Пендаровски: Срамота е што Мицкоски ги моли коалиционите партнери за гласови за Силјановска

Тој посочи дека очекува огромен дел од гласовите од петте кандидати кои испаднаа од првиот круг на осми мај да дадат поддршка на бројот еден.

На денешната средба со граѓаните на општина Маврово-Ростуше, кандидатот за претседател Стево Пендаровски се осврна на случувањата меѓу двата круга од претседателските избори и барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ гласовите од другите кандидати да се префрлат кон кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

„Од денешните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека тој отишол да моли кај другите партии со кои наводно веќе има направено договор за влада, тие да му ги префрлат гласовите за противкандидатката. Поголемо понижување на македонските гласачи немаме видено одамна. Ако ги делиш ресорите и власта пред да ја освоиш, ти си политички манипулант. Нека решат граѓаните и вечерта на осми и ако ти ја имаш власта, повели, терај ја понатаму државата. Но во меѓувреме, несигурен во тоа што го нудиш како политички концепт, да бараш од другите помош и поддршка, затоа што знаеш дека твојот кандидат, можеби нема да може да ја истера целата работа сам, е нечесно кон целиот народ и сите македонски граѓани. Јас тоа не го правам, не го правев ни пред 24 април, нема да го правам ниту до осми мај. Ќе го чекаме вечерта на осми мај судот на македонските граѓани, како ќе речат тие, така ќе биде. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква - шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред“ порача Пендаровски.

Тој посочи дека очекува огромен дел од гласовите од петте кандидати кои испаднаа од првиот круг на осми мај да дадат поддршка на бројот еден.

„Во вториот круг почнуваме од нула и тука навистина имаме голема шанса на крај да излеземе и како победници. Петте кандидати кои отпаднаа вкупно собраа 330.000 гласови. Јавно, гласно и јасно кажувам дека од тие 330.000 гласови, најголем дел, огромно мнозинство се блиски до ова што ние го пропагираме, застапуваме и кажуваме години наназад. Нашата притивкандидатка во вториот круг има сосем други замисли за Македонија, која мисли дека Македонија треба да се враќа назад и во тоа е сериозно поддржана од партискиот лидер кој ја поддржа како негов личен избор“ порача Пендаровски, повикувајќи на осми мај да се заокружи бројот 1 како единствена гаранција дека државата ќе продолжи по исправниот пат и нема да се врати назад.

Пронајдена неиспукана артилериска граната покрај железничката пруга во атар на село Виничани

Пронајдена неиспукана артилериска граната покрај железничката пруга во атар на село Виничани, кај Градско.

Во СВР Велес вчера во 10,30 часот било пријавено дека при извршување земјоделски работи на нива покрај железничката пруга во атар на село Виничани, Општина Градско, била пронајдена една неиспукана артилериска граната калибар 100 мм.

Како што денеска информираат од СВР Велес, граната била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Усвоени реформите на европскиот Пакт за азил и миграција

Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.  

Советот на ЕУ усвои 10 законски акти со кои се реформира европската рамка за управување со азилот и миграцијата, со што се воспоставува збир на правила за прием на мигранти, се создаваат ефикасни и усогласени процедури за доделување азил и треба да се обезбеди правична прераспределба меѓу земјите членки на товарот од прифатените мигранти.

Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.

- Овие нови правила ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите членки, истакна Де Мур, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Таа најави дека Европската Унија ќе ја продолжи својата соработка со трети земји за справување со, како што нагласи, главните причини за појавата на илегалната миграција.

- Само заеднички можеме да најдеме одговори за глобалниот миграциски предизвик, потенцира Де Мур.

Со измените земјите членки ќе може да ги упатуваат илегалните мигранти и барателите на азил на надворешните граници на ЕУ, каде преку процедурата за скрининг би се извршила нивна идентификација и здравствена проценка и би се провериле нивниот безбедносен ризик и ранливост.

Реформите предвидуваат систем за ажурирање на Европската дактилоскопија (Евродак), базата на податоци за отпечатоци на ЕУ за идентификација на барателите на азил и илегалните мигранти, со цел да се приберат попрецизни и поцелосни податоци, вклучително и биометриски, за сите категории мигранти, вклучувајќи ги лицата кои бараат меѓународна заштита. Унијата очекува да помогне за креирање миграциски политики и да ја подобри контролата на илегалната миграција и неовластеното преминување на границите.

Дополнително се поедноставува европската процедура за доделување азил и се утврдува постапката за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени. Новите правила исто така одредуваат која земја е одговорна за проверка на барањата за доделување меѓународна заштита и воспоставува единствен европски систем на критериуми за добивање на статусот „лица под меѓународна заштита“.

Со правилата првпат се воведува систем за правична распределба во прифаќањето на мигрантите меѓу членките на ЕУ и се воспоставуваат стандарди за прием на баратели на азил.

Како еден од начините за справување со илегалните миграциски текови со реформите се предвидува воспоставување заеднички европски правила за преселување и хуманитарен прием, со цел обезбедување легални и сигурни патишта до ЕУ.

Новина во Пактот е воспоставувањето задолжителна гранична процедура за проверка на одредени категории азиланти, како на пример оние што доаѓаат од држави кои имаат ниски стапки на одобрување на барањата за азил, со што уште на самата граница не би им се дозволил влез на територијата на ЕУ.

Во случај на кризни ситуации, како на пример масовни пристигнувања на мигранти, членките имаат право да отстапат од одредени правила од Пактот, како роковите за регистрирање на барателите на азил или времетраењето на граничната процедура, но и да побараат засилена солидарност од другите земји на ЕУ. Тој кризен механизам може да се користи само во исклучителни околности и за строго определено време.

Сега по усвојувањето на реформите, земјите членки имаат рок од две години да ги имплементираат во националните законодавства, за што се очекува Европската комисија да изработи заеднички план за нивна имплементација.

Предлог-законот за амнестија за каталонските сепаратисти вратен во шпанскиот Конгрес

Предлог-законот за амнестија за каталонските сепаратисти, вклучувајќи го и Карлес Пучдемон, поранешниот претседател на шпанската провинција, е вратен во Конгресот откако Народната партија (ПП) стави вето.

Шпански медиуми наведуваат дека укинувањето на ветото се очекува со поддршка на Социјалистичката партија (ПСОЕ) на премиерот Педро Санчез и нејзините парламентарни партнери, како и дека ќе се гласа за конечно одобрување на законот за амнестија.

Иако рокот за гласање е средината на јули, шпанските медиуми наведуваат дека намерата на социјалистите е гласањето да заврши на пленарната седница на 30 мај. /МИА

притисни ентер