Медијаторот кој 25 години посвети за постигнување компромис меѓу двете страни, во ексклузивен одговор за Канал 5 кратко изјави: „Мислам дека ќе се воздржам засега. Не сум сигурен дека би можел да кажам нешто во овој момент“, вели Нимиц.
Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите и дома и надвор околу усната употреба од новите македонски власти на името „Македонија“, без придавката „Северна“. Поранешниот министер за надворешни работи кој го потпиша Договорот во 2018 година, Никола Димитров во колумна за „Еуроњуз“ оценува дека Договорот од Преспа е добредојдена реалност, дури и меѓу неговите противници, а повторно отворање на спорот, според него, би било многу полошо.
- Договорот што го потпишавме е добар компромис, кој се однесува на критичните грижи на двете страни. Тоа ги смири билатералните односи во тоа време и ги започна обновените врски меѓу нашите народи, отворајќи ја вратата за пријателство и соработка, пишува Димитров.
Со сличен став за последиците од кршењето на Преспанскиот договор од македонска страна излезе и професорот по меѓународно право Тони Дескоски, кој беше дел од правниот тим во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правдата во Хаг. Во објава на социјалните мрежи Дескоски реагира дека за Македонија полошо од Преспа е само прекршување на истата, а дополнително според него на ваков начин ќе и се даде на Бугарија аргумент дека нашето прекршување на Билатералната спогодба за добрососедство била причина за бугарското вето за ЕУ.
-Преспанскиот договор е ужасно лош по нашата земја и национален идентитет. Но, за нас има и полошо сценарио. А тоа е нашата земја да влезе во систематско и континуирано прекршување на Преспанскиот договор. Таквото поведение ќе создаде впечаток за крајна неодговорност на нашата страна, а на Грција ќе и даде простор да глуми жртва и да презема остри мерки кон нас, како одбрана од нашата “агресија”, смета Дескоски.
Ново предупредување до македонските власти да го користат само името „Северна Македонија“ повторно стигна од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Во интервју за државната телевизија ЕРТ, Мицотакис, обраќајќи се до идната влада во Скопје повтори дека без целосно усогласување со Договорот за името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ-перспективата на земјава.
-По прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија, рече Мицотакис.
Бурните реакции од официјална Атина се интензивираа по заклетвата на претседателката Силјановска Давкова која во таа прилика ја изостави „Северна“, а ист пристап најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иако како што кажа, договорот е реалност и ќе се почитува.