Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

По четири децении светлоста на денот ќе ја види заборавен докуметарен филм за „Битлси“ (ВИДЕО)

Заборавениот документарен филм за Битлси „Let It Be“, кој го носи името на големиот хит на групата, повторно ќе ја види светлината на денот, по реставрацијата, на 8 мај на платформата „Дизни плус“.

Инаку, документарниот филм „Let It Be“ првично бил објавен во 1970 година. Бил недостапен четири децении. Последното издание било на VHS во осумдесеттите години на минатиот век.

Според извештаите, зад новата верзија на документарецот стои Питер Џексон, кој претходно работеше на уште еден документарец на Битлси „Get Back“.

„Let It Be“ е многу различен од биографиите контролирани од уметникот што вообичаено ги гледаме денес. Битлси беа длабоко незадоволни од тоа како изгледаа на екранот во тоа време, што делумно објаснува зошто филмот толку долго беше недостапен.

Сепак, „Нека биде“ денес може да се смета за класика, некои го пофалија, некои го критикуваа. Она што е сигурно е дека станува збор за документарец кој на Битлси првенствено гледа како на музичари.

„Let It Be“ пренесува не само голема енергија, туку и дел од свечената мистерија што ја придружуваше милениумската соработка на Битлси, пишува Techradar.com.

НАТО ги осуди кибер нападите насочени против демократските институции

Северноатлантскиот совет (НАК) денеска изрази солидарност со Германија по злонамерната кибер кампања против Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и со Чешка, која се соочува со злонамерни кибер активности против нејзините институции.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението на НАК се наведува дека одговорноста за овие злонамерни кибер активности, Германија и Чешка му ја припишаа на актерот АПТ28, кој е спонзориран од Русија, а пред се од руската воена разузнавачка служба - Главната дирекција на Генералштабот на руските Вооружени сили (ГРУ).

НАК додава дека со загриженост забележува дека истиот актер упатува закани насочени и кон други национални владини ентитети, оператори со критична инфраструктура и други ентитети низ Алијансата, вклучително и во Литванија, Полска, Словачка и Шведска.

- Силно ги осудуваме злонамерните кибер активности насочени кон поткопување на нашите демократски институции, националната безбедност и слободното општество. Злонамерните кибер активности насочени против Германија и Чешка потврдуваат дека кибер просторот е под ризик во секое време. Актерите на кибер заканата упорно се обидуваат да ја дестабилизираат Алијансата, се наведува во соопштението на Северноатлантскиот совет.

Во реакцијата натаму се посочува дека НАТО останува посветени на спротивставување на суштинската, континуираната и зголемена кибер закана, вклучително и кон демократските системи и критична инфраструктура на неговите членки.

- Ние сме решени да ги искористиме потребните потенцијали со цел да го одвратиме, да се одбраниме и да се спротивставиме на целиот спектар на кибер закани со меѓусебна поддршка, вклучително и со разгледување на координирани одговори. Промовираме слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор. Ги повикуваме сите земји, вклучително и Русија, да ги почитуваат своите меѓународни обврски и меѓународното право и да дејствуваат во рамката на одговорно однесување на една држава во кибер просторот, како што е потврдено од сите членки на Обединетите нации, се додава во соопштението на НАК.

Студениот бран не предизвика штети во земјоделието, дождот добредојден за пролетната сеидба

Студениот бран кој не зафати изминатиов период не предизвика оштетувања во земјоделството. 

Студениот бран кој не зафати изминатиов период не предизвика сериозни оштетувања во земјоделството иако падот од 10 до 15 степени предизвика негативни состојби кај растенијата. Падот на температурите сепак не беше драстичен и под нулата заради тоа што беше проследен со доста облачнсот и не предизвика мрзнење туку можни се само мали проредување кај одредени овошни видови. Спроед агро метролозите земјоделците полека се навикнуваат на климатските промени и сите негативни последици.

Засега врнежиет кои ги имаме како последица на овој бран се исклучително добре дојдени. Со овие врнежи кои дојдоа по сушниот период се создадоа идеални услови за пролетната сеидба а се во последен момент и за есенските посеви за да имаат добар принос.

Можноста за појава на доцни пролетни мразеви полека одминува речиси за сите земјдоелски региони според податоците за апсолутна појава на доцни пролетни мразеви.

притисни ентер