Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за тешка кражба на сеф во Скопје.

-Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во затворен маркет на улицата „Востаничка“ во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или се во вкупна вредност од 285.000 денари, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што е наведено во соопштението, со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго делувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел, кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа заедно со останатите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор сега осомничениот заедно со другите лица влегол во просторијата наменета за вработени, од каде го одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец.

-Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата работи на откривање на неговите соучесници, велат од Обвинителството.

Бајден: Економскиот раст на Кина, Јапонија, Индија и Русија слабее поради ксенофобијата

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека економиите на Кина, Јапонија, Русија и Индија немаат раст бидејќи тие земји се „ксенофобични кон имигрантите“.

„Зошто Кина заостанува економски толку далеку, зошто Јапонија е во неволја, зошто Русија, зошто Индија, затоа што се ксенофобични. Тие не сакаат имигранти. Имигрантите се тие што не прават силни“, рече Бајден на настанот за собирање средства во Вашингтон за неговата претседателска кампања.

„Една од причините зошто нашата економија расте е поради вас и многу други. Зошто? Затоа што им овозможуваме добредојде на имигрантите“, додаде Бајден. /МИА

Терзиќ: Можевме да победиме со поголема разлика

Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ е задоволен од победата над ПСЖ синоќа со 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, иако смета дека разликата можеше да биде и поголема.

- Ова е заслужена победа, добра тимска игра. Можевме да постигнеме повеќе голови, исто како и тие. Затоа, од моја гледна точка, резултатот не е лош. Многу се движевме, но тоа е неопходно во ваков натпревар. Мора да се стекнеме со право да играме на „Вембли“. За тоа ни треба само реми во реваншот, но секако дека сакаме и да победиме следната недела. Имаме мала предност и добра можност, изјави Терзиќ за сајтот на УЕФА.

Реваншот ќе се игра на 7 мај во Париз.

Другата полуфинална двојка во елитното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид – Баерн Минхен (2:2 прв натпревар). /МИА

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

притисни ентер