Гир не коментира за злоупотребените 2,2 милиони евра што Македонија треба да ги врати

Националната агенција за Еразмус во Македонија да ги испорача сите препораки на ОЛАФ – вели евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

Иако не сакаше да ги коментира одлуките на Европската Комисија, сепак уверува дека и покрај истрагата во иднина нема да се намали буџетот за нови проекти во земјава финансирани од европски пари и очекува програмата да продолжи да функционира без проблеми.

-Во согласност со стандардните процедури не коментираме за истраги извршени од ОЛАФ, телото на Европската Унија за истражување измами. Иако очекуваме од агенцијата тука во Македонија да ги испорача разните препораки дадени од ОЛАФ за овој случај, продолжуваме да имаме доверба во Агенцијата и согласно на тоа, не ја намаливме висината на буџетот за „Еразмус“ програмата. Среќен сум што ќе кажам дека „Еразмус“ продолжува да работи во корист на младите, студентите и универзитетите во оваа земја.- Дејвид Гир – Евроамбасадор

Случајот вчера го обелодени директорот на националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓорѓиевски, кој посочи дека станува збор за проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус Плус, финансирани од Европската Комисија во периодот од 2016 до 2018 година. Поранешната директорка на агенцијата, Лидија Димова за „Фокус“ тврди дека во 2019 година поднела кривична пријава за проневера на средствата, но дека поранешни високи функционери и вршеле притисок да ја повлече истата.

-Во април 2020 година, од Владата ми беше доставен ‘поздрав’ со листа на проекти што требаше да ги ‘пуштам’. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев – во присуство на Нола Исмајлоска – од мене побара да ја повлечам кривичната пријава. Во октомври бев разрешена поради ‘неетичко однесување’ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата. Во следните неколку месеци новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра.- Лидија Димова – Поранешна директорка на Еразмус

Во проверка на случајот покрај, ОЛАФ вклучено е и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од таму за Канал 5 велат дека активно се спроведува предистражна постапка, но дека засега не откриваат повеќе детали поради тајноста на постапката.

Киев: Русија ја нападна енергетската инфраструктура во три украински региони

Руските вооружени сили денеска ја нападнаа енергетската инфраструктура во три украински региони, соопшти украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.

Нападнати се објекти во областите Дњепропетровск, Ивано-Франковск и Лавов.

Халушченко информираше дека во нападот е оштетена енергетската опрема, а најмалку еден работник е повреден.

Тој на својот канал во апликацијата „Телеграм“ напиша дека сега се откстрануваат последиците од нападот.

Одбележување на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје

 Под мотото „Заштитуваме генерации“, со детските ликови „Биби и Боби“ и детска балетска претстава, денеска во  Градскиот парк во Скопје, на отворената сцена „Школка“, ќе биде одбележана Европската недела на имунизација.

На настанот организиран од Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, поддржани од УСАИД и ЕУ, обраќања ќе имаат евроамбасадорот Дејвид Гир, специјалната претставничка на СЗО д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани и претставник од Министерство за здравство.

- Заедно да ја подигнеме свесноста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија, истакнуваат од Министерство за здравство.

Кикбоксерот Бобан Илиоски светски првак во ВАКО ПРО

 Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, до 88,6 кг, откако синоќа во борба за титулата го совлада Берк Дузенли од Турција.

Бодрен во СЦ „Јане Сандански“ од домашната публика и навивачката група „Комити“, Илиоски го совлада актуелниот аматерски светски првак со судиска одлука од 2-1.

Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО првенство во категоријата лоу кик до 86 килограми и ја обедини светската и европската титула.

За своите успеси на меѓународната сцена Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година.

притисни ентер