Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата

 Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби.

† СТЕФАН,

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,

ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Денес сето создание се весели и се радува,

зашто – Христос воскресна[1].

Возљубени празникољупци,

Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата.

Господ Исус Христос, со Своето воскресение од мртвите, ни го осмисли нашиот живот, и не само овој – земниот, туку и небесниот, односно ни го дари вечниот живот во Неговото Царство. Токму преку Христовото воскресение се одгатнаа сите загатки со коишто, уште од паѓањето во грев, се соочуваше немоќното и безутешно човештво, а коишто завршуваа со суровоста на смртта. Ете, токму преку тоа Чудо над чудата, ние, луѓето, од смртни станавме бесмртни[2] и ни беше овозможено трајно да се ослободиме од прангите на смртта и да се упатиме кон Оној Kojшто и самиот е Живот[3] – кон Христа Животодавецот.

Возљубени сорадосници во Христа воскреснатиот,

Радоста, којашто извира од тајната на Христовото воскресение и којашто, еве, сите ние, како христијани, ја сведочиме повеќе од две илјади лета, е неизмерна. Но, оваа неискажлива и преславна радост[4] не треба да биде минливо чувство, коешто ќе нѐ обземе само во овие празнични дни, туку, напротив, треба да ни постане начин на живеење и на постоење.

Впрочем, и самото христијанство е вера на радоста! Ако не постои радост, тогаш не постои ни вистинско христијанство; ако немаме радост во нас и помеѓу нас, тогаш не сме ни вистински христијани, ни вистински учесници во Христовото воскресение, ниту, пак, вистински следбеници на Христа.

Според тоа, доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот.

Возљубени чеда во Господа,

Тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето. Та, можно ли е вистински да го празнуваме Велигден – Празникот над празниците – ако не простуваме и ако не бараме да ни простат!? Можно ли е да водиме христијански живот и да се нарекуваме христијани ако во нашите срца се вгнездени злопамтивоста и одмаздољубивоста или, пак, ако во нашите души се всадени гневот и лутината!? Тоа е – невозможно! Да се живее вистински христијански живот – живот според Евангелието – значи да се постане обновен човек во Христа[5] и да се чекори по патот на богољубието и човекољубието – по патот којшто води кон Царството небесно.

Затоа, што е можно поскоро, да се угледаме кон сите оние коишто низ вековите Го возљубија Бога, а го возљубија и својот ближен, да се угледаме на нивниот богоугоден живот, во којшто особено се истакнува подвигот на човекољубието и на простувањето, па – со силата на Христовото воскресение – и сите ние, коишто се именуваме со Неговото име, да го возљубиме својот ближен и секому сѐ да простиме[6] за, на тој начин, да станеме наследници на вечниот живот[7].

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Доколку се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план. Впрочем, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сѐ уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата.

Та, кој ќе се осмели да нѐ оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сѐ уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на Православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско.

Затоа, што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска Црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со коишто катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања.

Возљубени родољупци,

Ова лето Господово достојно ќе одбележиме и повеќе годишнини, коишто се изнедрени од пазувите на нашето богато и славно минато. Меѓу нив, најпрво ќе си припомниме за Беласичката битка, од 1014-тата, којашто, всушност, е неделиво поврзана со градењето и со запазувањето на нашата долговековна историска посебност, а ќе се присетиме и на бележитите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, одржано во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, во 1944година. Исто така, ќе ги прославиме и 860-годишното постоење на велелепниот манастир „Свети великомаченик Пантелејмон“ во Нерези, Скопско, како и 100-годишнината од замонашувањето на возобновителот на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква – блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј.

Еве, токму овие незаборавни настани нека ни бидат силен поттик за обнова на нашата црковно-национална самосвест, а истовремено нека ни бидат и постојани потсетници за она за коешто се бореле многу наши поколенија, а за коешто останува и ние да продолжиме да ги чуваме – нашата Татковина Македонија и нашата Македонска Црква.

Нека незаодната светлина од празникот на Христовото воскресение – Велигден, ни биде нераскинлива нишка којашто ќе нѐ поврзе сите Македонци – и овде, во Татковината, и насекаде каде што нашинците се иселени по светот – во единството на троедната љубов: во богољубието, братољубието и родољубието, та едногласно да воскликнеме пред сиот свет: Христос воскресе!

† СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод

на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР,

Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски

† ТИМОТЕЈ,

Митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски

† НАУМ,

Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ,

Митрополит Повардарски

† ЈОВАН,

Митрополит Крушевско-демирхисарски

† МЕТОДИЈ,

Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН,

Митрополит Европски

† ИЛАРИОН,

Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ,

Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ,

Митрополит Кумановско-осоговски

† ЈОАКИМ,

Епископ Дељадровско-илинденски

† МАРКО,

Епископ Делчевско-каменички

Како да се стави крај на врсничкото насилство кај младите?

Со свирчиња во рака децата и родителите денеска во Градскиот парк во Скопје го „кренаа гласот“ против врсничкото насилство.

На отворениот настан во рамки на кампањата на Макпетрол за спречување на врсничкото насилство присутните родители, баби и дедовци порачаа дека врсничкото насилство може да се спречи само со поголема едукација. Велат се започнува од домашното воспитување, но клучни во борбата против насилството се институциите како училиштата и градинките од кои бараат поголема ангажираност на оваа тема.

- Малце да се елиминира пристап до интернет на рана возраст и само муабет дома, правилно воспитување се решава. Децата се повеќе време таму во школо, во градинка така да многу влијае и тоа какви воспитувачи и учители имаат.

- Едукација, школи, семинари, едукација пред се.

- Мислам дека најмногу образовниот систем треба да работи на тоа, психолозите во школите, педагозите и ние од дома да ги советуваме да не прават такви работи.

На отворениот настан присутните се забавуваа со повеќе музички, сценски интерпертации и интерактивни содржини. Актерот Сашко Коцев на најмладите им порача доколку се соочуваат со насилство да се охрабрат и тоа да го споделат со родителите, наставниците, педагозите..

- Јас една едноставна и ведра порака што ја испратив е се ставив јас кога сум бил да кажеме жртва, едноставно која била мојата позадина да не соопштам на никого. Тоа е еден срам дека ќе испаднеш послаб па ќе кажат „еј тужакаш“ или ми било страв дека тие што те малтретираат ако кажеш ќе станат уште полоши. Само тоа сакав да ги охрабрам дека треба да кажат децата.- Сашко Коцев – актер

Врсничкото насилство или булингот се јавува во повеќе форми: физички, вербален, социјален а во поново време и сајбер булинг. Токму изминатиов период имаше најмалку два случаи на физички пресметки меѓу малолетници, кои беа снимени со телефон, од кој за еден сеуште се чека судска пресуда. Психолозите реагираат дека системското решение е во целокупниот образовен процес, но и во домот од каде децата учат од родителот како да се соочуваат со емотивно тешки состојби.

Повторно „никна“ импровизиран забавен парк кај салата Борис Трајковски

​Поставените реквизити за забава и адреналин на празниот простор пред спортската сала Борис Трајковски се без соодветна документација и дозвола која гарантира безбедност за посетитлите, соопшти Град Скопје. 

Градот извршил надзор и превземал мерки да го казни правното лице, но според градот правното лице Дизниленд Реквизити продолжиле да работат насилно.

Денеска се распоредуваа и се монтираа и останатите реквизити. Сопственикот на Дизниленд Реквизити за Канал 5 објасни дека тој се обратил до Град Скопје и општина Карпош но оттаму писмено му одговориле дека не се надележни за дозвола и сега не му е јасно зошто овие реакции од страна на Град Скопје. Од Дизниленд Реквизити велат дека ги имаат сите потребни гаранции и потребни тестови за поставување на опремата и исто така правен договор со приватното лице на земјиштето дека овој простор ќе го користат еден месец.

Од Град Скопје објаснуваат дека ги повикуваат сите надлежни институции да реагираат и да постапат во најкус рок зошто станувало збор за самоволие и дека е ставено во прашање безбедноста на децата. Од фирмата Дизниленд Реквизити пак најавија дека со адвокатите ќе бараат да се реши нивниот проблем со град Скопје.

Нимиц за „Канал 5“: Засега ќе се воздржам од коментар

Специјалниот посредник на ОН во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц, засега нема да ја коментира вжештената реторика на релација Атина – Скопје околу Преспанскиот договор и заканите од грчките политичари за ново вето за Македонија.

Медијаторот кој 25 години посвети за постигнување компромис меѓу двете страни, во ексклузивен одговор за Канал 5 кратко изјави: „Мислам дека ќе се воздржам засега. Не сум сигурен дека би можел да кажам нешто во овој момент“, вели Нимиц.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите и дома и надвор околу усната употреба од новите македонски власти на името „Македонија“, без придавката „Северна“. Поранешниот министер за надворешни работи кој го потпиша Договорот во 2018 година, Никола Димитров во колумна за „Еуроњуз“ оценува дека Договорот од Преспа е добредојдена реалност, дури и меѓу неговите противници, а повторно отворање на спорот, според него, би било многу полошо.

- Договорот што го потпишавме е добар компромис, кој се однесува на критичните грижи на двете страни. Тоа ги смири билатералните односи во тоа време и ги започна обновените врски меѓу нашите народи, отворајќи ја вратата за пријателство и соработка, пишува Димитров.

Со сличен став за последиците од кршењето на Преспанскиот договор од македонска страна излезе и професорот по меѓународно право Тони Дескоски, кој беше дел од правниот тим во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правдата во Хаг. Во објава на социјалните мрежи Дескоски реагира дека за Македонија полошо од Преспа е само прекршување на истата, а дополнително според него на ваков начин ќе и се даде на Бугарија аргумент дека нашето прекршување на Билатералната спогодба за добрососедство била причина за бугарското вето за ЕУ.

-Преспанскиот договор е ужасно лош по нашата земја и национален идентитет. Но, за нас има и полошо сценарио. А тоа е нашата земја да влезе во систематско и континуирано прекршување на Преспанскиот договор. Таквото поведение ќе создаде впечаток за крајна неодговорност на нашата страна, а на Грција ќе и даде простор да глуми жртва и да презема остри мерки кон нас, како одбрана од нашата “агресија”, смета Дескоски.

Ново предупредување до македонските власти да го користат само името „Северна Македонија“ повторно стигна од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Во интервју за државната телевизија ЕРТ, Мицотакис, обраќајќи се до идната влада во Скопје повтори дека без целосно усогласување со Договорот за името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ-перспективата на земјава.

-По прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се ​​почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија, рече Мицотакис.

Бурните реакции од официјална Атина се интензивираа по заклетвата на претседателката Силјановска Давкова која во таа прилика ја изостави „Северна“, а ист пристап најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иако како што кажа, договорот е реалност и ќе се почитува.

притисни ентер