Пад на инфлацијата во ЕУ во март за 0,2 процентни поени

Годишната стапка на инфлација во Еврозоната во март годинава изнесуваше 2,4 отсто, што претставува намалување за 0,2 процентни поени во однос на претходниот месец, кога таа изнесуваше 2,6 проценти. 

И на ниво на цела ЕУ, годишната стапка на инфлација минатиот месец се намали за 0,2 процентни поени на 2,6 отсто од 2,8 проценти колку што изнесуваше во февруари 2024 година.

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, во март 2023 година годишната стапка на инфлација во Еврозоната изнесуваше 6,9 отсто, а во цела ЕУ – 8,3 проценти.

Гледано по земји членки, минатиот месец најниска годишната стапка на инфлација имала Литванија од 0,4 отсто, по што следуваат Финска со 0,6 и Данска со 0,8 проценти.

Од друга страна, највисока годишна инфлаторна стапка во март е регистрирана во Романија од 6,7 отсто, пред Хрватска со 4,9 и Естонија и Австрија со по 4,1 проценти.

Во споредба со февруари 2024, годишната инфлација е намалена во 13 земји членки на ЕУ, во четири останала непроменета, а во останатите десет бележи раст.

Најголем удел во нивото на годишната стапка на инфлација во март имале растот на цените на услугите за 1,76 процентни поени, на храната, алкохолот и тутунот за 0,53 процентни поени и на неенергетските индустриски стоки за 0,30 процентни поени. Енергијата, пак, во март во ЕУ поевтинила за 0,16 процентни поени. /МИА

Терзиќ: Можевме да победиме со поголема разлика

Тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ е задоволен од победата над ПСЖ синоќа со 1:0 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, иако смета дека разликата можеше да биде и поголема.

- Ова е заслужена победа, добра тимска игра. Можевме да постигнеме повеќе голови, исто како и тие. Затоа, од моја гледна точка, резултатот не е лош. Многу се движевме, но тоа е неопходно во ваков натпревар. Мора да се стекнеме со право да играме на „Вембли“. За тоа ни треба само реми во реваншот, но секако дека сакаме и да победиме следната недела. Имаме мала предност и добра можност, изјави Терзиќ за сајтот на УЕФА.

Реваншот ќе се игра на 7 мај во Париз.

Другата полуфинална двојка во елитното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид – Баерн Минхен (2:2 прв натпревар). /МИА

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

Блинкен го повика Хамас да се согласи за примирје за да им помогне на луѓето во Газа

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот.

Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

„Хамас треба да каже „да“ и треба да го заврши тоа“, рече Блинкен синоќа додека беше во Израел на својата седма турнеја на Блискиот исток од почетокот на конфликтот во октомври.

Тој подоцна додаде: „Ако Хамас всушност тврди дека се грижи за палестинскиот народ и сака да види итно олеснување на неговото страдање, треба да го прифати тој договор“. /МИА

притисни ентер