ПМФЛ: Неочекуван пораз на Струга

Бранителот на титулата и актуелен лидер Струга загуби неочекувано на домашен терен од Силекс со 3-2 во еден шесте натпревари кои попладнево се одиграа во рамки на 29 коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Поразот на Струга го искористија фудбалерите на Шкупи кои со два гола во самиот финиш направија резултатски пресврт во дуелот со Тиквеш и со триумфот од 3-2 се израмнија бодовно со Струга на врвот на табелата.

Убедлива победа пред своите гледачи забележа Шкендија над Гостивар (4-1), додека Вардар е сè подалеку од зоната за опстанок откако загуби минимално на гостувањето во Струмица од Брера (0-2).

Воска со високи 4-0 триумфираше над Брегалница, додека Работнички и Македонија ЃП ги поделија бодовите играјќи 1-1.

ПМФЛ – 29 коло резултати:

Брера – Вардар 2-0

Работнички – Македонија ЃП 1-1

Шкендија – Гостивар 4-1

Шкупи – Тиквеш 3-2

Струга – Слекс 2-3

Воска – Брегалница 4-0.

Табела: Струга 58, Шкупи 58, Шкендија 55, Силекс 41, Тиквеш 39, Брера 37, Гостивар 37, Работнички 35, Воска 34, Вардар 29, Македонија ЃП 26, Брегалница 26.

Продолжува посетата на Вархеји на Србија

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ја продолжува тридневната посета на Србија, каде ќе има средби со високи претставници во Белград и ќе посети одредени институции во Нови Сад и Суботица.

Вархеји денеска ќе присуствува на потпишувањето на договорот за грантови донирани од Европската Унија за втората фаза од програмата „Обновливи извори на енергија - развој на пазарот на биомаса во Република Србија“ во Владата на Србија.

Тој ќе присуствува и на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за формирање на Советот на европските бизнис асоцијации и стопански комори во Србија.

Вархеји денеска во Белград одвоено ќе разговара со српскиот премиер Милош Вучевиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ како и со неколку други членови на Владата

Вархеји вчера имаше средба со претседателот Александар Вучиќ, по што изрази надеж дека Србија ќе стане членка на ЕУ пред крајот на мандатот на следната Европска комисија во 2029 година, пренесе Бета.

Вархеји утре ќе разговара со претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе има одвоени средби и со шефовите на пратеничките групи на владејачките и опозициските партии.

Од Србија, Вархеји заминува за Црна Гора, каде в четврток во Котор ќе учествува на самитот на лидерите од Западен Балкан и претставници на ЕУ и САД, на кој ќе се разгледува Планот за раст на Западен Балкан.

Патријархот Порфириј доби забрана за влез во Косово, остри реакции од Белград

Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово.

Властите во Приштина му забранија на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфириј и на седумте епископи кои го придружуваат да влезат во Косово, каде што за денеска беше закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќката патријаршија.

-Патријархот требаше да пристигне на Косово во попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре, од Приштина стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.

Пеќката патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.

Директорот на Канцеларијата, Петар Петковиќ, рече дека, согласно сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „спротивно на сите договори, (косовскиот премиер Албин) Курти негираше можност патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поддршка на својот народ и верници.

Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и вели „дека и самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.

-Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе, наведе Порфириј.

Косовското Министерство за надворешни работи потврди дека го одбило барањето на патријархот на СПЦ да ја посети Патријаршијата во Пеќ, пренесоа косовските медиуми.

Забраната на косовските власти на поглаварот на Српската православна црква предизвика бројни реакции во Белград, при што најчеста оценка е дека тоа е „срамен“ и „нецивилизиран чин“, и „уште еден во низата потези со кои официјална Приштина ја покажува својата позиција и нетрпеливост кон Србите и Белград“.

Српската православна црква ја оквалификува одлуката како - „неразумна“.

Блинкен пристигна во Украина

Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен денеска пристигна во Киев во прва посета на висок американски функционер на Украина откако Конгресот го одобри долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за земјата минатиот месец.

Посетата има за цел да ја покаже солидарноста на САД со Украина додека таа се бори со тешките руски бомбардирања на нејзината североисточна граница.

-Блинкен, кој пристигна во Киев со воз рано утрово, се надева дека ќе „испрати силен смирувачки сигнал до Украинците кои се во многу тешко време. Секретарот ќе разговара за тоа како нашата дополнителна помош ќе помогне да се зајакне нивната одбрана и да им се овозможи да преземат иницијатива на бојното поле, рече американски функционер кој сакаше да остане анонимен за посетата на Блинкен.

Блинкен ќе се обиде да ги увери украинските официјални лица, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, за континуираната американска поддршка и ќе одржи говор фокусиран на иднината на Украина, рече претставникот. Тоа е негова четврта посета на Киев од почетокот на војната меѓу Русија и Украина.

притисни ентер