Православните верници го слават Велигден

 Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. 

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе! Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето нè потсетува на крвта Христова и спасението.

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Величетврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Величетврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Величетврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца. Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос воскресе. Потоа му раскажала за сè што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето. Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос воскресе – вистина воскресе!

Објавен петтиот том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“

Објавен е петтиот том на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, најново издание на Александар Стеванов – графички дизајнер, наградуван стрип-сценарист и хроничар на македонскиот стрип.

Како што информира авторот, во книгата се истражува и прибележува деветтата уметност на македонско тло, овојпат детално обработена го периодот од 2016 до 2019 година.

На вкупно 64 страници во боја, формат А4, во изданието се опфатени речиси 270 хронолошки единици, кои збирно го осведочуваат овој период како врвна точка на домашното стрип-издаваштво. Опфатени се стрип-албуми и списанија за стрип објавени кај нас, одржани стрип-работилници, фестивали и изложби, гостувања на македонски стрип-автори на манифестациите во странство, како и освоени награди на стрип-фестивалите во земјава и во регионот.

- Станува збор за зафат од капитално значење, изведен за сега, еве и во нејзиниот петти дел, поточно во публикациите со различни дијахрониски опфати: првиот дел опфаќајќи го периодот 1990 – 1999 година, вториот 2000 – 2007, третиот 2008 – 2011, четвртиот 2012 – 2015 година... сѐ додека својот историски проект Стеванов не го доведе до наши дни, пишува истакнатиот писател Томислав Османли во предговорот кон изданието.

Како и претходните четири тома, и овој петти том на „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ излегува со поддршка на Министерството за култура.

Почнувајќи од наредната недела изданието ќе биде дистрибуирано во библиотеките ширум земјава, најпрво во НУБ „Св. Климент Охридски“, а во скоро време се очекува да има промоција. /МИА

Кике Санчез Флорес ја напушта сезоната на крајот од сезоната

Тренерот на Севилја, Кике Санчез Флорес, ќе ја напушти функцијата по завршувањето на сезоната, соопшти прес-службата на шпанскиот клуб.

Педест и деветгодишниот Шпанец е на чело на Севилја од декември минатата година. Под негово водство, тимот одигра 23 натпревари, забележа 11 победи, четири пати ремизираше и загуби на девет средби.

Севилја по 36 кола се наоѓа на 12. место во шпанската Ла Лига со 41 бод.

Во 37. коло Севилја утре во 19 часот ќе се соочи со Атлетико Билбао на гостински терен. /МИА

Во Појасот Газа за еден ден загинале 83 луѓе

 Според Министерството за здравство во Газа во изминатите 24 часа при израелските напади во Појасот Газа загинале 83 луѓе.

Во војната помеѓу Израел и Хамас вкупно загинале 35.386 луѓе

Од почетокот на војната на 7 октомври минатата година повредени се 79.366 лица.

Најголемиот број од жртвите се деца и жени. /МИА

притисни ентер