Мадуро: Војната на Украина против Русија е планирана најмалку 20 години

САД планираат и иницираат воени конфликти ширум светот: против Русија, Палестина, Кина, изјави венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

„САД планираа серија воени конфликти, а за тоа сведочи издвојувањето на 95 милијарди долари за овие цели. Војната на Украина против Русија беше планирана најмалку 20 години за да ја уништи моќта на Русија, но САД не успеаја да го направат тоа. Денес Русија е посилна економски, политички, социјално, технолошки и воено“, изјави венецуелскиот лидер во авторската емисија „Со Мадуро плус“.

Војната во Палестина се води за да се „консолидира моќта на ционизмот на Блискиот Исток“, истакна Мадуро и посочи дека САД „денес се обидуваат да започнат војна во Тајван против братската Кина“.

Тој, исто така, истакна дека САД формирале база за ЦИА и Јужната команда на американските вооружени сили на територијата на Гвајана Есекибо, која Венецуела ја смета за дел од својата земја.

„Тие планираат да започнат воен конфликт овде“, изјави претседателот на Венецуела и заклучи дека за САД војната е политичка и економска работа.

Пол Макартни стана прв британски музички милијардер со мала помош од Бијонсе

Пол Макартни стана првиот британски музичар- милијардер, според листата на богаташи на Sunday Times објавена денеска.

Богатството на 81-годишниот основач на Битлси се зголеми со „многу турнеи, вреден каталог и мала помош од Бијонсе“ која ја обработи песната Blackbird. Богатството на Макартни се проценува на една милијарда фунти.

Листата на Sunday Times покажа дека бројот на милијардери во Обединетото Кралство паднал на 165, од рекордните 177 во 2022 година. Дел од причината лежи во планот на владата следната година да ја прекине мерката според која жителите на Британија не плаќаат данок на приходите во странство.

Списокот покажа дека и богатството на кралот Чарлс III се зголемило за 10 милиони фунти, на вкупно 610 милиони фунти, благодарение на зголемувањето на вредноста на неговиот недвижен имот. Хемискиот тајкун Џим Ретклиф, кој претходно оваа година купи удел во фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед, пронаоѓачот Џејмс Дајсон и сопственикот на компанијата Вирџин, Ричард Бренсон, поминаа помалку добро.

Нивното богатство од повеќе милијарди фунти се намали. Инвеститорот со индиско потекло Гопи Хиндуџа, вреден 37 милијарди фунти, е на врвот на листата трета година по ред.

Паразити се најдени во водоводен систем во Британија- расте бројот на заболени во болниците

Бројот на луѓе кои страдаат од криптоспоридиоза, болест предизвикана од паразит, се зголеми во Велика Британија откако паразитот е пронајден во водата на градот Бриксам.

По пријавувањето на првите случаи на зараза, властите апелираа до граѓаните да ја зовриваат водата во овој град и околните места во регионот на Девон, но денеска е потврдено дека бројот на заболени е повеќе од двојно зголемен – од 20 вчера на 46 денеска.

Според британските здравствени власти, повеќе од 100 луѓе пријавиле симптоми слични на оние на пациентите.

Повеќето од пациентите се жалеле на повраќање и дијареа.

Медиумите јавуваат дека траги од паразитот се откриени во два резервоари со вода, од кои се снабдуваат неколку населени места, откако биле пријавени првите случаи на криптоспоридиоза.

Експертите велат дека пациентите можеле да ги почувствуваат ефектите и до еден месец по инфекцијата. Тие наведуваат дека не постои „одреден третман“ и дека симптомите можат да траат со недели без можност за олеснување.

Здружението на судии со реакција за притисоците врз судиите во Управниот суд

Во правец на денешната реакција на Управниот суд, Здружението на судии ја искажува својата загриженост по однос изјавите на поединци со кои директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.

Припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување. Таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.

Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата.

Здружение на судии

притисни ентер