Партиите и кандидатите „растрчани“ на последниот ден од кампањата

Партиите ги испраќаат последните политички пораки пред почетокот на изборниот молк. 

Сите повикаа на масовна излезност и ги презентираа своите аргументи зошто граѓаните треба да гласаат за нив. Доминираат пораките за обединување. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ ја потенцираат важноста на двојните избори во среда за правецот во кој ќе се движи Македонија.

Од СДСМ порачаа дека секој глас е скапоцен и важен за да се продолжи европскиот пат со заедништво и соживот.

-Секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон ЕУ. Пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, но национализмот и изолацијата повторно демнат на нашиот праг. Тоа не треба да не' плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти - вашиот глас е важен, изјави Фатмир Битиќи, коносител во ИЕ 2 од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на сплотеност и семакедонско единство, за како што велат, горда и достоинствена Македонија.

-За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, опустошена, опљачкана и Македонија горда, достоинствена, Македонија која што се гради и во која што важат законите за сите подеднакво. Затоа од овде, од патриотско Карбинци повикувам на сплотеност, на обединетост, на семакедонско единство, на сеопштествено единство, на национално единство, изјави Драган Ковачки, носител во ИЕ 3 од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Движењето ЗНАМ ги повикаа граѓаните по сопствено убедување да гласаат за претседателските кандидати во вториот круг. Партискиот лидер Максим Димитриевски ги повтори условите на ЗНАМ за евентуален влез во Влада, меѓу кои се и дефинирање на црвени линии за заштита на националните интереси, одложена примена на уставните амандмани, борба со криминалот и корупцијата. Разговори за коалиција, тврди, досега немале ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со ВЛЕН, прво ќе ги чекаат изборните резултати.

-До овој момент најодговорно тврдам дека ниту еден претставни на Движење ЗНАМ нема водено никави разговори по основ на било какви коалиции со било кој политички субјект. За жал ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања, но не успеаја да се надминат самите себеси...Дополнително немаме разговорано ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со било кој друг политички субјект во државата. Ќе ги почекаме изборните резултати, па ќе ги донесеме нашите одлуки, изјави Максим Димитриевски.

Од албанската коалицијата Вреди, соопштија дека околу 10 илјади граѓани од дијаспората ќе гласаат на изборите на 8 мај. Дел биле организирани самоиницијативно, дел преку нивните организации. Велат дека ВЛЕН не одат на бојкот за претседателските избори и ги повикаа нивните гласачи да излезат и да гласаат.

-На 8-ми мај ќе се случи народот заедно со дијаспората да се заокружи целиот овој процес со промена, ново мнозинство, нова Влада, со враќање на надежта кај младите... Не одиме на бојкот за претседателските избори, ги повикуваме нашите гласачи да гласаат. За кого ќе гласаат мислам дека ние ги немаме во џеб, тие се гласови кои што гласаа со убедување, и пак ќе гласаат како што е нивното убедување за подобриот кандидат“, вели Изет Меџити, носител во ИЕ 1 на ВРЕДИ.

Завршните митинзи на двете најголеми македонски партии вечерва ќе бидат во различни градови. Коалицијата на СДСМ и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски пораките ќе ги испратат во Скопје, додека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка Гордана Силјаноска Давкова ќе бидат во Прилеп.

Украина побарала помош од САД за напади на територијата на Русија

Украина се обратила до администрацијата на претседателот Џо Бајден со барање за помош да се лоцираат цели во Русија врз кои Киев би можел да нанесе удари со сопствено оружје, соопшти синоќа „Волстрит журнал“ повикувајќи се на извори во Белата куќа.

-Ти ги замолија (САД) за помош да се нанесат удари во Русија. Стануваше збор не само за вооружени системи но и дополнителна помош за нанесување удари по руски воени лица, изјави началникот на Генералштабот на вооружените сили на САД генерал Чарлс Браун.

Исто така, Киев го побарал од Вашингтон да дозволи користење американско оружје за удари по територијата на Русија. Барањето се случува откако Русија го искористи доцнењето на испораките на американско оружје со што нејзините сили извршија пробив во Харковска област, што стана најуспешната операција на Москва во изминатите година и пол. Барањето на Киев поставено минатата недела сеуште се разгледува.

Ако САД го задоволат барањето на Украина тоа ќе укажува на сериозни промени во политиката на американската администрација која се стреми да го намали ризикот од ескалација меѓу Вашингтон и Москва истовремено подржувајќи го Киев, истакнува изданието.

Според извор во Белата куќа, САД не ја подржуваат иницијативата на украинската страна

-Ние не охрабрувае и не дозволуваме удари по територијата на Русија, изјава Џон Кирби, директор за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност во Белата куќа. /МИА

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

притисни ентер