Кралот Чарлс Трети се враќа на јавните должности по лекувањето од рак

Кралот Чарлс Трети се враќа на јавните должности по позитивниот ефект од лекувањето од рак, пренесе ДПА.

Кралот Чарлс од почетокот на февруари се лекува во дневна болница, а извори рекле дека и покрај добрите вести, кралот сè уште има рак и ќе продолжи да се лекува од болеста за која не се откриваат детали.

Чарлс и кралицата консорт Камила денеска ќе посетат центар за лекување на рак за да се сретнат со медицински специјалисти и пациенти.

Настанот има за цел да ја подигне свеста за важноста на раната дијагноза и да ги истакне иновативните истражувања, поддржани од Cancer Research UK, кои се спроведуваат во болницата.

Британскиот крал Чарлс во јануари помина три ноќи во болница за операција на зголемена простата, при што му беше откриен рак, но не рак на простата.

Откако неговата дијагноза беше објавена на 6 февруари, тој ги одложи сите јавни ангажмани, но продолжи со своите должности како шеф на државата во палатата, со аудиенции и состаноци. /МИА

Анкета: Нова демократија со двојно поголема предност пред СИРИЗА

Нова демократија со двојно поголема предност пред СИРИЗА во пресрет на европските избори.

Речиси 16 отсто е разликата меѓу владејачката Нова демократија и опозициската СИРИЗА, во пресрет на европските избори во Грција на 9 јуни, според резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Opinion poll“, спроведено за грчката телевизија „Action24“, јави дописничката на МИА од Атина.

Нова демократија е стабилна на првата позиција со 29,1 отсто, СИРИЗА е втора со 13,5 проценти, на третото место е ПАСОК со 10,6 отсто, а десничарската националистичка партија Грчко решение е четврта политичка сила во земјата со 8,7 проценти.

Во однос на тоа колкав е интересот на граѓаните за европските избори 65,1 отсто од анкетираните вели „многу“ или „доста“, додека пак на прашањето колку е веројатно да не излезат на гласање, 77 проценти одговориле „малку“ или „воопшто“.

На европските избори во 2019 година, Нова демократија победи со 33 отсто, СИРИЗА беше втора со 23,7 проценти, а ПАСОК освои 7,7 отсто.

Истражувањето на јавното мислење на „Opinion poll“, за грчката телевизија „Action24“ било спроведено од 15 до 18 мај со анкетирани 1.006 лица.

Во Иран покрената истрага за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси

Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација за истрага на случајот со хеликоптерската несреќа во која беше иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по нејзино завршување, пренесува ИРНА.

Како што беше претходно објавено, се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Раиси е технички дефект на леталото.

„Раиси маченички настрада во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на авионот“, објави иранската државна новинска агенција ИРНА, не прецизирајќи каква е природата на дефектот на хеликоптерот.

Погребните обреди за иранскиот претседател, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан, во 9:30 часот по локално време.

Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано на 23 мај во неговиот роден град Машхад, во североисточниот дел на Иран.

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, при што загинаа уште шест лица.

Израелската армија тврди дека убила командант на Хезболах

Израелската армија соопшти дека убила командант на Хезболах во воздушен напад во либанскиот регион Тир.

Во соопштението на израелската војска објавено на Х се наведува дека Касим Саклави е „командант на единиците за ракети и проектили во крајбрежната дивизија“ на групата.

Исто така, се тврди дека е одговорен за планирање и извршување на ракетни и противтенковски напади врз Израел од крајбрежната област на Либан.

Хезболах ја објави неговата смрт по нападот без да ја спомене неговата локација.

притисни ентер