Поднесе оставка министерот за надворешни на Латвија- се возел во скапи приватни авиони

Министерот за надворешни работи на Латвија Крисјанис Каринс објави дека се повлекува поради обвинувањата за трошење народни пари во врска со скандалот со чартер летови.

Каринс денеска по средбата со премиерката Евика Силина објави дека на 10 април ќе поднесе оставка од функцијата. Парламентот веќе следниот ден може да одлучи за неговиот наследник.

Каринс беше критикуван за чартер летовите за време на мандатот на премиерот. Тој ја водеше латвиската влада од 2019 до 2023 година, а во тој период леташе околу триесет пати со приватни авиони наместо со поевтини, редовни линии.

Латвиското државно обвинителство минатата недела започна истрага за можното трошење јавни средства.

Каринс ги негира обвинувањата, тврдејќи дека летовите биле неопходни за да се заштеди време или за да може да се врати во земјата што е можно поскоро за работа поврзана со владата.

Силина рече дека Каринс ја презел политичката одговорност и дека се уште не знае кого ќе назначи за негов наследник.

Блинкен се очекува во Саудиска Арабија на самит за глобална економија и за Газа

Највисокиот дипломат на Вашингтон е меѓу лидерите кои се очекуваат на економскиот самит организиран од Саудиска Арабија, што треба да почне в недела, со силен фокус на тешката војна во Газа, рекоа организаторите.

„Американскиот државен секретар Антони Блинкен „ќе дојде директно од неговите посети во Кина и на пат за Израел“, рече Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум на прес-конференција денеска во Ријад.

Други учесници на дводневниот специјален состанок се палестинскиот претседател Махмуд Абас и министрите за надворешни работи и премиерите од целиот Блиски Исток и од Европа.

Тие вклучуваат министри за надворешни работи од Франција, Германија, Обединетото Кралство и ЕУ и премиери од Катар, Јордан, Египет и Ирак, се вели во соопштението на СЕФ.

„Вкупно 12 шефови на држави и влади се појавуваат меѓу повеќе од 1.000 учесници“, рече Бренде.

Лукаревска: И на 8 мај, и по 8 мај, ќе покажеме и докажеме дека СДСМ има луѓе

И на 8 мај, и по 8 мај, ќе покажеме и докажеме дека СДСМ има луѓе кои никогаш нема да отстапат од социјалдемократските вредности за слобода, правда, еднаквост и просперитет за сите граѓани, за сигурна и безбедна иднина.

“Денеска е 27 април, точно седум години од "крвавиот четврток" во македонското собрание.

Слободата и демократијата што ја имаме и живееме во изминатите седум години имаат своја цена. Сите големи успеси на СДСМ и на сите прогресивни граѓани имаат висока цена, ама вредеше, некои работи не смеат да се заборават, за да не се повторат. Затоа ние остануваме со граѓаните, со сите вас кои што верувате во единствениот исправен пат за државата, во членството во Европската Унија како најцврста гаранција за сигурна и безбедна иднина. Само заедно можеме да ја оствариме таа цел, зашто е наша, заедничка”, изјави носителката во третата изборна единица, Сања Лукаревска.

Лукаревска истакна дека СДСМ е голема, силна партија, која што секогаш донесувала правилни одлуки за сигурна иднина на државата.

“Никогаш нема да се откажеме од нашите социјал- демократски вредности за слобода, правда, еднаквост и просперитет за сите граѓани, без поделби и раздор, без крвави сценарија. Ние веруваме во заедничка, подобра, европска иднина за сите граѓани. И на 8 мај, и по 8 мај, ќе покажеме и докажеме дека СДСМ има луѓе кои никогаш нема да отстапат од нашите вредности, ги браневме и ќе продолжиме со истата посветеност, за нас нема друг пат. Да продолжиме заедно, да покажеме одлучност, можеме, како и пред седум години, заедно со сите прогресивни граѓани за сигурна и безбедна иднина”.

изјава од носителот на ИЕ3 Сања Лукаревска

притисни ентер