На отворениот настан во рамки на кампањата на Макпетрол за спречување на врсничкото насилство присутните родители, баби и дедовци порачаа дека врсничкото насилство може да се спречи само со поголема едукација. Велат се започнува од домашното воспитување, но клучни во борбата против насилството се институциите како училиштата и градинките од кои бараат поголема ангажираност на оваа тема.
- Малце да се елиминира пристап до интернет на рана возраст и само муабет дома, правилно воспитување се решава. Децата се повеќе време таму во школо, во градинка така да многу влијае и тоа какви воспитувачи и учители имаат.
- Едукација, школи, семинари, едукација пред се.
- Мислам дека најмногу образовниот систем треба да работи на тоа, психолозите во школите, педагозите и ние од дома да ги советуваме да не прават такви работи.
На отворениот настан присутните се забавуваа со повеќе музички, сценски интерпертации и интерактивни содржини. Актерот Сашко Коцев на најмладите им порача доколку се соочуваат со насилство да се охрабрат и тоа да го споделат со родителите, наставниците, педагозите..
- Јас една едноставна и ведра порака што ја испратив е се ставив јас кога сум бил да кажеме жртва, едноставно која била мојата позадина да не соопштам на никого. Тоа е еден срам дека ќе испаднеш послаб па ќе кажат „еј тужакаш“ или ми било страв дека тие што те малтретираат ако кажеш ќе станат уште полоши. Само тоа сакав да ги охрабрам дека треба да кажат децата.- Сашко Коцев – актер
Врсничкото насилство или булингот се јавува во повеќе форми: физички, вербален, социјален а во поново време и сајбер булинг. Токму изминатиов период имаше најмалку два случаи на физички пресметки меѓу малолетници, кои беа снимени со телефон, од кој за еден сеуште се чека судска пресуда. Психолозите реагираат дека системското решение е во целокупниот образовен процес, но и во домот од каде децата учат од родителот како да се соочуваат со емотивно тешки состојби.