Претпладне сончево, од пладне можност за краткотраен пороен дожд

 Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и во делови од регионот со услови за краткотраен пороен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степен Целзиусови.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од утре следува период на стабилно и топло време, а дневните температури ќе бидат повисоки за 3 до 5 степени.

Отворени избирачките места во Охрид и Дебрца, гласањето се одвива непречено

 Во општините Охрид и Дебрца сите избирачки места се отворени, а гласањето и изборниот процес се одвива непречено и без какви било нерегуларности.

Според информациите од ОИК во Охрид, отворени се сите 87 избирачки места, така што граѓаните можат непречено да го дадат својот глас за еден од двајцата кандидати за претседател на државата, како и за некоја од листите за пратеници во Парламентот. Според ОИК, задоцнување во отворањето на гласањето имало само на едно избирачко место и тоа поради технички причини. Откако биле отстранети причините изборниот процес се одвива непречено.

Како што информираат од ОИК Дебрца, отворени се и сите 23 гласачки места во атарот на Општината, а гласањето се одвива непречено.

Во главниот избирачки список за денешните Парламентарни избори во Охрид се запишани 51.865 избирачи додека за вториот круг од Претседателските 51.717 избирачи, информираат од ОИК. Разликата во бројката на запишани избирачи е поради тоа што 148 од првиот круг од Претседателските избори стекнaлe полнолетство и тие имаат право да гласаат само на Парламентарните избори. Што се однесува на гласањето вчера, правото не го искористиле едеинаесет од вкупно пријавените 239 избирачи.

Според главниот избирачки список, за Парламентарните избори во Дебрца е запишани 4.001 избирач, додека за вториот круг од Претседателските избори 4.009. Во текот на вчерашниот ден своето право на глас го искористиле 33 од 34-те пријавени изнемоштени и лица со посебни потреби од Дебрца.

„АстраЗенека“ ја повлекува од пазарот во ЕУ својата вакцина против Ковид-19

„АстраЗенека“ ја повлекува од пазарот во ЕУ својата вакцина против Ковид-19, неколку месеци по признавањето за нуспојави.

Британско-шведската фармацевтска компанија „АстраЗенека“ објави дека ја повлекува вакцината против Ковид-19 неколку месеци откако пред судот во Лондон призна дека вакцината може да предизвика ретки и опасни несакани ефекти.

Вакцината повеќе не може да се користи во Европската унија, откако компанијата доброволно го повлече одобрението за ставање во промет. Барањето за повлекување на вакцината беше поднесено на 5 март и стапи на сила во вторник. Слични пријави ќе бидат направени во наредните месеци во Велика Британија и други земји кои ја одобриле вакцината, позната како „Вакзеврија“.

„АстраЗенека“ соопшти дека вакцината е отстранета од пазарот од комерцијални причини и дека повеќе не се произведува или испорачува, бидејќи е заменета со ажурирани вакцини кои се ефикасни против новите соеви на Ковид-19, пренесува британски „Телеграф“.

„Ваксеврија“ е под интензивна контрола во последниве месеци поради многу редок несакан ефект, кој предизвикува згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити во крвта.

Русија утринава почнала масовен ракетен и напад со дронови врз Украина

„На Денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна, нацистичкиот Путин изврши масовен ракетен напад врз Украина“, напиша утринава украинскиот претседател Володомир Зеленски на мрежата Х.

Според Зеленски, над 50 ракети и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед утринава ја гаѓаа инфраструктурата во областите Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск.

„Сите неопходни служби веќе работат на ублажување на последиците од рускиот терор“, додаде тој.

„Цел свет мора да разбере кој е кој. Светот не смее да му даде шанса на новиот нацизам“, напиша Зеленски на мрежата Х.

притисни ентер