РКЕ: Само 2,75 отсто од струјата е од увоз, на праг сме до енергетски независна држава

 По 32 години независна република, конечно можеме да соопштиме дека сме на праг до енергетски независна држава кога е во прашање електричната енергија. 

Само 2,75 проценти од потребите за електрична енергија е обезбедена од увоз изминатата година, покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2023 година што Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) го достави до Собранието на Република Македонија, соопштија денеска од РКЕ.

- По 32 години независна република, конечно можеме да соопштиме дека сме на праг до енергетски независна држава кога е во прашање електричната енергија. Податоците покажуваат дека Eldorado-то на инвестиции во фотонапонски централи, каде има пораст во инсталираниот капацитет за 251 проценти во споредба со 2022 година, го стопи увозот од 30 проценти на 2,75 проценти. Овој успех има сеопфатно влијание, како кон енергетска транзиција, така и кон финансиските текови преку намалувањето на дефицитот, посочил Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, се наведува во соопштението.

Во 2023 година, се додава, се регистрирал раст на извоз на нафтените деривати при што кај бензините имало забележителен раст на извезените количества за 139,53 проценти во однос на 2022 година, кај млазното гориво извозот е зголемен за 38,41 проценти и кај дизел горивата извозот има раст од 2,31 проценти, што е потврда, се подвлекува, дека во земјава има горива со најниска цена.

Како што стои во соопштението од РКЕ, останува високо нивото на неприходуваната вода од 62,29 процент поради кој РКЕ инсистира да и се даде во целост надлежноста за регулирање на крајната цена на вода.

Серија од 49 земјотреси во регионот на Неапол, најголем број во последните 40 години

Серија од 49 земјотреси се регистрирани синоќа во близина на Неапол, во јужна Италија, без поголема материјална штета, но предизвикало паника кај населението, соопштија тамошните власти.

Според Националниот институт за геофизика и вулканологија, тоа е најголемата серија земјотреси во последните 40 години.

Земјотрес со јачина од 4,4 степени е регистриран во 20 часот и 10 минути на длабочина од 2,5 километри, соопшти Институтот.

Неколку минути претходно имаше земјотрес со јачина од 3,5 степени по Рихтер, проследен со десетици последователни потреси.

Институтот соопшти дека серијата земјотреси започнале синоќа точно во 19 часот и 51 минута во Флегранските полиња кај Неапол, што е вулканска зона во Италија.

Во таа зона на земјотресот живеат околу половина милион луѓе, а за денеска беше соопштено дека училиштата ќе бидат затворени, додека се отворени прифатните центри и се поставени шатори на неколку паркинзи.

Флегранските полиња, чија ерупција пред 40.000 години влијаеше на климата на планетата, ги загрижува локалните жители и научниците поради обновувањето на нивната активност поради гасовите што ги испушта магмата, што влијае на пукањето на површината на почвата.

Сценариото за катастрофа, односно исфрлање лава, пепел и камења, е малку веројатно, сепак во блиска иднина, велат експертите.

Иџет Мемети осомничен за поткупот во случај на екс градоначалник

Синоќа, по наредба на судија на претходна постапка направен е претрес во Тетово во домот на Иџет Мемети членот на советот на обвинители , и претрес во службените простории на советот на јавни обвинители. 

Сомнежот е дека истиoт заедно со осомничениот судија Наке Горгиев имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности за екс градоначалникот кој е во притвор Боро Стојчев.

Иџет Мемети важи за близок до ДУИ, и беше во два мандати народен правобранител. Тој е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.

Во текот на денот се очекува какви мерки ќе бидат определени против Мемети.

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

притисни ентер