Николовски: Се обврзуваме за 70% зголемено производство на енергија

​Во изминатиот период, со посветена работа, силно го интензивиравме процесот на енергетска трансформација. 

Ја изменивме законската и подзаконска регулатива, за олеснување на инсталацијата на постројки за производство на електрична енергија од обновливи извори.

Резултатите денес од овие мерки се видливи и реални.

„До 2024 година имаме инсталација на околу 700 МW, нов инсталиран капацитет од обновливи извори на електрична енергија. Постигнавме нов капацитет еднаков на вкупниот инсталиран капацитет во трите блока на РЕК Битола“, истакна Николовски.

Докажавме со дела дека може подобро. Дека можеме наместо да бидеме зависни од увоз на струја, да го ставиме во функција и надоградиме домашниот капацитет. Затоа продолжуваме во таа насока, со јасен план и нови поставени цели.

„Се обврзуваме за зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70% до 2028, споредено со 2019 година. На овој начин постигнуваме енергетска независност на државата, самостојно задоволувајќи 100% од потребите. Зголемувајќи го инсталираниот капацитет од обновливи извори за најмалку 100%, во споредба со 2024 година, најмалку 1 милион граѓани би добиле електрична енергија од обновливи извори“, истакна Николовски

Воведуваме огромна промена! Државните енергетски компании ги даваме во рацете и сопственост на граѓаните!

„Преку ваучер-системот, планираме висок процент од вкупниот број издадени акции на државните енергетски компании, да се поделат еднакво на сите граѓани во Македонија. Сите граѓани, и децата и возрасните, ќе добијат најмалку по 8.000 денари, по жител од вредноста на АД ЕЛЕМ“, истакна Николовски.

Граѓаните да бидат сопственици и контролори на заедничкиот имот!

Се грижиме за граѓаните и предвидуваме забрана за исклучување на ранливите потрошувачи од енергетските мрежи, а ја продолжуваме и поддршката кон ранливите групи на граѓани, во трошоците за електрична енергија, но и поддршка во набавка на нови енергетско-ефикасни уреди и опрема.

„Посветено работејќи изминативе години успеавме невработеноста да ја намалиме на 12,6%. Сега даваме збор дека првпат во историјата на државата ќе имаме едноцифрена невработеност од 7%, до крај на мандатот. Покажаме дека можеме, и знаме како овој даден збор да го направиме реалност“, истакна Николовски.

Продолжуваме да вложуваме во силна домашна економија. Во план се 180 милиони евра за директна финансиска поддршка кон домашните компании, за инвестиции во производство, поттикнувајќи економски раст со 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции. Исто така планрано е и намалување на работното време од 8 на 7 часа. Го почитуваме и вреднуваме трудот на работникот, се грижиме и ги унапредуваме работничките права.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

Германска компанија лансира во вселената ракета на парафински погон (ВИДЕО)

Германската компанија HyImpulse денеска успешно лансираше ракета напојувана со парафински восок која ќе може да носи комерцијални сателити.

„Ја покажуваме силата на Германија како вселенска нација и го прошируваме пристапот на Европа до вселената“, објави шефот на компанијата Марио Кобалд.

Дванаесет метри долгата и 2,5 тони тешка ракета наречена SR75 беше лансирана околу 5 часот по европско време од Куниба, Австралија.

Може да носи помали сателити со тежина до 250 килограми до височина до 250 километри, а може да работи на парафински восок или течен кислород.

Парафинскиот восок се користи како поевтино и побезбедно алтернативно ракетно гориво. HyImpulse тврди дека заштедиле до 50 проценти.

Германската компанија со околу 65 вработени објави дека веќе добила преднарачки за лансирање на сателити во вредност од над 100 милиони евра.

HyImpulse сака да го прошири својот бизнис бидејќи расте побарувачката за транспорт на комерцијални сателити, па до 2032 година сака да оствари приходи од 700 милиони евра.

притисни ентер