Филипче: СДСМ нема да трпи уцени, ќе пропаднат обидите да се подели партијата

Носителот на изборната листа четири на СДСМ и Коалицијата, Венко Филипче, денес беше во посета на Валандово каде оствари средби со граѓани. 

Филипче ги промовираше мерките за земјоделците и се осврна на актуелната политичка состојба и пораките од партиите.

„СДСМ нема да трпи уцени. Оние кои му мислат добро на СДСМ секогаш остануваат и се борат од внатре да ги менуваат работите на подобро. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ. Граѓаните и гласачите на СДСМ веќе ја препознаваат измамата која им е сервирана од страна на ЗНАМ. Паднаа маските, се открија скриените коалиции кои имале за цел ослабување на СДСМ. Но, за нивна несреќа тоа нема да се случи. Ја верувам дека има доволно време до 8 мај, оние кои сега ја видоа скриената агенда на ЗНАМ, да ја преиспитаат одлуката и да ја подржат СДСМ на изборите“ - рече Филипче,се наведува во партиското соопштение.

Земјоделци од селата Иловица и Штука го блокираа патот заради ниските откупни цени

Земјоделци од селата Иловица и Штука во Општина Босилово денеска го блокираа патот до нивните села заради ниските откупи цени на младиот компир.

Со трактори и земјоделска механизација тие ја блокираа крстосница што води кон двете села револтирани од откупната цена на младиот компир која денеска изнесувала 15 денари за килограм.

Според земјоделците, младиот компир треба да се откупува за најмалку 25 денари за килограм, бидејќи сегашната не ги покрива ниту основните трошоци за производство.

Земјоделците од Иловица и Штука од вчера имаат договор да не земат амбалажа и да не го предаваат родот.

Дачиќ: Во акцијата Армагедон уапсени седум педофили, пронајден детски порнографски материјал

Во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години.

Потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во големата акција ’Армагедон‘ беа уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија. При претресот на становите, преку увид во компјутерите беа пронајдени фотографии и видео записи кои се резултат на сексуална експлоатација на децата, во најголем број случаи на возраст од шест до десет години, но и на возраст под две години, изјави Дачиќ.

Исто така, беа пронајдени пораки преку кои осомничените сексуално злоупотребувале деца и малолетни лица, односно барале од нив да испратат слики и видеа на кои се голи, изјави министерот Дачиќ.

Вишото јавно обвинителство во Белград, Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал во соработка со полициски службеници на Дирекцијата за техника, Службата за борба против високотехнолошки криминал и полициски службеници од полициските одделенија Смедерево, Пирот, Шабац, Лесковац, Тутин, Врање и Бор успешно ја спроведоа акцијата „Армагедон“ при што беа уапсени седум лица од територијата на Република Србија.

Уапсени се М.Ц. (1958) од Шабац, Н.Б. (2000) од Пирот, П.С. (1999) од Лесковац, М.А. (1980) од Тутин, П.Д. (2000) од Смедерево, Л.Л. (1995) од Врање, и М.М. (1993) од Неготин.

На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и во законскиот рок со кривична пријава ќе бидат изведени пред Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград. /МИА

Намален бројот на превезени патници во патниот сообраќај во првиот квартал

Вкупниот број превезени патници во патничкиот патен превоз во првото тримесечје од 2024 година изнесува 10.766.000 и во однос на истиот период од претходната година е намален за 17.2 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според видот на превозот, бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 22.2 %, во приградскиот превоз е намален за 13.1 %, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 6.6 %, а во меѓународниот превоз е намален за 32.6 %.

Во првото тримесечје од 2024 година, во однос на истиот период од 2023, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е намален за 12.0 %. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е намален за 1.6 %, во приградскиот превоз е намален за 8.6 %, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 14.2 %, а во меѓународниот превоз намалувањето изнесува 27.7 %.

притисни ентер