Руси поставија светски рекорд со скок со падобран

Истражувачи од Русија минатата недела поставија светски рекорд со скок со падобран спуштајќи од Земјината стратосфера над Северниот Пол. 

Мисијата служеше и како тест за нов прототип на комуникациски систем за употреба на Арктикот, изјави денеска организаторот Никита Цаплин.

Падобранците Михаил Корниенко, Александар Линик и Денис Јефремов скокнаа од авион „Иљушин-76“ на височина од 10.500 метри и слободно паѓаа две и пол минути пред да ги отворат своите падобрани на 1.000 метри од земјата. Сите тројца падобранци паѓаа со брзина од повеќе од 300 километри на час, на температура некаде и околу -50 Целзиусови степени, според Цаплин.

Михаил, Александар и Денис слетале во близина на руската поларна база „Барнео“.

Инаку, стратосферата е слој од атмосферата на Земјата којшто се протега од 10 километри (околу 8 километри на Земјините полови) до 55 километри. Комуникациите на Арктикот ќе стануваат сè поважни бидејќи Русија, САД и Кина се натпреваруваат за ресурси, трговски патишта и воена предност.

- Нашето решение засега е прототип, но сепак се поврзавме со сателитот од нашиот сервер и го извршивме преносот на податоци... Направивме мали чекори во таа насока и тоа беше нашата задача, рече Цаплин.

Компанијата, или системот „Иридиум“ - именувани по реткиот хемиски елемент, работи така што сателитите за комуникација се поставуваат во ниската орбита на Земјата - на височина од околу 781 километар (наместо вообичаените 33.000 км). На тој нов современ начин податоците се пренесуваат на помалите компактни уреди за илјадити дел од секундата. /МИА

Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс се меѓу 20-те авиокомпании под истрага од ЕУ

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од ЕК. /МИА

Приведени 14 државјани на Србија кои измамиле германски државјани за милион евра

Четиринаесет лица во Србија се приведени поради меѓународна измама преку „кол-центри“ во кои се оштетени неколку германски државјани за сума од околу еден милион евра, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Србија.

Како што се наведува во соопштението на МВР, на барање на Германија, припадници на полицијата и на Службата за борба против високотехнолошки криминал при Техничката управа учествувале во меѓународна полициска акција, а се однесува на измама извршена од меѓународно организирана криминална група.

При претрес на станови и други простории на 22 локации, од кои две се на територијата на Ниш и девет на територијата на Нови Пазар, пронајдени се доказни предмети./МИА

Црн лебед во грчката река Еврос

 Единицата за управување со Националните паркови во областа Еврос во североисточниот дел на Грција, додека спроведувала научно набљудување на делтата на реката Еврос наишла на ретка и невообичаена појава – црн лебед, јави дописничката на МИА

Црниот лебед воопшто не е својствен за Грција и затоа е непознато како воопшто се нашол во реката.

Најзастапен е во Австралија и Нов Зеланд, а живее во реки, големи езера, лагуни, а понекогаш и по должината на бреговите.

-Вработените во единицата за управување ги пречка пријатно изненадување бидејќи при научно набљудување на делтата на Еврос забележаа црн лебед, напишаа на Фејсбук од надлежните за Националниот парк објавувајќи фотографии од ретката појава.

притисни ентер