Џафери: Почитувањето и еднаквиот третман на работниците и работничките права е императив

Претседателот на Владата на Република Македонија Талат Џафери, упати честитка до граѓаните по повод 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот. Во продолжение на ова соопштение, ви ја пренесуваме интегрално честитката на премиерот Џафери:

„Почитувани граѓани, почитувани работници,

Денес е 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, и, покрај честитките, дозволете да изразам и огромна благодарност до сите почитувани работници кои и во овие тешки околности на глобални кризи од здравствен, енергетски и економски аспект, посветено, одговорно и професионално придонесуваат во јакнењето на издржливоста, растот, развојот и конкурентноста на економијата во Република Македонија.

Како држава, треба секогаш да размислуваме во насока на понатамошно унапредување на работничките права, да го споделуваме товарот и да покажеме солидарност. Да ги заштитиме и работниците, и работодавачите. Затоа што, секогаш може да биде подобро.

Да се чувствуваат посреќни, еднакви и рамноправни. Затоа што, само задоволни работници претставуваат и верни и лојални чувари на јавното добро. Тогаш стануваат моќни двигатели на домашната економија а со тоа овозможуваат и обезбедување на поквалитетен семеен стандард и живот.

Како идна земја членка на Европската Унија, наша заложба е да ги штитиме работниците и да осигураме еднаков и фер третман за нив од работодавачите, бидејќи секој работник е пред сѐ, човечко битие кое заслужува почит и достоинствен живот.

Во име на Владата на Република Македонија и во свое лично име, ви го честитам 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот“.

Хутите собориле американски дрон

Јеменските Хути собориле американски дрон МК9 над провинцијата Ал Бајда во јужен Јемен, соопшти денеска воениот портпарол на оваа милитантна група Јахја Сари.

Тој истакна дека дронот бил цел на проектил земја-воздух од локално производство и додаде дека ќе биде објавено видео кое ќе ги потврди овие тврдења.

Минатиот петок Хутите соопштија дека собориле уште едно американско беспилотно летало МК9 над југоисточната провинција Мареб.

Групата, поддржана од Иран, почна напади врз бродови во Црвеното Море во ноември во, како што велат, знак на солидарност со палестинскиот народ во Појасот Газа.

САД и Велика Британија почнаа серија напади против Хутите во Јемен во февруари како одговор на акциите на групата.

ССМ: Синдикална минимална кошница за мај 60 090,00 денари

Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец мај 2024 година изнесува 60 090,00 денари, информираат денеска од ССМ.

Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец април годинава која изнесува 60 212,00 денари е намалена за 122,00 денари.

Како што додаваат од ССМ, со изнајмен стан од 60 квадрати за месец април изнесува 75 465,00 денари.

Еден загинат, 17 лица се повредени во судар на камион и автобус кај Обреновац

 Во судир на автобус и камион во местото Стублине кај Обреновац, едно лице загина, а 17 лица се повредени, јави дописникот на МИА од Белград.

Судирот се случил во 10.05 часот. Шест повредени лица се пренесени во КБЦ Бежанијска коса, додека 11 лица се во Здравствениот дом во Обреновац.

Според првичните информации загинатото лице е возачот на автобусот кој починал на самото место.

Повреден е и возачот на камионот кој учествувал во сообраќајната несреќа.

Сообраќајот на тој дел од патот е во прекин. Полицијата врши увид теренот. /МИА

притисни ентер