Рама в недела ќе одржи собир во Атина

Албанскиот премиер Еди Рама в недела ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји.

Албанскиот премиер Еди Рама в недела ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји, а министерот за надворешни работи на Грција, коментираше дека посетата е во несоодветен момент, јави дописничката на МИА од Атина.

За посетата на Атина, која како што самиот премиер на Албанија напиша на платформата Икс, не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека завчера, официјално биле информирани за посетата на Рама, но не и за местото каде што ќе се одржи настанот.

Според медиумите во Грција, најверојатно попладнево бил постигнат договор собирот да биде во затворена спортска сала.

Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкото радио „Скај“ утрово коментираше дека се работи за приватна посета, а не за посета што доаѓа на покана на грчката Влада, без каква било формалност, а сето она што се однесува на организирањето е во надлежност на албанската страна.

-Грција е земја која длабоко ја има воспоставено својата демократска свест, длабоко воспоставено функционирање на владеењето на правото. Сите сфаќаме дека никогаш не би можело да се постави пречка на кој било странски лидер да дојде да ѝ се обрати на својата дијаспора, на своите сонародници. Што значи дека ние никогаш не би покренале прашање. Она што е навистина точно е несоодветниот момент на оваа посета, со оглед на фактот што од една страна албанските избори нема да се одржат пред 2025 година, а од друга страна веќе сме во предизборен период во пресрет на европските избори, рече Герапетритис.

Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија.

Високиот Суд во Лондон одлучува за екстрадиција на Асанж во САД

Џулијан Асанж денеска ќе се соочи со следната фаза од неговата правна битка околу екстрадицијата во САД пред Високиот суд во Лондон, јави ДПА.

На основачот на Викиликс му се заканува екстрадиција во САД поради наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана по објавувањето на стотици илјади протечени документи во врска со војните во Авганистан и Ирак.

За време на дводневното рочиште во февруари, адвокатите на 52-годишникот побараа дозвола за да го оспорат отфрлањето на поголемиот дел од неговиот случај од страна на судиите за да се спречи негова екстрадиција.

Во март, судиите Викторија Шарп и Џастис Џонсон ги отфрлија повеќето правни аргументи на Асанж, но рекоа дека доколку САД не дадат гаранции, тој ќе може да поднесе жалба по три основи.

Гаранциите се однесуваа на тоа дека Асанж ќе биде заштитен и ќе му биде дозволено да се потпре на Првиот амандман – кој ја штити слободата на говорот во САД – дека нема да има „предрасуди при судењето“ поради неговата националност и оти нема да има смртна казна.

Минатиот месец, двајцата судии потврдија дека САД му дале гаранција на судот и го закажаа сослушувањето за денеска кога се очекува адвокатите на САД и Асанж да изнесат аргументи за гаранциите.

Доколку судиите утврдат дека гаранциите се задоволителни, се очекува да биде одбиена можноста на Асанж за конечна жалба во Велика Британија, и ќе биде наредена негова екстрадиција.

Доколку гаранциите не се сметаат за задоволителни, на Асанж ќе му биде дозволено да ја поднесе жалбата до Високиот суд.

Сослушувањето пред Викторија Шарп и Џастис Џонсон ќе почне денеска во 10.30 часот по локално време.

Едно лице загина, две се повредени во сообраќајка на автопатот Куманово-Скопje

Едно лице загина, две се повредени во сообраќајка што се случи вчера на автопатот Куманово-Скопје.

Едно лице го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи вчера на автопатот Скопје-Куманово во атар на Агино село, а две лица се повредени, соопшти денеска МВР.

- Вчера околу 15:00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, атар на село Агино село, Кумановско, патничко возило „субару импреза“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од шеесет и четиригодишниот И.А. од Куманово, излетало од коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал сопатникот Б.Н. од Куманово, а лекар од Итна медицинска помош Куманово констатирал смрт, соопшти МВР.

Возачот И.А. и сопатничката Д.Н. се здобиле со телесни повреди констатирани во општа болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција. На сообраќајната несреќа интервенирала и противпожарна единица.

ЕУ изрази сочувство за смртта на иранскиот претседател

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел изрази сочувство во име на Европската унија по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во хеликоптерска несреќа.

- ЕУ го изразува своето искрено сочувство за смртта на претседателот Раиси и министерот за надворешни работи Абдолахиан, како и другите членови на нивната делегација и екипажот во хеликоптерска несреќа, напиша Мишел на Х.

- Нашите мисли се со семејствата, додаде тој.

Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан беа меѓу деветте лица кои загинаа кога нивниот хеликоптер се урна во планинскиот северозападен дел на Иран при лоши временски услови.

притисни ентер