брилембург е очув на принцезата Татјана од Грција, член на грчкото и данското кралско семејство, која е родена во Венецуела. Полицијата изјавила дека тој повеќе нема никаква врска со кралското семејство. Принцезата Татјана од Грција е мажена за принцот Николај, син на Константин II, кој беше крал на Грција до укинувањето на монархијата во 1973 година.

Парот, кој се венчал во август 2010 година, минатиот месец објави дека се разведува. И покрај ова, Татјана најави дека ќе ја задржи титулата. На свадбата, која беше опишана како „Мама миа, со аристократи“, присуствувале претставници на кралските семејства на Холандија, Данска, Шведска и Шпанија.

Принцезата Татјана, чие полно име е Татјана Блатник, се занимава со пишување и филантропија. Таа пораснала во Швајцарија. Основач е на непрофитната организација „Дух“ која се занимава со подигање на свеста за менталното здравје.

Шок во Тирана: Тројца мажи киднапирале момче среде главниот плоштад и го силувале

Во Тирана денеска е киднапиран и силуван 20-годишен млад човек, соопшти полицијата, додавајќи дека сторителите се уапсени.

Невидениот настан се случил на плоштадот Скендербег во центарот на Тирана, каде Д.Б. (36), Е.Х. (31) и неименуван 19-годишен маж, насилно го зеле 20-годишникот и го силувале, пренесува VoxNews.

Сите тројца се уапсени, додека уште еден маж на 28-годишна возраст исто така е лишен од слобода бидејќи не го пријавил делото.

Се сомнева дека целиот настан се случил од банални мотиви.

Според полицијата, тројцата со употреба на насилство го киднапирале младиот човек.

Специјалисти за истрага на криминал од Полициска станица бр. 1, откако добиле пријава од дваесетгодишен маж дека тројца мажи му ја одзеле слободата, веднаш организирале нивно фаќање.

Материјалите се проследени до Обвинителството.

притисни ентер