На денешен ден

23 април 2024

- Денеска е Светски ден на книгата и авторското право

1564.- Во Стратфорд е роден Вилијам Шекспир, англиски поет и еден од најголемите драмски писатели во светот. Во своите многубројни драмски дела уметнички силно ги прикажал универзалните човекови дилеми и заплети. Најпознати негови дела се „Хамлет“, „Магбет“, „Ричард Трети“, „Кралот Лир“, „Ромео и Јулија“ и „Отело“. Умрел во Стартфорд, на 23 април 1616 година.

1792.- Создадена била француската химна „Марселеза“ која не ја компонирал професионален музичар, туку инженерскиот капетан Руже де Лил и тоа како марш. Химната ја пееле револуционерните војници на маршот од Марсеј до Париз.

1858.- Во Кил е роден Макс Планк, германски физичар, основач на Квантната теорија, хипотеза дека енергијата се емитува и се апсорбира само со дискретни количества. Работел и на теоријата за хемиска рамнотежа и на формулирањето на термодинамичките принципи. Во 1918 година ја добил Нобеловата награда за физика. Умрел во Гетинген, на 4 октомври 1947 година.

1891.- Во Сонцовка е роден Сергеј Сергеевич Прокофјев, руски композитор и пијанист, еден од најоригиналните советски музички творци. Творештвото му е проткаено со руска национална музика, но во исто време и со модерна според стилот на тонското изразување. Негови познати дела се балетите „Ромео и Јулија“, „Пепелашка“ и „Приказни за камениот цвет“. Умрел во Москва, на 5 март 1963 година.

1897.- Роден е канадскиот државник Лестер Боулс Пирсон, шеф на дипломатијата од 1948 до 1957 година и премиер на Канада од 1963 до 1968 година. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 1957 година.

1938.- Судетските Германци, побарале полна автономија во рамките на Чехословачка. Бидејќи автономијата не ги задоволувала, со Минхенскиот договор - со несакана согласност на западните демократии Велика Британија и Франција, во септември 1938 година тој дел на Чешка бил припоен кон Германија, со што во март 1939 година Чехословачка била целосно окупирана и распарчена. Од остатокот на Чешка бил формиран протекторатот Чешка и Моравска. Прикарпатска Русија (Украина) била припоена кон Унгарија, како и јужните делови од Словачка со што била формирана таканаречената независна Словачка.

1941.- Грчката војска во Втората светска војна капитулирала пред трупите на Германија, а кралот и владата ја напуштиле окупираната земја.

1945.- Советската армија во Втората светска војна ги ослободила германските логори Сексенхаузен и Равенсбирк.

1972.- Во Скопје бил поставен камен-темелник на Соборниот архиепископски храм на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“, кој е осветен на 12 август 1990 година.

1975.- Последната сајгонска (јуужновиетнамска) влада поднесла оставка, а претседателот на САД Џералд Форд едноставно признал дека Американците претрпеле пораз во Виетнамската војна.

1986.- Умрел американскиот филмски режисер од австриско потекло Ото Премингер, пионер во примена на „широкото платно“ кој внел длабока смисла за анализа на човечките карактери. Филмови: „Лаура“, „Ангелско лице“, „Кармен Џонс“, „Река без поврат“, „Човекот со златната рака“, „Св. Јованка“, „Бура над Вашингтон“, „Добар ден таго“, „Анатомија на едно убиство“, „Егзодус“, „Кардинал“.

1989.- Во Скопје умре проф. д-р Владимир Картов, професор на Правниот факултет во Скопје, истакнат научен работник, особено во областа на историјата на македонскиот народ. Роден бил во селото Смоквица, Гевгелиско, во 1934 година.

1990.- Кинескиот премиер Ли Пенг допатувал во Москва, во прва посета на Советскиот Сојуз како премиер на Кина после 26 години.

1992.- Умрел индискиот филмски режисер Сатјаџит Рај, еден од најголемите филмски творци на 20 век. Негови најпознати филмови се „Непобедливи“, „Апуов свет“, „Каменот на мудроста“, „Салон за музика“, „Рабиндранат Тагоре“, „Три девојки“, „Метропола“ и други.

1996.- Лансиран бил петтиот и последен модул на руската вселенска станица „Мир“ - научната лабораторија „Природа“, опремена со многу уреди, вклучувајќи оптички инструменти за истражување на ресурсите на Земјата.

1997.- Претседателите на Русија и на Кина, Борис Елцин и Џанг Цемин, потпишале декларација со која се спротивставиле на доминацијата на САД по завршувањето на студената војна.

1998.- Умрел грчкиот државник Константин Караманлис, претседател на Грција од 1980 до 1985 година, основач на партијата Нова демократија. Првпат станал претседател на владата во 1955 година, и на таа функција останал до 1963 година, кога доброволно емигрирал. Повторно составил влада во 1974 година, по падот на воената хунта, одигрувајќи клучна улога во обнова на демократијата во Грција.

2003.- Демаркациската линија под контрола на Обединетите нации која од 1974 година го дели Кипар на јужен грчки и северен турски дел била отворена за населението по цели 30 години. За само една недела околу 150.000 луѓе престојувале на територијата на другата етничка заедница.

2007.- Починал Борис Елцин, првиот руски претседател по распаѓањето на Советскиот Сојуз - од 1991 година до крајот на декември 1999 година. Роден бил на 1 февруари 1931 година во селото Бутка, во Талицкиот реон на Свердловската област. Автор е на книгите „Исповед на дадена тема“, „Записи на претседателот“ и „Претседателски маратон“.

2011.- Поранешниот холандски министер за надворешни работи, а потоа и дипломат кој ширум светот се бореше за заштита на човековите права, Макс ван дер Штул починал на 86-годишна возраст. Макс ван дер Штул, во Македонија посредуваше за надминување на проблемите со Тетовскиот универзитет, чие основање го најави демократскиот пресврт во релациите меѓу двете најголеми етнички заедници во земјата.

2015.- На 76-годишна возраст почина актерката Сузан Максут, доајен на НУ Турски театар. Од 1962 година е член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите каде што има одиграно голем број улоги се до пензионирањето во 2001 година. Попознати актерски остварувања се Дездемона во „Отело“, Мерима во „Омер и Мерима“, Катрин Хауп во „Мајка храброст“, Ширин во „Легенда за Љубовта“, Медеа во „Медеа“, Ајше во „Цвеќарот Али“. Добитник била на наградите Актер на годината на весникот „Бирлик“и Награда на Град Скопје „13 Ноември“. Учествувала во голем број телевизиски, филмски и радио-проекти. Играла во филмовите „Најдолгиот пат“, „Исправи се, Делфина“, „Време, води“ и „Македонска сага. /МИА

Во стан на Американка се пронајдени замрзнати тела на нејзините бебиња- нема да ѝ се суди

Мајката на четири бебиња, пронајдени во замрзнувач во стан во Бостон пред повеќе од една година, нема да се соочи со обвинение.

Последниот извештај покажува дека се уште има „многу неодговорени прашања“ за тоа што се случило со бебињата, пренесува CBS.

Окружниот обвинител на округот Сафолк рече дека не верува дека случајот против Алексис Алдамир може да оди на судење. Братот на Алдамир и неговата сопруга повикале полиција откако ги пронашле „замрзнатите“ бебиња на 17 ноември 2022 година додека го чистеле станот во Источен Бродвеј во кој Алдамир живеела од 1982 година.

Истрагата покажала дека Алдамир е мајка на бебињата, две момчиња и две девојчиња, пронајдени во замрзнувачот. Алдамир сега живее во здравствена установа. Инспекторите тврдат дека за време на сослушувањето таа „изгледала збунето и не разбирала каде е и со кого разговара“.

Лекарот не можел да утврди дали бебињата се родени живи или колку долго биле замрзнати, се вели во извештајот. Причината за смртта е наведена како „неодредена“. Во извештајот се наведува дека немало знаци на траума или очигледни повреди, а ниту траги на храна или млеко во стомакот на бебињата.

На сите четири бебиња сè уште им била прикачена папочната врвца. Бебињата биле пронајдени во кутии за чевли и биле завиткани во фолија. ДНК тестот го идентификувал таткото на четирите деца, но тој починал во 2011 година. Инспекторите рекле дека тој и Алдамир имале уште едно дете заедно, кое го дале на посвојување.

Алдамир работела за сметководствена фирма во Бостон од 1980 до октомври 2021 година, се вели во извештајот. Нејзините колеги ја опишале пред инспекторите како „вредна работничка која ретко одеше на одмор“.

„Тие рекоа и дека била дебела жена која има склоност да носи широка облека без оглед на сезоната. Во ниту еден момент ниту еден од соработниците на Алдамир не знаеле дека е бремена“, се вели во извештајот.

Окружниот обвинител на округот Сафолк, Кевин Хејден, ја нарече истрагата „една од најкомплексните, невообичаените и најзбунувачките што ги сретнал неговата канцеларија“. Во образложението на одлуката да не се обвини Алдамир, во извештајот се вели дека обвинителите не можеле да докажат дека бебињата биле живи и не верувале дека Алдамир била компетентна да ѝ се суди.

„Никогаш нема да знаеме точно каде и кога се родени четирите бебиња пронајдени во станот на Алексис Алдамир. Никогаш нема да знаеме дали четирите бебиња се родени живи и никогаш нема да знаеме точно што се случило со нив. Никогаш нема да знаеме како Алексис Алдамир ја криеше бременоста или зошто се реши на тоа“, заклучил Хејден.

Првите пресуди за масакрот во училиштето во Белград се можни до крајот на годинава

Адвокатот Огњен Божовиќ, претставник на семејствата на убиените ученици во ОУ „Владислав Рибникар“ вечерва изјави дека судската постапка во врска со масовното убиство во тоа училиште се одвива многу ефикасно .

Адвокатот Огњен Божовиќ, претставник на семејствата на убиените ученици во ОУ „Владислав Рибникар“ вечерва изјави дека судската постапка во врска со масовното убиство во тоа училиште се одвива многу ефикасно и дека се надева дека можеби дури и до до крајот на годината ќе имаме пресуди, особено во парничната постапка.

Сепак, тој истакна дека пресудите, какви и да се тие, нема да претставуваат задоволување на правдата, објави Телеграф.

На одбележувањето на првата годишнина од масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, во рамки на специјалната програма „Будење“, Божовиќ рече дека не е сигурен дека ќе добиеме одговори на прашањата што нѐ мачат за трагедијата.

„Се надевам дека ќе го направиме тоа, ќе се потрудиме да разбереме зошто, но на крајот на денот мислам дека нема да заврши со фер задоволство, за жал. Едноставно загубата е толку огромна, а неправдата е толку голема што не сум сигурен дека нешто може да ја исправи“, рече Божовиќ.

Жена запали Куран во Малме, на ден пред почетокот на Евросонгот (ВИДЕО)

Маж и жена запалија копија од Куранот во шведскиот град Малме, ден пред почетокот на Евровизија.

Денеска во живо на TikTok беше емитувана видео снимка на која се гледа како две лица ја палат муслиманската света книга. Жената носеше крст.

За време на инцидентот недалеку од двете сали каде што ќе се одржува Евровизија, беше запалено и палестинско знаме. Шведската полиција е критикувана поради тоа што дозволила да се запали Куранот толку блиску до големиот настан.

Палењето на Куранот во Данска и Шведска минатата година предизвика лути реакции, а понекогаш и насилни протести во земјите со мнозинско муслиманско население, но во Шведска тој чин потпаѓа под законот за слобода на говор и е легален.

Почнувајќи од утре, во овој јужен шведски град ќе се одржуваат една недела со бројни концерти и забави, кои ќе кулминираат со големото финале на Евровизија на 11 мај. Се очекува 100.000 луѓе да го посетат Малме за време на неделата на Евровизија.

Покрај музичките настани, најавени се и неколку протестни акции поради војната во Газа, меѓу кои и пропалестински и произраелски протести. Вчера Советот за национална безбедност на Израел ги заостри предупредувањата за патување во овој шведски град. На Израелците кои планираат да го посетат Малме им се советува да ја преиспитаат својата одлука, се вели во извештајот.

Шведските уметници повикаа Израел да биде исклучен од Евровизија поради војната во Газа, но организаторите одбија. Иако Израел не е европска земја, му е дозволено да учествува на Евровизија бидејќи јавната телевизија на Израел е членка на Европската радиодифузна унија (ЕБУ).

Евровизија е најголемото музичко натпреварување во светот. Откако минатата година на натпреварот победи шведската пејачка Лорин, овогодинешниот домаќин на настанот е Шведска. Полуфиналните натпревари ќе се одржат на 7 и 9 мај, при што ќе бидат елиминирани 11 од 37 учесници, додека во финалето ќе учествуваат 26 земји.

притисни ентер