Јулија Навална: На Путин мора да му дојде крајот

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија, денеска изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да дојде до крај, јави Бета.

-За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен, рече Навална и притоа за сето тоа го обвини рускиот претседател.

Во видео порака објавена на Јутјуб таа кажа дека со секој нов мандат на Путин целата ситуација во земјата се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку тој остане на власт.

-Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови, им порача Јулија на граѓаните на Русија и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки за жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака, туку само тој“.

Таа додаде дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“, а тој не го исполнил ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога кажа дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.

-Пред два месеци Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашни терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија смрт на десетици наши сограѓани. А сепак, секој ден мирно апсат поединци за новинарство, ставови, па дури и објава на социјалните мрежи, рече Навална.

Таа додаде дека мора да се обезбеди никој во светот да нема доверба во Путин, ниту во Русија, ниту надвор од нејзините граници.

-Нашата земја моментално ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе му дојде крајот. Не се откажувајте, вистината ќе победи, заклучила Јулија Навална во видео пораката на ЈуТјуб по повод новата, петта инаугурација на Владимир Путин како претседател на Русија.

Сообраќаен хаос во Клиничкиот центар во Скопје

Вакво е секојдневието во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани. Огромниот сообраќаен хаос за влез во клиниките е најизразен во утринските часови.

Ова е проблем со кој се соочуваат граѓаните години наназад и движењето низ клиниките е исклучително отежнато.

-И покрај тоа што во Клиничкиот центар има паркинг, се чини дека тој не е доволен да ги собере сите возила. Дел од нив се паркираат и на лентата за возилата за Брза Помош.

А токму несоодветно паркираните возила дополнително го заглавуваат сообраќајот низ клиничкиот центар.

Луѓето што ги анкетиравме се разочарани за целиот сообраќаен хаос што се случува во клиничкиот центар. Велат – ем плаќаат паркинг, ем губат време, ем не завршуваат работа.

Клиничкиот центар во Скопје располага со над 900 места за паркинг, а нови 600 предвидува новиот детален урбанистички план кој во февруари годинава го донесе Општина Центар. Сепак, и ова е мала бројка бидејќи според провен ките дневно во Клинички влегувата околу 5000 возила.

Иако низ годините помпезно од речиси сите министри беа најавувани брзи решенија за надминување на хаосот на Клинички, досега ништо од ветеното не е реализирано.

Државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие во Грција, уапсен за кражба

Државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие во Грција, уапсен за кражба во дом на Пелопонез

Државјанин на Македонија, кој издржувал затворска казна, но по добиената неколкудневна дозвола за излез пред три месеци, не се вратил во затвор, уапсен е во централниот дел на Пелопонез по извршена кражба во дом заедно со уште едно лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за 45-годишен маж со „богато“ криминално досие во Грција, а во грчките медиуми и во минатото се споменуваше, но и сега дека учествувал во киднапирањето на бродосопственикот Периклис Панагопулос, во јануари 2009 година.

Како што соопштија од грчката полиција, двајцата, сега веќе уапсени странски државјани, вчера наутро насилно влегле во дом во општина Триполи на Пелопонез, под закана со оружје (реплика) и нож и со употреба на сила нападнале три лица, ги врзале, одзеле поголем износ на пари и накит, а потоа побегнале.

Едниот веднаш бил уапсен, додека пак другиот успеал да побегне, но по организираната акција на полицијата бил пронајден во планинско подрачје.

Двајцата се товарат за учество во криминална организација, кражба, фалсификување, фалсификување потврди, за прекршување на законската регулатива за поседување оружје, додека пак 45-годишниот е обвинет и за бегство од затвор.

Уапсените се превезувале со изнајмен автомобил на кој му ставиле украдени регистарски таблици, а при претресот на возилото било откриено оружјето, како и фалсификувани лична карта и возачка дозвола изадени во Хрватска.

Кај двајцата биле пронајдени и украдените пари и накитот.

-Како што беше констатирано, уапсениот 45-годишен маж од 25 јануари 2024 година ги прекршил условите за дозволата за излез што му беше доделена од Управата за затворот, соопштија од грчката полиција.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, едниот уапсен е Албанец, а другиот, 45-годишниот е државјанин на Македонија, кој издржува затворска казна за кражби на банки во Грција, извршени пред над десет години, а неговото име се споменува и во киднапирањето на грчки бродосопственик пред 15 години.

Најмалку 31 загинат и 20 ранети во израелскиот напад врз бегалскиот камп Нусеират

Во израелскиот воздушен напад врз бегалскиот камп Нусеират во централниот дел на Појасот Газа загинаа најмалку 31 лице, а 20 се ранети, соопштија денеска болницата Ал Акса и очевидци. 

Во соопштението на Цивилната одбрана се вели дека „тимовите на цивилната одбрана пронашле 31 мртво лице и 20 ранети лица во куќа на семејството Хасан кое било цел на израелските окупаторски сили во кампот Нусејрат“, додавајќи дека потрагата по исчезнатите продолжува.

Очевидци изјавија дека нападот бил извршен околу 3 часот по локално време. Израелската војска соопшти дека го проверува извештајот.

Официјалната палестинска новинска агенција објави дека меѓу ранетите има неколку деца и дека спасувачките екипи трагаат по затрупаните луѓе во урнатините.

Израелската војска вели дека спроведува само целни операции. /МИА

притисни ентер