ЕП започна кампања за поттикнување на излезноста на Евроизборите

 Европскиот парламент од денеска започнува кампања за поттикнување на граѓаните на ЕУ да учествуваат на Евроизборите закажани за од 6 до 9 јуни годинава, чија примарна цел е да се зголеми одѕивот на гласачите. 

Идејата на кампањата е да се пренесе пораката: „Користете го вашиот глас, не дозволувајте толку лесно да ви биде одземена демократијата. Таа е дадена, вие треба да ја браните“.

Почнувајќи од првите директни избори за европратеници во 1979 година кога одѕивот беше 61,99 отсто, тој беше во опаѓање на секое следно гласање, паѓајќи под 50 проценти на сите избори по 1999 година, за да ја достигне најмалата излезност од 42,61 отсто во 2014 година. На последните избори за членови на Европарламентот во 2019 година, во сенка Брегзитот, одѕивот беше 50,62 проценти.

Во фокусот на кампањата се ставени историјата на демократијата во Европа, руската инвазија врз Украина и антидемократските трендови на континентот, со потсетување на искуствата на Европејците со диктатурте и војните, Холокаустот, Прашката пролет од 1968 година, падот на Берлинскиот ѕид, па се до и достигнувањата на европскиот мир.

- Демократијата е во опасност. Искористете го вашиот глас или другите ќе одлучат наместо вас, повикува Европарламентот.

За спроведување на оваа кампања Европскиот парламент издвои буџет од 37 милиони евра, што претставува 0,08 евра по глава на граѓанин на ЕУ со право на глас на Евроизборите.

Својата последна предвидена пленарна седница во сегашниот состав Европскиот парламент ја одржа минатата недела. /МИА

Управен суд ќе одлучува по тужбата на коалицијата “ВРЕДИ“

Управниот суд попладнево ќе одржи седница на која ќе одлучува по тужбата на Коалицијата Вреди против одлуката на Државната изборна комисија да го отфрли приговорот за гласањето во Долна Бањица гостиварско.

Засега во Управниот суд е пристигната само една тужба од коалицијата вреди а тужби против одлуките за дел од прифатените приговори на Државната изборна комисија најавија и од коалицијата Европски фронт предводен од ДУИ.

Во зависност од одлуките по тужбите кои ќе ги донесе Управниот суд и од тоа дали евентуалното прегласување на тие избирачки места би влијаело на распределбата на пратеничките мандати, комисијата ќе донесе конечна одлука за прегласување.

Се вратила дома исчезнатата 16 годишна девојка од Велес

Во  велешката полиција било пријавено дека синоќа околу 18.00 часот во домот се вратила 16 годишната М.И. од Велес, информира попладнево Татјана Ѓуровска од СВР Велес.

Претходниот ден на 14 мај нејзината 29 годишна сестра К.Р. од Велес пријавила дека нејзината сестра се оддалечила oд домот.

Наумовски: Користењето на новата додавка на државното име во документите е избрзано

Васко Наумовски денеска во изјава за медиумите истакна дека новата додавка на името на државата треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје.

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски денеска во изјава за медиумите истакна дека новата додавка на името на државата треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје.

По денешната панел-дискусија и промоција на публикацијата „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: Дали Република С. Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?”, Наумовски посочи дека некои аспекти на имплементацијата на Преспанскиот договор се направени предвреме и избрзано штом, како што рече, земјава ги нема отворено преговорите за членство со ЕУ и нема отворено ниту едно поглавје.

- Имено, доколку детално се анализираат одредбите, ќе видиме дека претходната Влада на СДСМ отиде и предалеку со имплементацијата на Преспанскиот договор во внатрешната употреба и документите кои се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба, односно некои одредби кои што требаше да бидат имплементирани постепено согласно отворањето на поглавјата за приговорите со Европската унија беа имплементирани избрзано. Доколку ја направиме анализата, ќе видиме дека самиот договор предвидува постепено имплементирање на додавката во документите согласно отворањето на поглавјата, односно новата додавка треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје. Ние ги немаме отворено преговорите за членство со Европската унија и немаме отворено ниту едно поглавје, што значи дека некои аспекти на имплементацијата се направени предвреме и избрзано, рече Наумовски.

Според поранешниот вицепремиер Наумовски, избегнувањето на претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го каже целосното уставно име на државата во нејзината свечена изјава не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор.

-Она што професорката Сиљановска Давкова го направи, според мене, не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор, туку ние сме доведени во ситуација да го толкуваме Преспанскиот договор од гледна точка на Грција. Она што било претходно направено, таа избрзана и предвремена имплементација, според мене, било погрешно. Можеби е добро да се направи детална анализа што всушност треба да значи внатрешната употреба на Преспанскиот договор и како таа да се употребува понатаму. За очекување беше дека нашите соседи нема да го игнорираат овој потег, меѓутоа сметам дека ние би требало малку подлабоко да гледаме на ова прашање, односно да видиме дали во суштина некои одредби од т.н Преспански договор се прекршени или не, и што всушност значи неговата примена во документите што се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба, рече Наумовски, потенцирајќи дека ставот на Сиљановска Давкова по ова прашање бил јавно деклариран уште во нејзината предизборна кампања и таа останала доследна на она што го ветувала на граѓаните.

притисни ентер