Русија и Кина планираат да постават нуклеарен реактор на Месечината

Русија започна со развој на нуклеарна централа за планираната заедничка лунарна станица со Кина, изјави Јуриј Борисов, шеф на руската вселенска агенција Роскосмос.

Борисов, поранешен заменик-министер за одбрана, во март изјави дека Москва ја разгледува идејата за напојување на електраната со нуклеарна енергија.

„Русија и Кина ја разгледуваат можноста за поставување нуклеарен реактор на Месечината во периодот од 2033 до 2035 година, што еден ден ќе овозможи изградба на лунарна населба“, изјави тогаш Борисов.

„Сериозно го разгледуваме проектот за испорака и инсталирање енергетски реактор на површината на Месечината заедно со кинеските колеги“, изјави Борисов.

Во Русија моментално се активни 11 нуклеарни централи, додека во Кина се активни 55 нуклеарни реактори.

Борисов во март рече дека соларните панели нема да можат да произведат доволно електрична енергија за напојување на идните населби на Месечината, додека нуклеарната енергија би можела.

Тој додаде дека тоа е голем предизвик и треба да се направи без човечко присуство. Борисов потврди и дека Русија планира да изгради товарен вселенски брод на нуклеарен погон.

Иранската влада свика итен состанок по смртта на Раиси

Иранската влада за денеска свика итен состанок по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на земјата Хосеин Амир Абдолахиан во хеликоптерска несреќа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Според фотографијата што ја објави агенцијата, столицата на која обично седи Раиси е празна и покриена со црна лента во спомен на претседателот.

Иранските државни медиуми емитуваат исламска молитва меѓу извештаите за смртта на Раиси и уште осум други лица откако хеликоптерот со кој патуваа се урна во иранската провинција Источен Азербејџан.

На профилот на Раиси на Х се објавени стихови од Куранот.

„Мир со Ебрахим. Навистина, така ги наградуваме оние што прават добро. Тој беше еден од нашите верни слуги“, се вели во стиховите од Куранот на профилот на Раиси.

Раиси беше втората најмоќна фигура во политичката структура на Иран по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

Во Мексико девет лица загинаа во два напада врз кандидати за локалните избори

Девет лица загинаа во два напада врз кандидати на локалните избори на 2 јуни во Чиапас, јужно Мексико, соопшти синоќа обвинителството во тој регион познат по организираниот криминал.

Еден од двајцата кандидати е повреден во нападите што се случија ноќта меѓу саботата и неделата, се наведува во соопштението.

Чиапас веќе неколку дена е цел на напади врз кандидатите за општинските избори.

Од септември, најмалку 28 кандидати за локална функција се убиени низ Мексико, според најновите податоци на невладината организација Дата Сивика.

Насилството ги погодува сите партии и владејачката левичарска Морена, како и опозициските партии и коалиции.

Нарко картелите и организираните криминални банди сакаат да „наметнат кандидати“ на изборите, изјави неодамна локалниот обвинител.

Според него, начинот на работа е речиси ист. „Криминалците избираат кандидат и им даваат до знаење на другите дека немаат право да се кандидираат“, рече тој.

На 2 јуни, Мексико се подготвува да ги одржи најголемите избори во својата историја - претседателски, парламентарни, регионални и локални.

Во руски напад врз областа Харков загинаа 11 лица

 Русија погоди одморалиште во близина на Харков и ги нападна околните села, при што загинаа најмалку 11 луѓе, а повеќе се повредени.

Ракетните напади се најнови во серијата континуирани руски напади во последните недели врз регионот на вториот по големина град во Украина во североисточна Украина, каде руските сили започнаа офанзива.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги повика западните сојузници да испратат дополнителни системи за воздушна одбрана во Киев за да го заштитат Харков и другите градови.

„Светот може да го запре рускиот терор, а за да се направи тоа, мора да се надмине недостигот на политичка волја меѓу лидерите“, напиша Зеленски на Телеграм.

„Два 'Патриота' за Харков можат да направат темелна разлика. Системите за противвоздушна одбрана за другите градови и дополнителната поддршка за војниците на фронтот ќе го осигураат поразот на Русија, додаде Зеленски.

притисни ентер